Има огромна одбивност од работниците кон нископлатените работни позиции, особено во трудоинтензивните дејности, како што се текстилната, преработувачката и кожарската индустрија, што и не е некоја новина, но добива поголеми размери поради ниската минимална плата, велат претставници на агенциите за вработување
Благ пад на бројот на работниците во индустриските дејности регистрира Државниот завод за статистика во текот на март, што, според упатените, се должи на фактот дека тие масовно ги избегнуваат нископлатените работни места, особено во трудоинтензивните дејности.
Последните анализи на Државниот завод за статистика покажуваат дека индексот на бројот на работниците во индустријата во март 2019 година, во однос на истиот месец 2018 година, изнесува 99,2, односно има намалување на бројот на работници. Притоа е констатирано дека бројот на работниците во секторот преработувачка индустрија бележи пад од 0,9 отсто, додека во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација има пад од 0,4 проценти.
– Имаме огромна одбивност од работниците за работа на нископлатени позиции, особено во трудоинтензивните дејности, како што се текстилната, преработувачката, кожарската индустрија. Ова не е нова појава, но добива сѐ поголеми размери, најмногу поради ниската минимална плата. Никој не сака да работи за толку ниска плата, а токму тоа е причината за намалувањето на бројот на работниците во индустриските гранки – вели Раде Ненадиќ од агенцијата за привремени вработувања „Партнер“.
Тој посочува дека голем ефект или подобрување на состојбите на терен со мерките што ги презема Владата за пораст на минималната плата нема да има, бидејќи од една страна порастот на платата е многу мал за да предизвика внимание, а од друга страна ниту компаниите не покажуваат голем интерес за субвенциите, бидејќи имаат и дополнителни обврски за нивното користење.
– Сметам дека не е проблемот до субвенциите и нема потреба од такви активности, бидејќи во капиталистичко општество тој што работи и има пари опстојува, тој што не заработува затвора. Сметам дека на никој од работодавците што се бунат за покачување на минималната плата за 500 денари не му е до парите што треба да ги издвојат за пораст на платите, бидејќи ако им е дојдено до тие пари, веќе ќе затвореа. Едноставно, блефираат за да не дадат повеќе пари за работниците. Нашите работодавци се научени да даваат мали плати и едноставно не сакаат да дозволат тие да пораснат – појаснува Ненадиќ, додавајќи дека минималната плата во земјава треба да е најмалку 15 илјади денари и дека за сегашниот минималец никој не сака да работи.
Ненадиќ истакна дека од воведувањето на минималецот во 2009 година, сумата воопшто не е порасната, што не е случајот со другите земји во наша околина и дека веќе сме на самото дно според висината на платите во земјава.
– Деновиве беше објавена анализа за висината на платите во регионот и Македонија се најде на последното место. Сите земји што беа зад нас, нѐ претркаа. Сега имаме убедливо најниски плати. Според мене, уште пострашно е што недостига реакција од синдикатите – потенцира Ненадиќ.
Во анализата на ДЗС исто така е наведено дека индексот на бројот на работниците во индустријата во периодот јануари – март 2019 година, во однос на истиот период 2018 година, изнесува 100.4.
– Се работи за индекси на бројот на вработени, а податоците ги собира ДЗС според одредена методологија, која почива најмногу на анкетирање на деловните субјекти. Сметаме дека е најдобар показател споредбата на периодот јануари-март 2019 во однос на истиот период претходната година. Во овие податоци нема големи осцилации во индексите на бројот на вработени, освен за исклучоци, како што е на пример производство на кожа и слични производи. Значи, бројот на вработените во индустријата незначително варира во зависност од обезбеденоста со работа и/или сезонски осцилации, што влијаат кај одредени дејности, како на пример производство на тутунски производи – појаснуваат од Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство (СИЕР).
Тие укажуваат дека нема индикации за тренд на намалување на бројот на вработени во индустријата и дека не се очекува таква тенденција во следниов период.
– Бројот на вработени во индустријата не се очекува да се намалува, такви индиции не сме сретнале. Напротив, за одредени индустриски дејности се чувствува недостиг од работници со одредени занимања. Недостигот би се почувствувал уште посилно ако се ефектуираат најавените нови директни странски инвестиции – истакнуваат од СИЕР.
СКМ: Падот е минорен
Претставниците на Стопанска комора на Македонија сметаат дека падот на работниците во индустријата што го регистрира ДЗС е минорно намалување од нецел процент, при што истото тоа е сезонско и најмногу се забележува кај одредени трудоинтензивни потсектори. Притоа треба да се има предвид дека, според кумулативниот индекс, за првиов квартал годинава наспроти истиот период минатата година, бројот на работниците во индустријата е зголемен за 0,4 отсто.