Илон Маск е честопати воспеван како иновативна личност која не знаеше речиси ништо за производство на автомобили, а денес, по 16-годишна работа, го поседува најскапиот произведувач на автомобили во светот, пренесува „Ројтерс“.
Но, неговото минато покажува дека тој е многу повеќе од личност која брзо учи. Маск влезе во соработка со фирми кои ја имаа технологијата што ѝ недостасуваше на „Тесла“, вработи некои од најталентираните луѓе на планетата, а потоа се избори со пречките кои ги кочеа другите партнери што не сакаа да ризикуваат.
Сега, Маск и неговиот тим се подготвуваат да ги преземат потребните чекори за „Тесла“ да стане самостојна компанија, помалку зависна од инвеститори. Повеќе детали ќе бидат соопштени на настанот „Ден на батеријата“ кој ќе се одржи во вторник.
Маск долго време навестуваше дека „Тесла“ се обидува да произведе батерии со ниска цена, а кои ќе бидат долготрајни, што би можело да ги стави нивните електрични автомобили на подеднакво ниво со поевтините, бензински возила. Новите дизајни на батерии, хемиските и производствени процеси ќе овозможат „Тесла“ да ја намали зависноста од својот долгогодишен партнер за батерии, јапонскиот „Панасоник“.
– Нема промени во нашите односи со „Тесла“. Нашата соработка, во минатото и денес, е добра. „Панасоник“ не е нивен снабдувач, ние сме партнери. Нема сомнение дека нашето партнерство ќе продолжи да иновира и да придонесува за подобрување на општеството – изјави портпарол на „Панасоник“.
Откога ја презеде новата компанија во 2004 година, целта на Маск беше да научи доволно преку партнерства, аквизиции и регрутирање на талентирани луѓе, и да ги стави клучните технологии под контрола на „Тесла“.
– Илон сака и смета дека може да подобри сѐ што снабдувачите прават – рече поранешниот извршен директор на синџирот на снабдување на „Тесла“, Том Веснер.
Батериите, кои се голем дел од цената на електричниот автомобил, се од централно значење за методот на Маск. Додека подредените во „Тесла“ со години се обидуваа да го разубедат во развивањето сопствени батерии за возилата, Маск продолжи да се движи кон таа цел.
– Кажете му некогаш „не“ за нешто на Маск и тогаш тој навистина сака да го стори тоа – рече поранешен вработен во компанијата.
Во 2011 година, Маск наредил еден тим да го проучи производството на батерии, но на крајот сепак започна соработка со „Панасоник“ во 2013 година. „Тесла“ сега планира да создава батерии со ниска цена, а исто така работи да обезбеди директно снабдување на клучни материјали за нивно производство, како што е никелот, истовремено развивајќи хемиски ќелии на кои повеќе нема да им биде потребен скап кобалт, како и високо автоматизирани процеси за побрзо производство.
Некои партнерства, сепак, не траеле долго. „Тесла“ соработуваше со израелскиот производител на сензори „Мобилај“ во 2014 година, делумно за да научи како да дизајнира систем за самостојно управување на возилата, што подоцна прерасна во нивниот автопилот.
„Мобилај“, која сега е во сопственост на „Интел“, исто така го препозна ризикот од споделување технологија со брз стартап-бизнис како што е „Тесла“, кој беше на работ на колапс на крајот на 2008 година и сега има вредност од 420 милијарди долари. Двете компании ја прекинаа соработката откако еден возач загина во 2016 година во несреќа со „Модел С“. Според нив, автопилотот на „Тесла“ не беше дизајниран да ги покрие сите можни ситуации, бидејќи тој е систем за помош на возачот, а не е автономен систем. Друга соработка која набрзо беше прекината беше онаа со „Енвидија“.
– Двете компании споделуваат заедничка стратегија за развој на возила дефинирани со софтвер, напојувани со компјутери со вештачка интелигенција со високи перформанси. Илон е многу фокусиран на вертикална интеграција и сакаше да произведува свои чипови – изјави Дени Шапиро, директорот за автомобилска индустрија на „Енвидија“.
Покрај партнерствата, Маск пред четири години се впушти во долг шопинг, купувајќи малку познати компании како што се „Громан“, „Пербикс“, „Ривиера“, „Компас“, „Хибар системи“, со цел брзо унапредување на стручноста на „Тесла“ во автоматизацијата. „Максвел“ и „СиЛион“ дополнително ја зголемија способноста на „Тесла“ во технологијата на батерии.
– Тоа е методот на Маск. Тој научи многу од тие луѓе, ги искористи информациите кои тие ги поседуваат, а потоа самиот ги усоврши и надгради – изјави Марк Елис, виш консултант кој опширно ја проучува „Тесла“.