Со поедноставување на процедурите за пријавување и за пресметување персонален данок, исплатувачите на приход, пред исплатата на приходот, задолжително поднесуваат електронска пресметка на приходот и на данокот и имаат обврска едновремено да извршат исплата на збирен налог за плаќање
Сѐ поголем број граѓани го комплетираат процесот за пријавување во електронскиот систем на Управата за јавни приходи за да добијат изработена годишна даночна пријава. Досега се регистрирале вкупно 380 илјади граѓани, а како што информираат од УЈП, бројот на регистрирани корисници на системот е-ПДД секојдневно се зголемува. Оттаму додаваат дека досегашниот интерес е на задоволително ниво, имајќи го превид фактот дека на крајот на октомври биле регистрирани само 36 илјади лица, а на почетокот на декември скоро 400 илјади лица.
– Обврската за регистрација на системот е-персонален данок треба да се заврши до 31 декември 2018 година. Со ова забрзано темпо на пријавување на граѓаните, очекуваме значително зголемување на бројот на корисници на системот – велат од УЈП.
Регистрацијата на системот е-персонален данок на Управата за јавни приходи се врши со намера на граѓаните што оствариле приходи, кои подлежат на оданочување со персонален данок, да им се достави годишна даночна пријава, која ќе можат да ја потврдат или да ја коригираат. По завршување на даночниот период, УЈП врз основа на податоците за приходите и пријавениот персонален данок на доход, во согласност со евиденциите со кои располага, ќе пристапи кон изработување годишна даночна пријава, која ќе биде доставена до граѓаните за потврдување или за коригирање. Од управата посочуваат дека доколку годишната даночна пријава не биде потврдена, односно коригирана заклучно со 31 мај 2019 година, истата таа ќе се смета за потврдена.
– Со воведување на реформата за поедноставување на процедурите за пријавување и за пресметување персонален данок од 1.1.2018 година, исплатувачите на приход, пред исплатата на приходот, задолжително поднесуваат електронска пресметка на приходот и на данокот и имаат обврска едновремено да извршат исплата на збирен налог за плаќање. Во одредени случаи утврдени со закон, обврската за поднесување на електронската пресметка ја имаат примателите на приход. Со ваквиот начин на постапување, Управата за јавни приходи во реално време располага со податоците за остварените приходи на граѓаните и пресметаниот, односно платениот персонален данок на доход – објаснуваат од УЈП.
Како што веќе е објавено, граѓаните што остваруваат само приход од пензија исплатена од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување до 2024 година немаат обврска за потврдување на годишната даночна пријава.
– Правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице е уредено со Законот за социјалната заштита. Од аспект на оданочувањето, уредено е дека данок на доход не се плаќа на примањата по основа на помош за социјална заштита. Оттука, паричниот надоместок за помош и нега од друго лице не подлежи на пресметување и плаќање персонален данок, поради што не е вклучен во годишната даночна пријава и лицата што го остваруваат немаат обврска за потврдување или за коригирање на пријавата по оваа основа – додаваат од УЈП.
Во функција се ставени и мобилните екипи на УЈП, кои одат во домовите на граѓаните што се спречени лично да се пријават во даночните канцеларии на УЈП. За таа цел, претходно треба да се пријават во контакт-центарот на УЈП, а потоа нивни тимови ќе го посетат домот на лицата што побарале да се изврши регистрацијата. Мобилните екипи ги посетуваат државните и јавните институции, но и големите даночни обврзници и компаниите со поголем број вработени.