Поради долготрајноста на пандемијата, но и поради укажувањата дека се можни нови слични пандемии, треба сериозно да се размисли за постепено приспособување и преструктурирање на економијата кон слични предизвици, сугерираат универзитетски професори, истакнувајќи дека преструктурирањето на компаниите е тежок и скап процес, кој прво треба да го почнат надлежните институции, а потоа и претприемачите
Пандемијата и справувањето со падот на економијата предизвикан од рестриктивните мерки се претвораат во долг маратон, чиј крај сѐ уште, по се изгледа, е далеку. Новиот бран на ширењето на вирусот, мутациите, слабото темпо на вакцинација… ги отежнуваат и плановите за закрепнување на економијата. Состојбата, според упатените, бара реорганизирање и подобрување на начинот на функционирање на пазарите. Голем дел компаниите, сега веќе една година од почетокот на ковид-кризата, речиси немаат друг избор, освен да ги изменат своите деловни модели, да се преструктурираат и адаптираат на потребите на пазарот. Светските економисти укажуваат дека новите трендови наметнати од ковид-кризата може да влијаат врз целата индустрија и да отворат нови можности за компаниите со иновативен потенцијал.
– Кризата со пандемијата изгледа ќе потрае и повеќе од сите очекувања. Но и доколку биде „победена“ со масовната вакцинација, надлежните институции како Светската здравствена организација најавуваат дека сѐ повеќе ќе бидеме предизвикувани во иднина со вакви и слични пандемии! Во вакви услови, треба сериозно да се размисли за постепено приспособување и преструктурирање на економијата кон вакви и слични предизвици – вели универзитетскиот професор Абдулменаф Беџети.
Беџети, сепак, истакнува дека преструктурирањето е тежок и скап процес. Но наедно посочува дека прво надлежните институции, па потоа и самите претприемачи, треба постепено да се приспособуваат на новите околности.
– Засега, банкарскиот сектор е доста стабилен и со адекватен кредитен потенцијал, дури комерцијалните банки сѐ уште се во (пре)голема кондиција со ликвидност, т.е. имаат доволен кредитен потенцијал за финансирање нови идеи, проекти и иницијативи за реорганизирање. Проблемот останува кај оценувањето на ризикот на вакви зафати, поради што и цената на финансирањето кај нас, па и во регионот, е доста висока. Како и да е, треба благовремено да се работи на заемно усогласување на понудата и побарувачката. Улогата на дизајнирањето на монетарните и фискалните политики треба да расте во вакви околности – појаснува Беџети.
И професорот од универзитетот „Американ колеџ“, Томе Неновски, за „Нова Македонија“ објаснува дека преструктурирањето на компаниите ниту е едноставен ниту, пак, краткотраен процес.
– Преструктурирањето на компаниите не е можно да се направи со едноставен и краткорочно ефективен потег. За тоа е потребно исполнување на повеќе услови: време, пари, стручен кадар, опрема, технологија, соодветен пазар итн. Тоа, особено, е тешко изводливо во услови на силно изразена здравствена криза, во која демне неизвесноста за тоа дали и кога таа ќе заврши и дали во такви услови вреди да се врши преструктурирање, со голема неизвесност за крајниот ефект од таква акција на компаниите – објаснува Неновски.
Тој дополнува дека со враќање на здравствената сигурност, стопанските субјекти ќе можат да се вратат на претходниот колосек, но истакнува дека предвидувањата за стабилизирање на здравствената криза треба да се реализираат во практика, бидејќи, во спротивно, состојбите во економијата може дополнително да се влошат.
И претставниците на бизнис-заедницата укажуваат дека едно од решенијата на оваа „маратонска“ здравствена криза е преку преструктурирање на производството, но наедно истакнуваат оти поради присуството на неизвесноста, компаниите не можат да се одлучат на големи финансиски вложувања.
– Секоја компанија во вакви услови на намален обем на работа размислува и бара начини за преструктурирање на производството и наоѓање нови купувачи. Се разбира, тоа не е лесно, особено во услови на ваква светска пандемија. Текстилната индустрија се обидува производството на модни артикли, кои целосно се прекинати со производство, да го замени со шиење работна облека за болници, полиција, војска, железници и др.
Но ова се исто така ограничени можности, затоа што најчесто ваквата работа се добива на меѓународни тендери, кои траат долго и немаат континуитет во производството. Сметам дека ваквото приспособување не бара големи финансиски вложувања, туку само мали технолошки измени – објаснува Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија (ОРМ).
Сепак, Димитров истакнува дека во вакви услови на криза ретко кој работодавец се одлучува за финансиски вложувања, затоа што неизвесноста во некои гранки сѐ уште е многу голема.