Во рамките на проектот „Синдерела“, во кругот на фабриката „Макстил“ – Скопје, беа презентирани градежни материјали на база на секундарна суровина, што се добива при процесот на топење на старото железо, за ревитализација на деградиран простор во паркинг-плато и реконструкција на пристапен пат, како и преградни ѕидови изведени од монтажни бетонски блокови.
Овие активности, кои беа презентирани во „Макстил“ претставуваат реализација на дел од проектот „Нов бизнис модел на циркуларна економија за одржлив урбан развој и градба – „Синдерела“, кој го спроведува Градежен Институт Македонија (ГИМ).
За реализација на дел од активностите потребни за овој проект ГИМ склучи договор за деловно техничка соработка со „Макстил“ каде се постави пилот-постројка за механичка обработка на секундарна суровина – троска (црна и бела), која се добива како нус-продукт при процесот на топење на старото железо во фабриката.
Претходно во лабораториите на УГД Штип, ГИМ како и во други европски лаборатории, беа направени серија тестови со кои се докажа дека ваквите материјали потекнуваат од категоријата инертни материјали што не се штетни по животната средина.
За изградба на паркинг-платото со површина од 6.500 м2 и улица со површина од 2.150 м2, како агрегат за тампон и агрегат за асфалт беа искористени околу 11.000 тони обработена црна троска, додека за изградба на преградни ѕидови направени во фабриката „Карпош“, се користеа префабрикувани бетонски блокови изработени од бетон со додаток од 20 проценти бела троска како замена за цемент.
„Макстил го затвора кругот на циркуларната економија и ја постигнува зададената цел за нула отпад. На излезната страна, освен нашиот производ, челичниот лим, кој може целосно да се рециклира и кој учествува со 85,5% од излезот, како нуспроизводи имаме 10% црна троска, 2% бела троска, 1,5% коварина (железен оксид) и 1% филтерска прашина. Филтерската прашина се користи за понатамошна обработка (екстрахирање на цинк). Дел од коварината се враќа во нашето производство, останатиот дел се користи како делумна замена на железна руда во високи печки. Тоа што ни остануваше како секундарна сировина беше троската (бела и црна). Со овој проект го решаваме и ова последно прашање. Со добиениот сертификат за употреба и со пробната употреба докажуваме дека и овој наш нуспроизвод може целосно и безбедно да се употребува понатаму”, истакна Димитар Цветковски, претседател на Одборот на директори на „Макстил“.
„Синдерела“ е комплексен истражувачки и иновативен проект, финансиран од програмата „Хоризонт 2020“ на Европската Комисија, базиран на можностите за намалување на урбаниот индустриски отпад, кој има за цел развивање и демонстрирање нов бизнис модел на циркуларната економија. Проектот го реализира конзорциумот на тринаесет извонредни истражувачки институции и организации од седум европски земји, меѓу кои е и Градежен Институт Македонија.
Целите на циркуларната економија се насочени кон одржлив урбан развој и употреба на секундарни суровини во различни области. Во овој процес се поврзуваат различни индустрии, градежниот сектор, општинските услуги, носителите на одлуки и пошироката јавност.