Подобрувањето на меѓусебната железничка инфраструктурна поврзаност треба да биде од приоритетно значење за унапредување на меѓусебната соработка на нашата држава со соседните земји, што ќе придонесе за забрзување на вкупните транспортни операции меѓу земјите, а со тоа и за експанзија на обемот на билатерална стоковна размена и на количеството на стоката во транзит, велат од Стопанската комора на Северна Македонија

Капитални инвестиции во ЖЕЛЕЗНИЧКАТА ИНФРАСТРУКТУРА ВО соседството

Брзата пруга што ја планира Србија од Белград до Ниш, а од таму на југ до границата со Македонија ќе се гради со 700 милиони евра обезбедени од ЕУ, со што ќе се добие брз и поевтин транспорт на стоки и услуги, а со тоа ќе го поттикне и економскиот развој. Но каков е планот на македонските власти, дали треба да ги засукаат ракавите за да се пронајдат извори на финансирање за реализација на железничката инфраструктура, посебно од меѓународните финансиски извори, бидејќи многу инвестиции за модернизирање на овој сообраќај беа најавени, но во реалноста ситуацијата е поинаква. Македонија поради неразвиеноста на инфраструктурната мрежа не ја искористува предноста што ѝ е дадена. Експертите велат дека треба засилен ангажман и дека со развојот на железницата ќе се подобрат инфраструктурните услови за зголемување на странските инвестиции во нашата држава и ќе се отворат можности за подинамичен развоен циклус на Македонија и целиот регион.
– Инвестирањето во железничката инфраструктура позитивно би влијаел на социоекономскиот развој на земјата, резултирајќи со одржливи придобивки за населението, бизнисот и економијата, со оглед дека железничкиот транспорт има повеќе предности (релативен поевтин превоз на стока, можност за транспорт на кабасти стоки, брзина и слично). Подобрувањето на меѓусебната железничка инфраструктурна поврзаност треба да биде од приоритетно значење за унапредување на меѓусебната соработка на нашата држава со соседните земји, што ќе придонесе за забрзување на вкупните транспортни операции меѓу земјите, а со тоа и експанзија на обемот на билатерална стоковна размена и на количеството на стоката во транзит – велат од Стопанската комора на Северна Македонија.
Од СКСМ посочуваат дека во согласност со сегашната состојба пристапот до железничкиот транспорт на целата територија на државата не е добро утврден поради тоа што железничката мрежа има конекции со други железнички пруги само преку Коридорот 10.

– Всушност, железничките пруги во насоката исток – запад имаат последна станица што не е поврзана со железничка мрежа. Исто така, нема железнички врски со соседните железнички инфраструктури на Коридорот осум. Во меѓувреме, сопрена е и изградбата на пругата Куманово – Бељаковце, првата од трите фази на проектот за железничко поврзување во рамките на Коридорот осум со Бугарија. Оттука, сметаме дека е потребно државата да ги препознае придобивките од железничкиот транспорт и железничкото поврзување да го постави како еден од приоритетите заради следење на чекорот со земјите од регионот и модерните транспортни текови – истакнуваат од комората.
Претставниците на Секретаријатот за европски прашања посочуваат дека Македонија како и другите земји од Западен Балкан е корисник на повеќе средства од Европската Унија, чија цел е спроведување на различни инфраструктурни проекти. Конкретно кога се зборува за железницата, од СЕП истакнуваат дека токму со различни форми на средства, грантови или заеми, се работи на комплетирање на пругата кон Бугарија, а во минатото со средства од ИПА-фондовите ревитализирана е пругата по должината на Коридорот 10.
– Северна Македонија, како и сите ИПА-кориснички од Западниот Балкан, аплицира за поддршка на свои проекти во рамките на националната ИПА 2 програма, Инвестициската рамка за Западен Балкан, а најново и Европскиот инвестиционен план за Западен Балкан. Ова се средства што ќе се инвестираат во земјите зависно од релевантноста и зрелоста на проектите, но и од можноста на една земја сама да инвестира, да позајмува кредити, бидејќи најчесто големите проекти не се градат само со еден модел на финансирање. Кога зборуваме за големите инфраструктурни проекти, Северна Македонија веќе има добиено грантови или заеми со ниски камати од различните европски институции, ЕИБ, ЕБОР, Банката за развој на Советот на Европа, кои заеднички работат на комплетирање на севкупната финансиска рамка на еден проект. Конкретно за пругата кон Бугарија, првата фаза од Куманово до Бељаковце се реализира со заем од ЕБРД, втората (Бељаковце – Крива Паланка) дел е со грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан, а дел со заем од ЕБРД, а за третата фаза (Крива Паланка – Деве Баир), која се смета за најтешка и најобемна, планот е да се финансира со средства преку националната ИПА 2 програма, Инвестициската рамка за Западен Балкан, како и кредити од ЕБРД и ЕИБ. Вкупната финансиска конструкција за изградба на пругата кон Бугарија е проценета на околу 630 милиони евра – објаснува Калинка Габер, државна секретарка во Секретаријатот за европски прашања.

Габер истакна дека во изведбата на пругата по должината на Коридорот осум веќе се вложени средства преку ИПА-фондовите, но очекувањата се дека и во следниот период преку Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан ќе се влеат и други средства за комплетирање на пругата кон Бугарија. Имено, пругата кон Бугарија е еден од клучните проекти што се наведени во анексот кон ЕИП.
Кога станува збор за најавената инвестиција во пругата Белград – Ниш во соседна Србија, Габер вели дека допрва треба да се утврди во колкав обем и со која временска динамика таа ќе биде изведена, бидејќи во моментов сите проекти предложени од земјите од Западниот Балкан се предмет на оцена на зрелост од страна на службите на Европската комисија во Брисел. Во секој случај, модернизацијата на оваа делница ќе биде од голема корист и за нашата земја и целиот регион. Регионалниот импакт/влијание е впрочем една од новините на Европската Унија во новата генерација на претпристапна поддршка, која ќе се реализира преку Економскиот и инвестициониот план за Западен Балкан. Додава дека конкретно за Македонија, акцентот е ставен на комплетирање на пругата кон Бугарија, додека во иднина ќе треба да се комплетира и кон Албанија.
Според професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, железничкиот транспорт има повеќе предности, како релативно поевтин превоз на стока, можност за транспорт на кабасти стоки, брзина и слично. Тој вели дека недостигаат критични поврзувања на главните железнички линии на Македонија, Бугарија и Албанија, односно на трите главни града на овие земји, кои спаѓаат на Коридорот осум.
– Заостанувањето на реализацијата на патниот и железничкиот Коридор осум е последица на недоволна фреквенција на користење, како и екстремно големиот обем на потребни фондови за таа реализација, но има влијание и притисок од Европска Унија за приоритет на Коридорот 10 поради структурата на економијата во надворешната размена во правците север – југ – објаснува Беџети.
Тој нагласува дека Коридорот осум е од големо значење не само за земјава туку и за регионот. Но дека проблемот за негово комплетирање, како за автопатот така и за железничката инфраструктура, е огромниот износ на инвестициите, над две милијарди евра, и е недостижен со сопствени фондови, а не е атрактивен за концесија.
– Оправданоста на инвестицијата на овој коридор се појавува само со вклучување на транзитната компонента на коридорот, комплетирање и во патен и во железнички сообраќај за да се поврзува Црно со Јадранско Море, при што стоките и производите од поранешните советски републики ќе се превезуваат во Западна Европа. Тогаш Коридорот осум како целина станува економски оправдан – истакнува Беџети.
Професорот Слободан Ачимовиќ од Економскиот факултет во Белград, кој предава група предмети од областа на транспортот и инфраструктурата, изрази очекување дека пругата по должината на Коридорот 10 ќе биде обновена сè до Солун, и оти ревитализацијата на овој железничкиот коридор би значело дека Србија станува транспортен јазол – најблиска и најбрза врска до срцето на Европа.

– Таа пруга ќе мора да биде брза. Тоа не треба да биде само ревитализација на постојната пруга, туку изградба на пруга за големи брзини, како она што веќе го правиме на потегот Белград – Будимпешта. Таа веројатно ќе продолжи низ Северна Македонија и претпоставувам ќе стигне до Солун, а потоа за не знам колку години би имале одличен крај на Патот на свилата што влегува преку железница – посочува Ачимовиќ, кој додава дека користејќи ја добрата кинеска идеја, ЕУ направила голем потег.
Тој објаснува дека железнички Коридор четири, кој поминува низ Романија, Бугарија и завршува во Грција, во Солун, е 300 километри подолг. Според него, ако ЕУ одлучи да го зајакне Коридорот 10, кој е пократок, тогаш Коридорот четири ќе биде надвор од приоритетите на ЕУ и тогаш стоките ќе патуваат како и во минатото од Турција и Азија, преку Балканот, до Европа.
– Коридорот 10, кој оди од Грција, преку Македонија, Србија и понатаму до Будимпешта, е едноставно најсоодветната маршрута за стоки и патници – оценува Ачимовиќ.


ЕУ ќе ја проширува транспортна инфраструктура за побрзо пренесување на американските сили

Европската Унија ќе им дозволи на Соединетите Американски Држави, Канада и Норвешка да се приклучат на проектот дизајниран да ги отстрани одложувањата во трансферот на воените сили низ Европа, што НАТО го смета за „исклучително важен во случај на конфликт со Русија“, пренесува „Геополитика“ повикувајќи се на текст на „Ројтерс“.
Додека НАТО се обидува да ги отстрани недоследностите во законодавството на европските земји во врска со трансферот на американските сили, Европската Унија одвои буџет за поправка на мостовите, чиј дизајн не е погоден за минување на тешки тенкови на сојузниците. Одлуката ќе овозможи членките на НАТО, Норвешка, Канада и Соединетите Американски Држави да бидат првите земји што не се членки на ЕУ, кои ќе се приклучат на Европскиот пакт за постојана структурна соработка и соработка во одбраната (ПЕСКО), со што треба да се продлабочат одбранбените врски. Пактот беше договорен од лидерите на ЕУ во декември 2017 година, по одлуката на Велика Британија да ја напушти ЕУ и руската анексија на Крим во 2014 година.

Оттогаш ЕУ од заедничкиот буџет планиран до 2028 година издвои 1,7 милијарда евра за подобрување на таканаречената воена мобилност за поддршка на операциите на НАТО. Во проектот, предводен од Холандија, учествуваат 25 членки на ЕУ, сите освен Малта и Данска. Во моментов НАТО има 30 членки, од кои многу се членки на ЕУ.
Според дипломатите, воената мобилност е насочена кон подобрување на размената на информации меѓу земјите на ЕУ и намалување на бирократските одложувања на границите, вклучувајќи и усогласување на царинските регулативи за да се обезбеди брзо распоредување и поедноставување на транспортот на воена опрема. Иако немаше конкретни преговори со Велика Британија, која заедно со Франција претходно беше една од најголемите воени сили во ЕУ, други земји можат да се приклучат на проектот, додаваат соговорниците на „Ројтерс“.

Идејата за одбранбен пакт на ЕУ доби интензитет кога поранешниот американски претседател Доналд Трамп ги критикуваше европските сојузници во НАТО за недоволни финансиски алокации за одбраната. Ова доведе до повици за „стратегиска автономија“ на ЕУ. Сепак, безбедносните гаранции на САД и на НАТО остануваат камен-темелник на националната безбедност за многу земји на ЕУ, особено оние во источните страни на Унијата, кои стравуваат од руска агресија. Иако главниот одбранбен пакт на ЕУ има цел кофинансирање, развој и распоредување сили, тоа не значи создавање заеднички воени сили, објаснува „Ројтерс“.

Катерина Михајлова
Петранка Огнаноска