Сето она што го нуди соседството за зимската сезона, како и пониските цени од кај нас, е причина што странските и македонските туристи за зимување ги одбираат планините во Бугарија и во Србија
Бавната модернизација наспроти експресната изградба на луксузни скијачки центри во соседството е една од клучните причини што Македонија веќе со години регистрира намалување на бројот на ноќевања во домашните зимски центри. Иако нашата држава има потенцијал за зимски туризам, сепак без вештачки снег, неинвестирање во инфраструктурата, лоши услови и немање соодветни содржини во ски-центрите, нашата држава не може да привлече туристи, ниту да бидe конкурентнa на меѓународниот пазар.
Како што велат туристичките работници, бугарскиот скијачки центар Банско ги подигна критериумите и гледиштето за тоа како треба да изгледа еден туристички ски-центар, но дека Македонија е далеку од тие стандарди. Тие истакнуваат дека сето она што го нуди соседството за зимската сезона, како и пониските цени од кај нас, е причина што македонските туристи за зимување ги одбираат планините во Бугарија и во Србија.
Сопственикот на туристичката агенција „Адриатик Маврово“, Ангел Иванов, вели дека тие капацитетите и условите што ги нудат ски-центрите во Бугарија ги нема во ниту еден во Македонија.
– Таму туристичките работници и хотелиерите прават сѐ за да ги привлечат и задржат гостите. Условите и содржините што ги нудат соседните држави во зимскиот период се одлични и нималку не се споредуваат со македонските услови. Во хотелите со 4 или 5 ѕвезди во Бугарија се вклучени полн аранжман, современа соба, спа-услуги, шведска маса, а сето тоа за доста ниски цени и сосема очекувано е дека ќе привлечат многу македонски туристи. А веќе почнаа и семејните куќи да ги приспособуваат за туристи и ги прават како мини-хотели – објаснува Иванов.
Тој додава дека хотелите во нашата земја се стари, од времето на социјализмот, ски-патеките се несредени, инфраструктурата воопшто не е добра, а цените што се нудат се многу високи и, нормално, дека секој Македонец ќе си ги троши парите онаму каде што е подобро.
– Македонија има невиден потенцијал за зимски туризам, 75 отсто од територијата во нашата држава е со планини и, со оглед на тоа, таа може да биде на исто рамниште со Швајцарија, но државата не знае да го искористи тоа – смета Иванов.
Според Дончо Нацев, сопственик на туристичката агенција „Арботравел“, во Македонија не е проблем само развивањето на зимскиот туку и на летниот туризам, бидејќи, како што вели тој, нема добра развојна програма 20 години едноподруго.
– Нема стратегија за развој на туризмот, ниту привлечни понуди најпрвин за домашните, а потоа и за странските туристи. Исто така, цените во хотелите се многу високи, а не се нуди ништо спектакуларно, затоа е потребно да се направи калкулацијата во однос на цените и да бидат различни од она што се сега, да се намалат – објаснува Нацев.
Тој смета дека треба да се овозможат поволни услови и да се инвестира во ски-центрите за да бидат слични како тие во соседството и да можат да бидат конкурентни на пазарот.
– Конкретно, во Банско има околу 200 илјади сместувачки капацитети, во хотелите со четири ѕвезди, каде што сѐ е вклучено во аранжманот, цената е околу 30 евра од вечер. А додека, пак, на пример во Маврово, за тој износ не може да се преспие, а не камоли да се овозможат сите услови – истакна Нацев.
Тој вели дека туристите си бараат снег, но дека кај нас никој не може да гарантира дали ќе има снег, додека, пак, во Банско и во Боровец секогаш има снег. Тој додава дека дури и самите странски туристи забележуваат дека цените во Бугарија се поевтини во споредба со Македонија.
– Потребно е вложување и паметно работење и, секако, цените да бидат соодветни на македонските стандарди, за да можеме најпрво нашите луѓе да ги привлечеме да ги оставаат парите во своите ски-центри. Во Македонија ски-картата е поскапа од Бугарија, а наедно и нашата држава нема никаква инфраструктура, патиштата се направени уште од времето на Југославија и оттогаш не се реконструирани – вели Нацев.
Сопственикот на „Арботравел“ истакна дека вложувањето и развојот на зимскиот туризам ќе се одразат позитивно на нашата економија, а така ќе се привлечат туристите за да дојдат повторно, но и да дојдат сосема нови туристи.
– Но, сепак, со сегашнава ситуација, со тоа што не се презема ништо и земјава не ги следи светските трендови, Македонија воопшто не може да напредува. Планинскиот туризам подразбира одржување на инфраструктурата, подобрување на квалитетот на услугите во сместувањето, спа-центри, ресторани, анимација за најмладите – смета Нацев.
Туристичките работници нагласуваат дека е потребно реновирање или изградба на нови хотели, давање услуги што ги нудат и хотелите од соседството, Македонија има капацитет да привлекува странци, но е неопходно работите многу да се променат, како и организација на разни настани и манифестации што ќе се прават за да им станат привлечни на туристите нашите ски-дестинации.