Очекуваниот поголем економски раст на некои земји, пред сѐ на Турција како најблиска, е предизвик за македонските компании што целат кон извоз и кон освојување нови пазари. Во Македонија има многу турски инвестиции, но прашањето е колку македонските компании се заинтересирани да ги пласираат своите производи и услуги во Турција?
Тензиите предизвикани од најновите трговски војни и зголемената економска неизвесност, според светските економски експерти, може да предизвикаат пад на глобалната економија и престројувања на глобалните економски сили. Послабиот глобален раст, кој според проекциите на ММФ се очекува да биде три проценти оваа година, ќе биде најнизок од почетокот на глобалната финансиска криза, а експертите прогнозираат дека во следниве пет години се можни промени на земјите што ќе имаат најголемо влијание врз глобалниот БДП.
Според тоа, САД би можеле да забележат пад, но учеството на Индија во глобалниот раст на БДП се очекува да се искачи од сегашните 13,5 на 15,5 проценти. Што се однесува до другите светски сили, Индонезија ќе остане на четвртото место. Големи промени ќе почувствува и Велика Британија, која би можела да падне на 13-то место, додека, пак, Јапонија се очекува да падне на деветтото место. Прогнозите се дека Турција, Мексико, Пакистан и Саудиска Арабија би можеле да бидат најголемото, позитивно изненадување во следните пет години.
Очекуваниот поголем економски раст на споменатите земји, пред сѐ на Турција како најблиска, е предизвик за македонските компании што целат кон извоз и кон освојување нови пазари. Во Македонија има многу турски инвестиции, но прашањето е колку македонските компании се заинтересирани да ги пласираат своите производи и услуги во Турција?
– МАТТО е локален партнер за многубројни турски деловни делегации што ја посетуваат Македонија и компании што директно се обраќаат за наоѓање партнер. Но исто така сме фокална точка за македонските компании што сакаат да ги развиваат бизнисите во Турција. Ние ја промовираме Македонија како инвестициска и деловна дестинација во Турција и обратно, но и во трети земји – велат од Македонско-турската стопанска комора (МАТТО).
Од оваа комора истакнуваат дека генерално, турските инвеститори се задоволни со деловна клима, и додаваат дека за странските инвеститори најбитни се довербата, сигурноста, правна и општа, и континуитетот на практиките.
– Поефикасна администрација, со брзина и знаење се битни за побрза реализација на која било инвестиција. Тука сѐ уште треба да се работи како и на конзистентност во примената на прописите. Исто така, комуникацијата со администрација би можела да биде поефикасна. Координацијата во службите не ја следи динамиката на потребите на стопанството – истакнуваат од МАТТО.
Оттаму нагласуваат дека основа за стопанската соработка на Македонија и Турција е Договорот за слободна трговија, ЦЕФТА-договорот и Регионалната конвенција за преференцијални правила за потекло (ПЕМ Конвенција).
– Македонија заедно со Турција треба да отвори пазари за преференцијална трговија со Мароко, Алжир, Тунис и Египет, за што има основа во регионалната ПЕМ Конвенција, но потребни се билатерални договори со земјите. Со тоа би се зголемил инвестицискиот капацитет на земјата – истакнуваат од МАТТО.
Оттаму додаваат дека имаат иницирано основање ТИРЗ од турски инвеститори во струмичко-гевгелиски регион, блиску до Коридорот 10 и до Солунското пристаниште, по моделот на турските зони, за каде што имало интерес за отворање 20 фабрики со можно вработување на 5.000 лица и производство наменето за трети пазари.
– Македонија беше скоро три декади во лер и сега имаме шанси да исчекориме. Нам ни е потребен долгорочен план како ќе се развива Македонија. Дали ќе биде економија што се базира на земјоделство, дали ќе биде транспортен хаб на коридорите 10 и 8, дали ќе биде преработувачка индустрија за трети пазари, дали ќе развива туризам. Немаме мастер-план за развој, а за инвеститорите е потребна минимум 10-годишна предвидливост – заклучуваат од МАТТО.
Бизнисменот и некогашен прв човек на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Мендерес Кучи, посочува дека иако има најави за поголем економски раст на Турција, според него, истиот тој е дискутабилен поради политичките случувања во земјата, додавајќи дека перспективите за пробив на нашите компании кај нив се отежнуваат.
– Во Турција се случуваат мерки што не се чисто пазарни одлуки и кои повеќе се политички мотивирани, односно во насока како да се остане на власт. Сметам дека тие допрва ќе се рефлектираат врз економијата. Сепак, тоа не значи дека треба да ја отфрлиме соработката со оваа земја, бидејќи располагаат со големи ресурси и се движечка економска сила. Нашите компании имаат капацитети за да го освојуваат нивниот пазар, но сметам дека поради тамошните случувања ретко се одлучуваат да инвестираат таму и да го освојуваат тој пазар – посочува Кучи.
Македонско-турска деловна соработка
Од 2012 заклучно со 2017 година, според податоците на Народна банка, во земјата како директни инвестиции од Турција се влезени над 1,7 милијарда американски долари. Во 2018 година се инвестирани 42,53 милиони долари директни турски инвестиции, додека трговската размена изнесувала 520 милиони долари.
– Само во првите 9 месеци од тековната 2019 година во Македонија се влезени 27 милиони долари директни инвестиции. Според овие податоци, може да се заклучи дека Македонија е инвестициска и деловна дестинација за турскиот бизнис. Политичка стабилност, ЕУ-перспектива и членување во НАТО ја зголемуваат деловната референца на земјата. Освен тоа, Македонија за Турција е регионална точка за ширење на бизнисите – велат претставниците на МАТТО.