Досегашниот динамичен пораст на нивото на задолженост на секторот „домаќинства“ не е проследен со позначајна материјализација на кредитниот ризик. Имено, делот од кредитното портфолио кај домаќинствата со нефункционален статус, подолг период се одржува на ниво од околу 2,4 отсто, што покажува добар квалитет на овој дел од портфолиото на банките, објаснуваат од Народна банка
Продолжува тенденцијата на пораст на задолженоста на граѓаните. Како што информира Народна банка на Република Северна Македонија во јуни, банките и штедилниците одобриле кредити на домаќинствата што на месечно ниво се повисоки за 1,2 процент, додека, пак, на годишно се повисоки за 9,9 отсто. Од последниот извештај на Народна банка може да се забележи дека граѓаните на банките им должат 163,963 милиони денари. Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, најзастапени се потрошувачките и станбените кредити, при што кај нив е забележан месечен пораст од 1,5 и 1 отсто, додека, пак, на годишно ниво истите тие имаат пораст од 12 и 12,9 проценти, соодветно.
Ваквата состојба, особено континуираниот пораст на задолженоста на граѓаните го наметнува прашањето до каде можат граѓаните да позајмуваат и дали има мерки со кои државните институции би спречиле преголема задолженост.
– Задолженостa на населението се следи од повеќе аспекти. Секако дека се следат обемот и динамиката со која се зголемува долгот, но брзиот пораст не значи секогаш дека не постои простор за понатамошно финансирање на потребите на населението. Така, се следат и низа релативни показатели, како на пример односот на долгот на домаќинствата и бруто-домашниот производ (БДП), оцена дали задолженоста отстапува од нивото што е конзистентно со расположливиот доход и финансиската актива на домаќинствата, способноста за отплата на месечните обврски по кредитите и слично – објаснуваат од Народна банка.
Оттаму додаваат дека има и други критериуми што се користат за да се добие индикација за нивото на задолженост, кои, доколку се надминат, алармираат за потенцијални ризици и ранливости. Како пример ја посочуваат Европската комисија, која за оцена на потенцијалните ризици и макроекономски нерамнотежи во земјите-членки на Европската Унија ја користи т.н. рамка за оцена на макроекономски нерамнотежи.
– Прагот за ранливост на односот на вкупниот долг на приватниот сектор со БДП на одделните земји во Европската Унија изнесува 133 отсто. Во нашата земја, заедничкото учество на долгот на домаќинствата и на долгот на корпоративниот сектор во БДП е околу 92 проценти, што покажува дека сме далеку од вака поставениот праг. Учеството на долгот на домаќинствата во БДП, на крајот од 2018 година изнесува околу 25 проценти, слично ниво како и во други земји со релативно сличен степен на економска развиеност, а пониско од нивото што се забележува кај земјите со повисоко ниво на развиеност – истакнуваат од НБРСМ.
Надлежните посочуваат дека, покрај овие показатели, кои се битна индикација и сигнал за просторот за задолжување, исклучително важно е внимателно да се следи квалитетот на кредитното портфолио, како и капацитетот за редовно сервисирање на идните обврски. Банките во рамките на своите политики за управување со кредитниот ризик следат низа показатели, вклучувајќи ги и показателите за односот на висината на обврската за отплата на долгот и приходите на лицата.
– Досегашниот динамичен пораст на нивото на задолженост на секторот „домаќинства“ не е проследен со позначајна материјализација на кредитниот ризик. Имено, делот од кредитното портфолио кај домаќинствата со нефункционален статус, подолг период се одржува на ниво од околу 2,4 отсто, што покажува добар квалитет на овој дел од портфолиото на банките. Народната банка внимателно ги следи порастот на кредитирањето и промените во структурата на кредитите на банките, вклучувајќи го и кредитирањето на домаќинствата, и тоа како на вкупна основа, така и според одделните кредитни производи. Доколку се оцени дека одредено поместување на кредитниот пазар не е во согласност со фундаментите и дека потенцијално би можело да доведе до акумулирање на повисоко ниво на ризици, Народната банка е подготвена да преземе соодветни мерки и активности во насока на одржување на финансиската стабилност. Макропрудентните мерки што ни се на располагање може целно да дејствуваат на одделни пунктови што се сметаат за потенцијален извор на ризик – истакнуваат од НБРСМ.
Оттаму додаваат дека поради значителниот пораст на долгорочните потрошувачки кредити, во 2015 година е воведено поголемо капитално барање за банките за потрошувачките кредити што се одобрени по 1 јануари 2016 година со рочност еднаква или подолга од осум години.
– Ова повисоко капитално барање сѐ уште е во сила и придонесе за намалување на интензитетот на порастот на долгорочните потрошувачки кредити, кој од околу 40 отсто пред воведувањето на мерката се сведе на умерени 10-11 проценти годишно – појаснуваат од Народна банка.
Поранешниот гувернер Љубе Трпески исто така посочува дека граѓаните во Македонија како корисници на кредит во споредба со земјите во регионот се на дното по задолженоста, поради што има простор и понатаму да се позајмуваат.
– Банките внимаваат при давањето кредити, тие им даваат кредити само на сигурни клиенти, се држат до конзервативната политика и имаат најмалку ризични кредити, што ги прави најдобри во регионот – истакнува Трпески.