Во рамките на заедничкото претседателство на Македонија и Бугарија со Берлинскиот процес, во Софија ќе биде одржан состанок на министрите за економија.
Конференцијата ќе ја отворат во рамките на заедничкото преседавање министерот за економија на Македонија, Крешник Бектеши, и министерот за економија на Бугарија, Лачезар Борисов. По официјалното отворање на состанокот во рамките на официјалната сесија, свое обраќање ќе имаат комесарот за соседство и проширување на Европската Унија, Оливер Вархељи, како и заменик-претседателот на Владата на Македонија задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи.
Во рамките на двете пленарни сесии, кои се однесуваат на зелената агенда на Западен Балкан и заеднички регионален пазар, покрај министери од земјите од Западен Балкан, ќе учествуваат и претставници од Европската Унија, Советот за регионална соработка, ЦЕФТА, Секретаријатот на енергетската заедница, Секретаријат за транспортна заедница на ЈИЕ и претставници на други меѓународни организации и институции. Поради состојбата со ковид-19, состанокот ќе се одржи преку видеоконференциска врска.