Заев за иницијативата Отворен Балкан
Премиерот Зоран Заев, српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама, како завршница на Економскиот форум за регионална соработка во рамките на Отворен Балкан одржаа прес-конференција.
Во своето обраќање Заев посочи дека во Скопје се отвориле нови перспективи за трите држави и нивните економии.
– Нашите народи, македонскиот народ, албанскиот народ и српскиот народ, пред себе имаат ист пат. Имаме иста визија и исти вредности. Тоа се европските вредности. Одиме по истиот пат, заедно, напред, поврзани. Сакам силно да ја изразам поддршката што за ова ново и силно регионално поврзување ја добиваме од деловните заедници на нашите три земји, како и на гостите од бизнис заедниците на другите земји од Западен Балкан и од поширокиот регион и од повеќе земји од Европа и светот – истакна премиерот.
Тој нагласи дека со Вучиќ и Рама потпишале еден договор и два меморандума за соработка.
– Договорот за заедничко делување во заштитата од катастрофи, помагање и ублажување на тие последици е наша основа и механизам за брза реакција секогаш кога тоа ќе биде потребно. Со Меморандумот за соработка за брз проток на стоки значително го олеснуваме увозот, извозот и транзитот на стоки, ги тргаме пречките во меѓусебната прекугранична трговија, заради напредок на економската соработка и за зголемување на обемот на меѓусебна трговска размена. Со Меморандумот за соработка за работни дозволи имаме за цел да овозможиме либерализација на пазарот на работна сила и да им овозможиме на нашите граѓани да можат да работат во овие три земји, исто како дома – објасни Заев додавајќи дека веќе се договорени нови работни средби во Белград и Тирана, кон крајот на годината.
Синоќа разговаравме и за тоа дека покрај овој Економски форум, ќе започнеме и организација на регионален саем на вина и други производи кои се произведуваат во нашиот Отворен Балкан, како и тоа дека ќе организираме младински регионални спортски и друг тип натпревари за да обезбедиме поврзување денес, за подобро утре, рече македонскиот премиер нагласувајќи дека Отворен Балкан оди напред, а соработката ќе биде проширена и на многу други полиња.