Македонската економија може и мора да се справи со овој предизвик!

СТАВ

Појавата и ширењето на коронавирусот создадоа сериозни проблеми за светската економија. Проблемите се како на страната на понудата, така и на страната на побарувачката. Имено, во услови на глобален систем на производство, каде што синџирите за снабдување се дисперзирани на многу локации низ светот, затворањето на границите и отежнувањето на движењето на стоки ги прекинаа производствените врски и го направија производството на голем број производи невозможно во овој момент. Ние како увозно зависна земја, чие производство во голема мера е детерминирано од увоз на суровини, веднаш го почувствувавме тоа, особено во неколку сектори, како што се хемиската, машинската, електро, автомобилската и други индустрии. Јас уште пред повеќе од еден месец, кога коронавирусот сѐ уште беше само на територијата на Кина, апелирав дека ова многу брзо ќе се почувствува во македонската економија токму преку механизмот на понудата поради прекинот на синџирите на снабдување, што денес гледаме дека се случува кај поголем дел од производствените компании во ТИР-зоните што се силно поврзани со глобалните производствени синџири, но тоа се почувствува и кај многу домашни извозно ориентирани компании.

Од друга страна, негативните ефекти што доаѓаат од страната на побарувачката се уште посилни. Имено, самата сериозност на вирусот и лесната преносливост наложуваат изолација, што наметна прекин на работата во повеќе сектори поради превентивни здравствени мерки. Ова сериозно ја намалува потрошувачката на домаќинствата, што е голем удар за економијата. Дополнително, овие негативни ефекти предизвикани од намалувањето на потрошувачката ќе се чувствуваат и во периодот по кризата поради фактот што довербата и претпазливоста на потрошувачите ќе биде многу голема, особено во преземање одлуки за купување некои производи, како што се станови, автомобили и други добра и услуги, но и заради намалената куповна моќ на дел од вработените во погодените сектори.

Затоа е важно Владата во овој период да не ги намалува платите на јавниот сектор или, доколку е неопходно такво нешто, тоа да биде минимално намалување, бидејќи секое поголемо кратење на плати во јавниот сектор ќе го намали стандардот на оваа група работници, што ќе значи дополнително намалување на домашната потрошувачка и дополнителни проблеми за приватниот сектор и економијата.
Враќањето на економијата назад во нормала од оваа криза, со сите горенаведени негативни ефекти, нема да оди толку лесно и временски брзо, при што тој процес во голема мера ќе зависи од тоа колку брзо ќе се справиме со пандемијата во нашата земја и колку брзо светот ќе се справи со оваа навистина сериозна закана.

Дополнително, она што е исклучително важно е каков ќе биде одговорот на Владата и креаторите на економски политики во насока на поддршка на македонската економија. Навистина многу сектори се погодени, многу компании веќе се пред банкрот, со опасност да се случат масовни отпуштања, кои веќе се на повидок.
Од тоа што може да се види до сега, факт е дека Владата и клучните економски министри немаат доволна енергичност, одлучност, искуство и чувство дека брзо треба да се реагира со преземање храбри и добро таргетирани мерки за да се спаси економијата, затоа што со тоа не се спасуваат сопствениците на компаниите туку нашите граѓани што работат во тие компании.

Исто така, спасувањето на компаниите не значи бенефиција за сопствениците, туку спас на економијата, имајќи предвид дека тие компании произведуваат, инвестираат, креираат додадена вредност во економијата, плаќаат даноци и други давачки, и ако истите тие ги загубиме сега, ќе ни биде уште потешко кога ќе заврши оваа криза.
На крајот на денот, една од функциите на државата е да интервенира и да им помага на своите граѓани во вонредни услови, како кризата на која сме сведоци денес, каде што поради наметнати ограничувања луѓето не можат да се изборат за основна егзистенција како што го прават тоа во нормални пазарни услови.
Поради сето ова се потребни ургентни мерки, кои ќе бидат во насока на одржување на ликвидноста на буџетот, кој ќе се намалува поради намалената активност во економијата, но истовремено се потребни и мерки за одржување на ликвидноста на компаниите и помош за вработените во загрозените сектори.

Оттука, Владата треба да реагира паралелно на расходната и на приходната страна на буџетот. На расходната страна може да се интервенира преку кратење на непродуктивните трошења (рационализирање на договорните вработувања во државните институции и оние на локално ниво, репрезентации на државни институции, хонорари во управни и надзорни одбори, хонорари и плати на функционери во некои државни агенции и институции, непотребни тендери и сл.) и замрзнување на некои претходно донесени политики и мерки (како на пример мерката за субвенционирање придонеси за плати, која за 2020 година е буџетирана со 2,4 милијарди денари, мерките од планот за економски раст или активните мерки за вработување, кои за 2020 година се буџетирани на повеќе од 2,5 милијарди денари), кои се несоодветни во кризни услови. Сега главниот приоритет на државата треба да биде спасување на постојните работни места и одржување на животниот стандард на граѓаните што се загрозени од кризата.

Од друга страна, приходната страна на буџетот може да се одржи единствено преку нови задолжување од поволни кредитни линии од домашни и странски извори, кои ќе ја одржат ликвидноста на буџетот и ќе вшприцаат дополнителни финансиски средства потребни за спас на економијата.
Вториот пакет треба да биде насочен кон поддршка на здравствениот сектор, за обезбедување на сите неопходни средства за справување со коронавирусот, и поддршка на приватниот сектор, за соодветна помош на најпогодените сектори.

Еден дел од тие мерки треба да бидат хоризонтални и да важат за сите погодени сектори, додека другиот дел треба да бидат специјално таргетирани кон поединечни сектори.
Државата недвосмислено треба да покрие дел од трошоците за плати на вработените во погодените сектори за следните неколку месеци (и тоа субвенционирање на трошоците за плати може да биде до 50 отсто, со некој праг до ниво на просечна плата во државата или секторот); да ја врати минималната плата на ниво од 12.500 денари во погодените сектори во периодот додека трае кризата; да ги зајакне социјалните механизми преку обезбедување неколкумесечна компензација за оние што ќе ги загубат работните места поради кризата, да овозможи замрзнување на обврските за кредити и други давачки на компаниите и граѓаните погодени од кризата.

Исто така, да не ја заборавиме кампањата за купување македонски производи, која може да има позитивен ефект врз домашните компании што се соочуваат со намален извоз поради затворањето на границите, при што тоа единствено може да го компензираат со поголема домашна потрошувачка во овој период.
Дополнително, потребни се целни мерки кон одделни сектори што се најпогодени. На пример, државата може да објави јавен тендер за закуп на соби и конференциски сали во повеќе хотели низ земјата, да исплати најголем дел од средствата сега за да им помогне да ја надминат сегашната состојба, а аранжманите да ги користи во периодот кога ќе помине пандемијата и тоа да го искористи за субвенционирање одмор на деца од социјално загрозени семејства и семејства со низок доход, како и за семејствата на докторите што сега се борат да ги спасат граѓаните од овој вирус; за организирање научни конференции, летни школи и студентски игри; за организирање семинари и обуки за потребите на државни институции и сл.

Во угостителскиот сектор може да се укинат давачките за изнајмување јавни површини, давачките за ЗАМП, давачките за комунални услуги, поради тоа што угостителските објекти овие услуги реално нема да ги користат во овој период додека не работат. Понатаму, државата може да ги укине патарините за транспортните компании и некои други давачки што ги плаќаат транспортните компании за добивање лиценци и други документи од државните институции.
Сите овие мерки можеби се мали на прв поглед, но можат да помогнат во амортизирање на негативните ефекти врз туристичкиот, угостителскиот и транспортниот сектор како најпогодени сектори.

Авторот е универзитетски професор