Министрите за земјоделство, трговија и економија на Македонија, Србија и БиХ, како и претставникот од Црна Гора денеска на состанокот во Белград ја поздравија одлуката на Приштина за делумно повлекување на трговските бариери, со барање, веднаш, без одложување, да ги повлече царините и за останатите производи.
Еден од заклучоците на состанокот е и секоја земја да може да воведе соодветни контра-мерки, ако Косово во најскоро време не ги укине и останатите трговски бариери.
Министрите донесоа одлука за формирање оперативно тело со цел спречување и решавање на идните трговски бариери во регионот. Воедно испратија порака дека се против почнување царинска војна во регионот, зашто сите земји, рекоа, со тоа губат.
– Македонија и натаму е најпогодена со овие бариери. Очекуваме итно повлекување на оваа одлука. Во спротивно Македонија ќе ги преземе сите чекори и мерки кои се во функција на заштита на македонското земјоделство, домашното производство и граѓаните – изјави министерот за земјоделство Љупчо Николовски по состанокот во Белград.
Според српскиот министер за трговија Расим Љајиќ, договореното оперативно тело ќе работи до стапување во сила на Протоколот 7 од ЦЕФТА договорот.
– Ова тело ќе работи на брзо и ефикасно решавање на евентуалните проблеми и спречување нови царински бариери. Тоа не значи дека се анулира ЦЕФТА Договорот, ниту е нејзина замена, туку е привремена мерка до целосната примена на Протоколот 7 – истакна Љајиќ.
Повикувајќи се на првичните информации, српскиот министер рече дека Косово се уште ги нема тргнато царините за доматите, пиперките, малините, јаболката, капините, крушките.
На состанокот е постигната согласност за натамошна реформа на ЦЕФТА со цел олеснување на трговијата на Западен Балкан, за што се очекува директна подршка од Европската комисија.