Последната анализа на „Евростат“ покажува дека Македонија е меѓу земјите со највисока стапка на невработеност во Европа. Дополнително, проекциите на Унијата покажуваат дека нашата земја оваа година ќе има раст на невработеноста и истата таа ќе достигне 18,1 проценти, додека следната година ќе изнесува 17,6 проценти. Сите други земји кандидати за членство во Унијата имаат пониски стапки на раст
Анализа на Евростат
Стапките на невработеност во Македонија со години, поточно од самото осамостојување, се високи и нивното намалување никако да се сведе на некои проценти што ќе бидат приближни до просекот на европските земји. Упатените и инволвираните во економските текови посочуваат дека за надминување на овој долгогодишен проблем се неопходни долгорочни мерки и програми, кои ќе дејствуваат во повеќе полиња и кои ќе придонесат за надминување на проблемот. Наедно, неопходни се системски чекори што ќе резултираат со подинамичен економски раст, а оттука и со поголема ангажираност на населението.
Последната анализа на „Евростат“ покажува дека Македонија е меѓу земјите со највисока стапка на невработеност во Европа. Притоа во нашата земја во првиот квартал од оваа година „Евростат“ регистрира 16,2 отсто невработеност, на слично ниво е Црна Гора со 16,3 отсто невработеност. Во соседна Србија невработеноста изнесувала 9,7 проценти, во Албанија 11,9 отсто, а во Турција 13,8 проценти. Дополнително, проекциите на Унијата покажуваат дека нашата земја оваа година ќе има раст на невработеноста и истата таа ќе достигне 18,1 проценти, додека следната година ќе изнесува 17,6 проценти. Сите други земји кандидати за членство во Унијата имаат пониски стапки на раст.
Загрижувачки проекции за растот на невработеноста
Ваквите проекции упатуваат на загриженост за големите стапки на невработеност и на потребата од анализирање на причините за ваквата состојба, како и за наоѓање мерки за надминување на овој долгогодишен проблем.
– Има многу причини за високите стапки на невработеност во земјава, од една страна се самите работници што не сакаат да бидат пријавени, бидејќи сметаат дека со чиста дневница ќе добијат повеќе пари, а истовремено имаат на располагање здравствено осигурување. Имаме ситуации кога на оглас за вработување никој не се јавува, работниците ниту размислуваат да се појават, а имаме и голем број работници што ќе заминат на работа во странство каде што добиваат повисоки плати, иако во согласност со трошоците што ги имаат во тие земји им остануваат пак малку средства за трошење, но сепак, сите заминуваат да пробаат како е да се работи во странство. Сум се соочил со ситуација да не сакаат работниците да ги пријавам, бидејќи сакаат поголема сума, а притоа имаат здравствено бидејќи се пријавени во заводот и ги добиваат истите бенефиции како некој што плаќа придонеси. Овој систем мора да се промени, не може истата услуга да ја добиваат и тие што плаќаат и тие што не плаќаат, затоа и здравствениот систем ни е во лоша состојба – истакна Мендерес Кучи, бизнисмен и поранешен претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија.
Сивата економија и несоодветното образование
Освен сивата економија, за високите стапки на невработеност, според Кучи, придонесува и недостигот од соодветно образовани кадри поради што работодавците честопати се соочуваат со работници што имаат формално образование за одредена дејност, но штом почнат со работа, не знаат што да прават.
– Честопати сме алармирале дека образованието е несоодветно и дека се потребни промени со кои од училниците ќе излегуваат опремени кадри, не само да се печатат дипломи со кои потоа младите ќе заминуваат во странство, а таму повторно не се способни за работа, па прифаќаат што било, само да пробаат да заминат – вели Кучи.
Според него, проблемите со невработеноста се систематски и континуирани, и притоа се провлекуваат со години. Според него, институциите не ја бараат суштината на проблемот, туку ги следат само бројките.
– За владите е доволно само да се намали бројот на невработени, но за долгорочно решение треба посистематско решение, решенија што ќе дејствуваат во повеќе области и ќе придонесат кон подобар економски перформанс. Но сега поради здравствените проблеми што ги наметнува коронавирусот како глобален проблем, јасно е дека ќе има и дополнително влошување на ситуацијата – заклучи Кучи.
На структурната се накалеми и циклична невработеност
Невработеноста е стар проблем уште од времето на Југославија, кога Македонија имала над 20 проценти невработеност иако просекот во целата држава се движел над десет проценти. Добро упатен извор, кој овој пат сакаше да остане анонимен, посочува дека невработеноста е структурен проблем што е производ на целокупната економската политика и истакнува дека се потребни долгорочни политики што ќе го лоцираат проблемот со невработеноста и кои ќе го решат. Истакнува дека невработеноста не е проблем што се решава за краток период, туку се потребни долготрајни планови и мерки.
– Ако станува збор за циклична невработеност, таа се решава, но Македонија се соочува со структурна невработеност, а сега поради пандемијата се создаваат и циклична невработеност, дополнителен раст на невработеноста, но штом се надмине кризата и се вратат старите економски текови таа невработеност ќе се надмине.
За решавање на структурната невработеност е потребен динамичен економски раст подолг период, а за тоа треба општеството да функционира на нивото на пристојните земји. Потребни се политики кон решавање на сиромаштијата, политики насочени кон надминување на проблемите, рамномерна распределба на доходите, но решенијата бараат институции, лидери, сведување на корупцијата на минимално ниво… Сите висококорумпирани држави имаат високи стапки на невработеност – заклучува нашиот соговорник.