Фото: Игор Бансколиев

Сѐ повеќе домашни компании се соочуваат со проблеми со снабдувањето енергија, се најавуваат раст на цената на струјата, придвижување на инфлаторната спирала и пораст на цените и на други производи и услуги, поради што веќе за утре е закажана средба помеѓу претставници од власта и бизнис-секторот. Експертите се едногласни дека мора да се изврши мобилизација на сите учесници во овој процес, затоа што тоа е од круцијален карактер за егзистирање и развој на македонската економија

Енергетска криза „ги тресе“ Европа и Балканот

Драматичниот раст на цените на енергентите низ Европа, дополнет и со недостиг од енергенти, ја тресе цела Европа, а проблемот се проширува и веќе се чувстува и кај нас. Брзиот неколкукратен раст на цената на струјата на светските берзи и пишувањето на медиумите низ светот дека се заканува голема енергетска криза предизвикаа загриженост и во Македонија. Деновиве првиот човек на Стопанската комора на Македонија алармира дека сѐ повеќе компании се соочуваат со проблеми со снабдувањето енергија, поради што се бараат решенија. Претходно Регулаторната комисија за енергетика одлучи да поведе постапка за одземање лиценци за компании снабдувачки што не ги почитуваат договорите кон клиентите. Компаниите што сами се снабдуваат со енергија на слободниот пазар алармираа дека од почетокот на кризата во Европа снабдувачите почнале да им ги откажуваат договорите, поради што останале без договорените количества струја.
Во потрага по решенија за надминување на кризата, Стопанската комора на Северна Македонија одржа работна средба, на која учествуваа претседателот на Комората, Бранко Азески, претседателот на Владата, Зоран Заев, и претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.

– По опсежната дискусија и размена на мислења, јасно беше дека кризата е реалност и дека ќе потрае подолг период и ќе бара решенија што ќе имаат и долгорочен и краткорочен карактер. За таа цел, мора да се изврши мобилизација на сите учесници во овој процес, затоа што тоа е од круцијален карактер за егзистирање и развој на македонската економија. На сите тие чинители паѓа голема одговорност, да ја менаџираат ситуацијата на највисоко професионално ниво и во согласност со веќе изграденото мислење на светските авторитети од оваа област дека времето на евтината енергија полека привршува и дека ќе мора сите да ја прифатиме новата реалност – соопштуваат од Комората по средбата.
Притоа било договорено СКСМ да го сублимира мислењето на компаниите, РКЕ во рамките на надлежностите најенергично да ги санкционира сите снабдувачи што неосновано, непрофесионално и бесправно ги откажуваат веќе склучените договори со компаниите, а Владата да најде начин да им помогне на компаниите во рамките на можностите.
– Одлуката за интервентен увоз на јаглен за нашите електроцентрали со кои ќе се издигне на максимално ниво домашното производство ја поздравуваме и се повикуваат компаниите да учествуваат на овој јавен повик, кој ќе овозможи нивна работа подолг период и поевтина електрична енергија и за нив и за домаќинствата. Се разговараше и за други модалитети што ќе бидат предмет на расправата в петок, на средбата на засегнатите компании и надлежните институции, како можноста државата преку ЕСМ да обезбеди поголемо количество струја со пониска цена, продолжување на процесот на инвестирање во обновливите извори на енергија итн. Состојбата со гасот се очекува да биде стабилна до крајот на годината, а преговорите за наредната година ќе започнат кон крајот на овој месец – посочија од СКСМ.

Економистите укажуваат дека прелевањето на енергетската ценовна криза кај нас може да биде голем удар и за компаниите и за граѓаните, особено за посиромашните слоеви, кои и сега имаат тешкотии во намирувањето на основните потреби.
– Поради директивите на пазарот на електрична енергија, наметнати од ЕУ на кандидатите членки, меѓу кои и Македонија, поголем дел од фирмите во земјата под објаснување дека ќе добиваат поевтина енергија сами се снабдуваат со неа, и во такви услови во нивното снабдување има флуктуација на цената во зависност од светските трендови, кои во овој период се во нагорна линија и трендови што се очекува во следниот период да се засилат. Иако овие промени периодов не ги чувствуваат граѓаните, туку само фирмите, загрижува што со растот на цените на енергентите ќе се зголемуваат и трошоците на компаниите. Поради тоа, прашање на денови е кога ќе почнат да се зголемуваат и цените на производите, а поскапувањето на струјата може да се одрази и врз егзистенцијата на фирмите, па може да се случи некои од нив и да пропаднат – укажува економскиот експерт Здравко Савески.
Професорот посочи дека растот на цените на енергијата ќе го подгрее инфлаторниот ефект, кој подоцна може да се пренесе и на граѓаните.
– Раст на цените на енергентите ќе поттикне инфлација и раст на сите цени и на горивата. Сумирано, нас нѐ очекува сериозен удар за граѓаните, особено за посиромашните категории – дециден е Савески.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, вели дека сега не гледа причина за поскапување на електричната енергија за домаќинствата, иако цената на светските берзи се зголеми на 140 до 150 евра за мегават-час, и порачува дека актуелната цена ќе остане најмалку до крајот на декември.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

– Граѓаните треба да бидат мирни, зашто АД ЕСМ го покрива пазарот во целост и ги обезбедува потребните количества електрична енергија за универзалниот снабдувач по цена од 36 евра за мегават-час – изјави Бислимоски.
Тој нагласи дека цената на електричната енергија секогаш се утврдува во јуни и важи најмалку до крајот на декември, а потоа се распишува нов тендер за набавка на електрична енергија за потребите на регулираниот пазар. За зголемувањето на цената на електричната енергија на светските берзи, Бислимоски смета дека е инцидентно и резултат на повеќе фактори, меѓу кои и шпекулации што влијаат и врз домашниот пазар.
Универзитетскиот професор Антон Чаушевски посочува дека е сосема очекувано во следниот период да растат цените на струјата и гасот и во нашата земја, бидејќи зависат од светската берза на енергенти, а тоа ќе се одрази и врз преостанатите добра и услуги.
– Зголемени цени на енергентите, секако, ќе предизвикаат и зголемување на цените на сите добра и услуги, што веќе е евидентно. Обично со зимата растат и цените, меѓутоа оваа година тој пораст се случи многу порано, уште на почетокот на септември, што е секако неочекувано и за индустриските потрошувачи, а и за населението, особено за енергетските компании – вели Чаушевски од ФЕИТ.
Професорот посочи дека интервентниот увоз на јаглен нема да биде доволен за задоволување на домашните потреби, но потенцира дека ќе ја ублажи енергетската криза и ќе ја намали потребата од увоз на електрична енергија.
– Ова е добро решение како привремена мерка. Секако, треба да се мисли долгорочно, изградба на нови енергетски производствени капацитети и одржување на постојните. Цените на енергентите на светските берзи се менуваат многу динамично, а изградбата на одреден производствен капацитет бара и време и високи инвестиции. Тука треба да биде подготвен енергетскиот сектор да реагира брзо и навремено со технички капацитети. Секако дека базната енергија не може да се замени со технологии на ОИЕ во енергетскиот систем. Кризата е последица од многу фактори.

Според мои сознанија, една од причините е гасење на термоенергетските капацитети на јаглен во Европа и нуклеарните централи заради производство на зелена енергија. Друг фактор е зголемена цена на емисиите на јаглероден диоксид. Трет фактор е изразено сува хидролошка година, каде што производството на хидроцентралите е на најниско ниво. И секако економскиот фактор, зголемена побарувачка од страна на потрошувачите. Со доаѓање на зимата, придонесот од фотоволтаичните централи драстично се намалува, а ветерната енергија е со силна динамична и непредвидлива природа – објаснува Чаушевски.
По апелите на бизнисмените и на претседателот на Комората, Азески, дека цената на струјата ќе нѐ „здрма“ и нас, беше вклучен алармот дека Македонија, како и Европа и регионот, може да се соочи со недостиг од струја и драстичен раст на цените. За да им излезе во пресрет на компаниите, Владата најави интервентен увоз на јаглен и вклучување на третиот блок на РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“.


Со РЕК „Битола“ и „Осломеј“ ќе се зацврсти електроенергетскиот систем

Од Владата посочуваат дека нема потреба граѓаните да стравуваат, бидејќи количествата електрична енергија се обезбедени во целост од страна на Електрани на Македонија (АД ЕСМ), и тоа по цена од 36 евра за мегават-час.
– Во моментот цените се четири до пет пати повисоки од таа цена, ова е само показател дека Владата направила добра процена, воведувајќи го универзалниот снабдувач, кој ги штити домаќинствата и малите потрошувачи. Нашата држава не може да влијае на случувањата на светските берзи, но правиме напори преку АД ЕСМ и зголемувањето на производството да обезбедиме дополнителни количества електрична енергија, кои ќе го амортизираат можното нагло зголемување на цените на компаниите – нагласуваат од Владата, додавајќи дека внимателно ја следат состојбата и во регионот и во Европа, па во зависност од тоа како ќе се развива, ќе следуваат соодветни чекори и мерки во иднина.
Оттаму истакнуваат дека Стопанската комора искажала загриженост од растот на цените на електричната енергија на регионалните берзи и побарала од Владата да се преземат мерки за да се обезбеди поевтина домашна електрична енергија преку АД ЕСМ, односно со зголемување на производството на државната енергетска компанија, со цел да се заштитат стопанството и стопанските субјекти.

– АД ЕСМ моментално ги задоволува потребите на универзалниот снабдувач ЕВН „Хоум“ за снабдување на домаќинствата. Со новите насоки, АД ЕСМ, како гарант и стабилизатор на цената на електричната енергија, планира дополнително производство од декември 2021 до април 2022 година, за што вчера објави меѓународен јавен повик за набавка на јаглен за работа на третиот блок во РЕК „Битола“ и за продолжување на работењето на РЕК „Осломеј“. Со оваа произведена енергија ќе го зацврстиме електроенергетскиот систем, додека дополнителните количества, односно вишоци, АД ЕСМ ќе ги продаде на слободниот пазар и со тоа ќе оствари приход за компанијата и за државата – објаснуваат од Владата.


Зо­што сме­тките мо­же да по­рас­нат оваа зи­ма

Цените на природниот гас се во постојан раст во Европа, откако земјите почнаа да се отвораат по „рестрикциите“ воведени поради ковид-19, со што се поттикна енергетската криза, која најверојатно ќе влијае на сметките на потрошувачите оваа зима. Цената деновиве е шест пати повисока од онаа што беше минатата година овој период во Европа и продолжува да се зголемува, при што очекувањата се дека кризата најверојатно нема да попушти пред пролетта. Владите се обидуваат да издадат субвенции и да ги намалат даноците во обид да ги заштитат потрошувачите.

Цената на природниот гас е шест пати повисока од минатата година и околу четири пати повисока од изминатата пролет. Тоа се должи на зголемувањето на побарувачката на глобално ниво, бидејќи земјите ги рестартираат своите економии и излегуваат од рестрикции. По долгата зима минатата година, и конкуренцијата од земјите од Источна Азија за гас влијаеше на зголемувањето на цените. Исто така, има проблеми што се поврзани со снабдувањето, со одржувањето и поради намалените инвестиции. Податоците покажуваат дека во Европа од април има постојан раст на цената на гасот, кој поскапуваше дури и во летните месеци, но веќе од средината на септември цените почнуваат нагло да се зголемуваат.

Цената на гасот ја одредува и цената на електричната енергија, бидејќи над една петтина од електричната енергија во Европа доаѓа од природен гас.
ЕУ во голема мера зависи од увозот на природен гас, бидејќи се намалува домашното производство. ЕУ мораше да увезе речиси 90 отсто од природниот гас надвор од блокот во 2019 година. Русија е најголемиот извозник на природен гас во блокот, претставувајќи 43,4 отсто од увозот надвор од Европската Унија во 2020 година, следена од Норвешка.

Има многу прашања меѓу аналитичарите за снабдувањето со гас што доаѓа од Русија оваа година и дали земјата задржа дополнителен гас за да го принуди отворањето на новозавршениот гасовод Северен тек 2.
Една од грижите во Европската Унија оваа година е складирањето природен гас, кое е помало од минатата година. Минатиот октомври беше околу 95 отсто, во моментов е околу 75 отсто, откако акциите се намалија по долгата зима.

– Не сме добро подготвени да ја поминеме зимата со грејниот систем, па токму тоа е загриженоста што ги зголемува цените. Операторите, пазарите очекуваат да има шанси да се случи недостиг во снабдувањето во зима и затоа цените растат сега – изјави Симоне Таљапјетра, висок соработник на експертската група „Брегел“ од Брисел.
Порастот на цените на природниот гас ја зголеми инфлацијата и во 19-те земји што ја сочинуваат еврозоната, според новообјавените податоци на Евростат. Инфлацијата од 3,4 отсто е највисока во последните 13 години во земјите од еврозоната поради инфлацијата од 17,4 отсто во енергетскиот сектор. Тоа е зголемување од инфлацијата од -8,2 отсто во истиот сектор лани во септември.

­Природниот гас е второто најпотрошено гориво во 27-те земји-членки на ЕУ, по нафтата и нафтените деривати. Иако потрошувачката е намалена во споредба со 2008 година, таа останува голем извор на енергија.

Некои експерти тврдат дека дел од проблемот е зависноста од фосилни горива и дека транзицијата кон повеќе обновливи извори ќе помогне да се реши проблемот. Но јавната побарувачка за фосилни горива исто така ќе мора да се приспособи на новиот систем, кој содржи повеќе обновливи извори.

Катерина Михајлова
Петранка Огнаноска