Македонија стана член на ППЦА Алијансата за време на Лондонската недела за климатски акции и заедно со Шпанија се обврзаа да го напуштат производството на електрична енергија од јаглен до 2030 година, соопшти ЕЛЕМ.
– Одлуката на Северна Македонија да се придружи на клубот европски земји кои ќе го напуштат производството од јаглен до 2030 година го подвлекува фактот дека Парискиот договор за климатски промени стана норма за европските земји – рече Махи Сидериду, извршен директор на „Европа без јаглен”.
Тој додаде дека влезот на Македонија во оваа група е особено значаен бидејќи се работи за првата земја од Западен Балкан што се обврзува на напуштање на јагленот.
– Енергетската транзиција на земјата е еден од приоритетите на Владата на Република Северна Македонија и на АД ЕСМ. Енергетскиот стратешки план е една од точките на Акција 21 и на Интервентниот План за инвестиции 2021-2027. Минатиот месец АД ЕСМ потпиша договори за јавно – приватно партнерство за изградба на фотонапонска електрана во Осломеј од 100 мегавати во вредност од 70 милиони евра, што претставува една од најголемите инвестиции во енергетиката, поточно во обновливите извори за производство на електрична енергија. Паралелно, во различна фаза на реализација е изградбата на уште две фотонапонски централи од 20 мегавати, со што во Осломеј целосно се супституира производството од струја од јаглен. Тоа е прв пример во Југоисточна Европа, за што Европската енергетска заедница испрати и писмо за поддршка – соопшти ЕЛЕМ.
Што се однесува до Ветерниот парк Богданци, од таму додаваат дека во тек е проектот за зголемување на неговиот производствен капацитет на 50 мегавати, а Парк на ветерници ќе се гради и кај Миравци.
– Според сите релевантни меѓународни организации Северна Македонија е на врвот на листата земји од регионот по раст на обновливи извори на енергија. Само минатата година, производството на енергија од обновливи извори во државата е зголемено на 827 мегавати, што претставува раст од 10,1 отсто. Резултатите од енергетската транзиција на Северна Македонија изминатата година се потврда за успешниот ангажман на Владата и на АД ЕСМ за инвестиции во „зелена” енергија, заштита на животната средина преку праведна транзиција – се наведува во соопштението.