Ако не се регулира увозот на стара ИКТ опрема од западните држави, Македонија може да стане отпад на стара опрема, предупредуваат од Групацијата на провајдери на дигитални решенија при Стопанската комора на Македонија.
Тие денеска на прес-конференција во Стопанската комора на Македонија побараа да се применува европската директива согласно која се дозволува увоз на стара ИКТ опрема само за сопствени потреби. Според нив, ИКТ опрема стара и по 10 години се користи во приватниот и во јавниот сектор бидејќи нејзината цена е пониска, но додаваат дека нема никаков бенефит од тоа. Ваквата опрема, велат од Групацијата, е штетна и по здравјето на вработените.
– Во европските директиви увозот на стара ИКТ опрема е дозволена само за користење за свои потреби. Ако оваа регулатива не ја применуваме тука, тогаш Македонија ќе се претвори во отпад за користена ИКТ технологија од Европа. Ним многу им е поевтино да ја извезат оваа опрема на вакви пазари, отколку да ја уништат кај нив – истакна претседателот на Групацијата Александар Пејковски.
Според потпретседателот на Групацијата, Марко Мариќ, старата опрема е навистина поевтина, но нејзините бенефити се краткокрајни, а вистинските заштеди компаните би ги направиле со солидни ИТ решенија, односно современ софтвер и стандардизиран хардвер.
Најмногу стара ИКТ опрема се увезува од западните држави кои сакаат да се ослободат од неа.