Околу 11 денари за килограм е откупната цена на пченицата, но количествата се извезуваат во Грција и во Албанија, велат производителите. Во меѓувреме, преработувачите увезуваат српско брашно бидејќи се водат според пазарната логика, најдобра цена за најдобар квалитет. Претседателот на Агробизнис-комората при Сојузот на стопански комори (ССК), Огнен Оровчанец, истакна дека површините за одгледување пченица се намалуваат, а производството опаѓа иако капацитет за зголемување има. Оровчанец истакна дека се намалува и интересот за земјоделството воопшто.
– Во Македонија има 68.000 хектари под пченица за разлика од пред 25 години кога површините достигнуваа 280.000 хектари. Во Битолско откупната цена засега изнесува 11 до 11,5 денари што е солидна сума ако се земат предвид и субвенциите. Откупената пченица се носи главно во Грција и во Албанија – истакна Оровчанец, додавајќи дека пченицата и јачменот собрани пред дождовите се со одличен квалитет.
Преработувачите, пак, истакнуваат дека цената на брашното е 30 отсто поголема и изнесува 240 до 250 евра за тон, а лани била 180 евра. Сепак, кај пекарските производи нема поскапување и тие остануваат најевтини во регионот и во Европа.
– Имаме проблем со нелојалната конкуренција што ја прават помалите капацитети што не ги намируваат даноците и поради тоа се поконкурентни. Во однос на брашното реагираме во согласност со пазарните услови. Мора да бидеме логични и разумни. Изборот е секогаш најдобар квалитет за најдобра цена или најдобра цена за најдобар квалитет. Тоа е пресудно. Не можеме да навлегуваме во тоа дали пченицата е од Македонија, Србија или од други држави – нагласи Горан Георгиевски. Агробизнис-секторот бара од државата субвенции како во Европа и грантови од 30 до 90 проценти за преработувачките капацитети. Оттаму сметаат дека големите стопанства се двигатели на развојот, но не е против поддршката за малите производства, односно за земјоделството како дополнителна дејност.
– Не сакаме ништо повеќе, освен субвенции како во Европа од чиј буџет годишно се одвојуваат по 67 отсто за земјоделството. Македонија мора сериозно да постапува со земјоделството како сите развиени европски земји. Што може да се стори со 10.000 евра колку што е поддршката за младите фармери ако знаеме дека еден трактор чини најмалку 250.000 евра – истакна Оровчанец, дополнувајќи дека секое производство под 50 хектари е загуба. Е.Р.