Минатата година до Министерството за труд и социјална политика се поднесени 29 пријави, а на почетокот од годинава уште една пријава. Од вкупниот број на пријави, 10 се од јавниот, а 20 се од приватниот сектор. Од пријавите е утврдено дека станува збор за пет жени и 19 мажи, додека другите се анонимни
Можноста за пријавување на вознемирување и насилство на работното место, познато како мобинг, кој преку својот електронски систем ја нуди Министерството за труд и социјална политика, во текот на изминатава година ја искористиле 30 работници, при што можело да се утврди дека многу повеќе пријави поднесувале мажи и вработените во приватниот сектор.
Имено, според системот на Министерството, во текот на минатата година имало 29 пријави за мобинг, а на почетокот на оваа година била доставена уште една пријава. Од вкупниот број на пријави, десет биле од вработените во јавниот, а 20 во приватниот сектор. Од пријавените, пет биле жени, 19 мажи, а другите се анонимни пријавувачи.
– Гледано од пријавите, најчесто се работи за психичко вознемирување, поврзано со навредување, заканување, застрашување, вознемирување по завршувањето на работното време, деградирање на работникот со злоупотреба на службените овластувања, а во два случаи е пријавено сексуално вознемирување. Во согласност со Законот за заштита од вознемирување на работно место, постапката за заштита се одвива кај самиот работодавец, а се презема од работникот изложен на вознемирување. Прво, работникот треба писмено да се обрати до лицето за кое смета дека го вознемирува, да му укаже дека неговото однесување е несоодветно и да го предупреди дека ќе побара законска заштита ако таквото однесување не престане веднаш.
Доколку нема посакуван резултат, жртвата може да поднесе писмено барање за заштита од вознемирување на работното место до работодавецот, при што работодавецот е обврзан да преземе дејства утврдени со закон. Ако и по преземената постапка кај работодавецот, работникот не е задоволен, тогаш има можност своите права да ги бара во судска постапка, со тоа што, доколку сака, работникот може да ја прескокне оваа постапка и по писменото предупредување до вршителот на вознемирувањето, веднаш да побара судска заштита – објаснуваат од Министерството за труд и социјална политика.
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), пак, има организирана служба за бесплатна правна заштита за правата од работен однос, вклучувајќи и за правата на работниците по основа на психичко вознемирување на работното место.
– Правниците на ССМ ги преземаат сите законски дејства и постапки за заштита на работничките права на своето членство. Карактеристично е тоа што во ССМ има голем број обраќања во врска со вознемирување на работнoто место, но од лица што не се членови на Синдикатот. Овие податоци упатуваат на тоа дека вознемирувањето на работното место најчестo се случува во средини каде што работниците не се синдикално организирани и едуцирани за своите права. Во ССМ во текот на 2013 година се евидентирани осум, во 2014 седум обраќања, во 2015 година три обраќања, а во 2016 година едно обраќање по оваа основа. Во 2017 и 2018 година до ССМ нема обраќања на членови на синдикатот по основа на вознемирување на работното место. Во првата половина од 2019 година е евидентирано едно обраќање, кое е решено спогодбено – информира Слободан Трендафилов, шеф на кабинетот на Сојузот на синдикатите на Македонија.
Од ССМ појаснуваат дека во врска со обраќањата, правната служба на ССМ давала совети и упатства, во некои случаи биле подготвени обраќања до работодавецот и до лицето што е посочено како вршител на вознемирувањето. Во три случаи биле подготвени тужби, а во еден била водена судска постапка, која е негативно завршена. Во дел од случаите проблемите биле спогодбено надминати по пат на разговор и советување, со учество и посредништво и на синдикалните претставници на ССМ. Од Синдикатот укажуваат и на големи тешкотии во однос на спроведувањето на Законот за заштита од вознемирување на работното место, кој по нивна инцијатива беше донесен во 2013 година.
– Оваа година во соработка со Министерството за труд и социјална политика во Сојузот на синдикатите на Македонија се организира дебата во врска со Законот за заштита од вознемирување на работното место и проблемите во врска со неговата имплементација.
Присутните на настанот укажаа на повеќе проблеми во врска со имплементацијата на Законот за заштита од вознемирување на работното место и дадоа предлози за подобрување на законската регулатива во оваа област – вели Трендафилов.
Мобингот или вознемирувањето и насилството на работното место, според шведскиот психолог Хајнц Лејман, се манифестира низ голем број активности, меѓу кои: клеветење, шпионирање, заканување, уценување, недоделување или одземање на сите работни задачи од жртвата, доделување бесмислени работни задачи, доделување работни задачи под знаењето и квалификациите на жртвата за да се дискредитира, континуирано и неоправдано доделување нови работни задачи, како и доделување работни задачи со кои се напаѓаат душевниот, моралниот и верскиот интегритет на жртвата.