Лозарите од Тиквешко бараат повисоки цени за откуп на грозјето, а до медиумите свое соопштение испратија од здружението „Напредни лозари“. Истакнуваат дека морале да реагираат поради крајно поразителните најави и условувања за откуп на грозјето во оваа година за лозарите.
– Им сугерираме и апелираме како на сопствениците на винарниците и откупувачите на грозје, така и на надлежните, дека доколку итно и ургентно не се преземат потребните мерки за подобрување на откупните цени на грозјето, на повидок е лозарско-винарска катастрофа во Тиквешијата и пошироко во другите лозарски региони во државата. Крај на лозарската приказна – наведуваат од здружението.
Оттаму истакнуваат дека одредени винарници им најавувале пониски цени од очекуваните, цени што се помали и од цената на чинење на производството на грозјето.
– Ако во производството на килограм грозје покрај другите трошоци, како трошок се вкалкулираат и наплатата на работната рака на сопствениците на лозјата и порастот на цената на работната рака воопшто, оваа година вкупните трошоци за производство на еден килограм смедеревка или вранец ќе бидат 15 – 20 денари по килограм.
Цената се разликува од реон до реон, поради (не)можностите за наводнување, нужниот потребен број прскања заради заштита и други чинители. Се најавуваат откупни цени од по 11 денари за откупен килограм смедеревка и 13 денари за откупен килограм вранец.
Ако на тоа се додадат и субвенциите по хектар од Владата тоа ќе значи дека за еден килограм предадено грозје смедеревка, производителот ќе добие вкупно 12 – 13 а за вранецот 14 – 15 денари. Само по себе се наметнува прашањето нормално ли е некој да произведува нешто за 15 до 20 денари и да го продава за 12 до 15? Нормално дека не е – истакнуваат лозарите.
Од здружението истакнуваат дека секоја цена помала од 25 денари за килограм откупено грозје за најевтината сорта со долна граница на шеќерност од 16 шеќерни единици е понижувачки мала и е своевидна штета врз маката и трудот на секој лозаропроизводител.
– За високосортните видови грозје и за трпезното грозје цената не смее да биде помала од 40 денари по откупен килограм грозје – заклучуваат од здружението.