Наспроти позитивните реакции кај граѓаните што нетрпеливо го чекаат викендот за набавка на домашни производи без плаќањето на данокот на додадена вредност, некои од експертите укажуваат дека оваа владина мерка може да влијае негативно врз буџетот, но и врз епидемиолошката состојба
Граѓаните интензивно се распрашуваат за условите и можностите во текот на претстојниот викенд да направат поголеми набавки што им се неопходни за дома, за да го искористат целосниот поврат на данокот на додадена вредност (ДДВ) што го вети Владата како една од антикризните мерки. Претставниците на разни маркети, салони за мебел, продавници за ИТ-опрема, но и оние за обувки и облека посочуваат дека веднаш по објавата, интересот кај граѓаните се зголемил и дека речиси сите посетители прашуваат дали за посакуваниот производ можат да добијат целосен поврат на ДДВ во текот на продолжениот викенд.
– Планиравме да правиме детска соба и дефинитивно овој викенд би сакале да го искористиме за да ја опремиме собата за децата. Веќе посетивме неколку салони за мебел, но сѐ уште не сме го нашле соодветното решение – вели скопјанката Марјана К.
Таа не е единствената што сака да го искористи викендот без ДДВ, туку на оваа мерка се надеваат голем број граѓани, од кои голем дел е насочен кон набавка на ИТ-опрема, поради потребите за децата на училишна возраст да ја следат наставата што сега се одвива преку интернет.
– Двете деца ќе следат настава од дома, па мора да набавиме уште еден компјутер. Деновиве разгледуваме какви се цените и каков тип на компјутер ќе ни одговара. Купувањето го одложивме за викендов, за да може да искористиме дел од попустот, се надеваме дека тоа ќе ни ги олесни трошоците – вели Дејан Кузмановски, родител на две деца што посетуваат исклучиво онлајн настава.
Вработените во продавниците за техничка стока посочуваат дека резервите на компјутерите и лаптопите се намалени, а на одредени продукти и целосно потрошени. Истакнуваат дека деновиве интересот за купување ИТ-опрема е зголемен, особено за да го искористат поволниот викенд, за кој веќе посочуваат дека ќе биде работен, за да им се излезе во пресрет на клиентите.
Од друга странa, вработените во салоните за мебел истакнуваат дека иако имаат стока за која граѓаните може да добијат целосен поврат на средствата, нема да работат во текот на целиот викенд туку само саботите, ден што и вообичаено им е работен.
Освен за мебел и за технички уреди, граѓаните се интересираат дали ќе можат да набават и помали предмети или, пак, храна од домашно производство.
Вработените во една продавница за опрема на домаќинство посочуваат дека има заинтересирани клиенти што сакаат да набават разен прибор за во кујна или бања, но со оглед на фактот дека најголем дел производи се увезени, не се опфатени со мерката.
Наспроти позитивните реакции кај граѓаните што нетрпеливо го чекаат викендот за набавка на домашни производи за кои очекуваат целосен поврат на ДДВ, некои од експертите укажуваат дека мерката, иако би влијаела позитивно врз зголемен обрт на средствата, сепак има и негативен ефект, особено врз буџетот. Посочуваат дека со ваква мерка се празни државната каса токму во критичен период, кога се неопходни средства за редовно сервисирање на обврските на државата, но и средства за поддршка на компаниите што работат со загуби или, пак, не се во можност да работат. Но уште побитен, како што истакнуваат, е здравствениот аспект.
– Викенд без ДДВ е многу лоша мерка, по повеќе основи. Ќе се направат ужасни метежи по продавниците, што може многу да го рашири вирусот.
Мерката ќе доведе и до значителен пад на буџетските приходи, зошто луѓето купувањето на многу производи ќе го одложат за тој викенд кога нема да се плаќа данок. Од мерката повеќе корист ќе имаат побогатите, тие ќе ја искористат за да купат поскапи производи без данок – напиша професорот Бранимир Јовановиќ, поранешен советник во Министерството за финансии.
Во согласност со најавите, се очекува со мерката да бидат опфатени 350 илјади корисници, колку што се досега регистрирани на проектот „Мој ДДВ“. Со акцијата е планирано да се враќа целосно ДДВ на домашни производи и услуги, но и на ИТ-опрема. Вкупната вредност на средствата за кои ќе се враќа целосно данокот не смее да надминува 30 илјади денари по лице.
Очекувањата се дека за оваа мерка кај граѓаните ќе бидат вратени околу 17 милиони евра и дека со неа ќе биде направен обрт од 170 до максимални 250 милиони евра.