Додека јавноста во Македонија е преокупирана и загрижена од големата компромитираност на правната држава по сознанијата од т.н. бомби за случајот „Рекет“, се чини дека премиерот Зоран Заев од годишен одмор, преку статуси на Фејсбук, се обидува да го насочи вниманието на економски информации, кои, според него, говорат за успешноста во економското работење на Владата. Така, во текот на викендот тој објави статус на Фејсбук дека, според податоците на Светска трговска организација (СТО), нето-приливите на странските директни инвестиции во земјава минатата година биле речиси пет пати поголеми отколку во 2012-та.
– Нето-приливите на странските директни инвестиции се зголемиле од околу 131 милион евра во 2012 година на 621,9 милион евра во 2018 година, според последниот извештај на Светската трговска организација – напиша премиерот Заев на Фејсбук.
За одржување на континуитетот со информации за економските успеси и перспективи, подоцна, на истата социјална мрежа го објави и статусот за инвестиции во инфраструктурата и во гасификацијата на Македонија.
– Македонската влада гради квалитетна инфраструктура низ целата држава, чија цел е да се обезбеди брз проток на луѓе, стоки и услуги. Градиме квалитетна инфраструктура низ целата држава, за сите. Квалитетно изградена патна и железничка инфраструктура е императив за нас, бидејќи претставува крвоток на економската активност, преку брзиот проток на луѓе, стоки и услуги – наведува Заев на Фејсбук.
Тој натаму истакнува дека гасификацијата е еден од највредните проекти за граѓаните и компаниите на нашата земја, при што низ државата се изградени 216 километри гасовод.
– Фокусирани сме на изградба на водоводи и канализации заради подобрување на животот на граѓаните. Досега се изградени над 30 километри водовод за 310.000 жители и 37 километри канализација за 22.500 жители. Заедно ја градиме Северна Македонија. Ја правиме убаво место за живеење. Градиме по план – истакна премиерот Заев во објавата на социјалната мрежа.
Наспроти овие перцепции на премиерот Заев за економијата, инвестициите и индустријата, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски му реплицира (исто така на социјалните мрежи) дека „земјата живее во два света: во светот на Заев, каде што блеска, и во реалноста, каде што граѓаните живеат со празни џебови“.
– Во првиот квартал на годинава, странските инвестиции се 21,6 милион евра, што е околу 90 отсто помалку за разлика од истиот период минатата година. Има 15 отсто помалку градежни работи – алармира Мицкоски, додавајќи дека во вториот квартал индустриското производство имало пад за 1,33 отсто, а нивото на реализација на капиталните расходи е 20 отсто.