Русија е подготвена да доставува гас на територијата на ЕУ преку „Турскиот поток“, но, за тоа се неопходни гаранции од европските власти, особено од Европската Комисија, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на заедничката прес-конференција во Москва со неговиот грчки колега Никос Коѕијас.
– За Западен Балкан може да претставува интерес уште еден нов проект – „Турскиот поток“. Ние сме подготвени да соработуваме на тој проект, многупати сме го кажале тоа. Ако државите од ЕУ сакаат гасоводот да стигне до територијата не ЕУ, тогаш се неопходни стопроцентни гаранции од ЕК и од целата ЕУ – потенцира Лавров.
Министерот истакна дека руските енергетски планови на Западен Балкан се регулирани со договори со земјите од регионот.
– Овие планови се целосно зависни од договорите постигнати со соодветните земји. Ако тие се заинтересирани за понатамошен развој на енергетската соработка, ние задолжително ќе одговориме во взаемен интерес – рече Лавров.
Тој потенцира дека отсуството на надворешни пречки е еден од основните услови за успех на добра соработка.
– Најважно е само да нема вештачко мешање во процесот на договарање на условите на еден или друг проект, како што се случи со „Јужниот поток“ – посочи Лавров.
– Ние секогаш сме подготвени да се натпреваруваме со други производители, со други рути, кои сега се разгледуваат во рамките на т.н. Јужен гасов коридор. Главното е конкуренцијата да биде со добра волја, како што е прифатена во земји кои ги почитуваат темелите на пазарна економија – заклучи Лавров.