Македонија може да се развие како атрактивна туристичка дестинација. Тоа е сложен проект кој бара огромни инвестиции, но на долг рок е економски исплатлив за земјата, истакна претседавачот со Комисијата за европски прашања во Бундестагот Гунтер Крихбаум.
Крихбаум ја предводи седумчлената делегација која е во посета на Македонија, а денеска имаше средба со Делегацијата на германското стопанство.
На средбата на која присуствуваше и германскиот амбасадор Томас Герберих, пратениците беа информирани дека германските компании во земјава се многу задоволни од условите за работа, а размената меѓу Македонија и Германија лани достигна 3,2 милијарди евра што е максимум во изминатите 17 години.
Стана збор и за тригодишниот проект за дуално стручно образование кој го води Делегацијата на германското стопанство кој се реализира за да се зголеми бројот на стручно образован кадар меѓу младите луѓе.
Делегацијата на германското стопанство во Македонија е претставништво на Германската комора за индустрија и трговија (ДИХК) од Берлин и 18 години активно се залага за германските компании во Македонија кои вработуваат повеќе од 20.000 лица.