Годишна конференција „Економско заздравување и раст по ковид-19“
Националната економија е стабилна, а се очекува раст од 4,1 отсто за годинава и просечен годишен раст од 5,4 проценти во следните пет години, констатираа премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими во нивните воведни обраќања на првата годишна конференција „Економско заздравување и раст по ковид-19“ во рамките на Економскиот и финансиски форум. На конференцијата, која вчера и денеска се одржува во Скопје, претставници на македонската и на владите од регионот, високи претставници од меѓународните финансиски институции, експерти, претставници на невладиниот и бизнис-сектор имаат можност да споделат искуства, идеи и предлози за излез од кризата и за глобалните и регионалните перспективи за постпандемиското закрепнување и раст на економиите.
Премиерот Заев и министерот Бесими потенцираа дека е подготвен план за финансиско заздравување и забрзување на растот како комплементарен документ на Интервентниот план за инвестиции 2021-2027. Владата, како што рекоа, останува посветена на издигнување на стандардот и условите за живот во земјава, а заложбите за креирање предвидлив деловен амбиент преку механизми за владеење на правото, стабилни економски политики и создавање поволни услови за инвестирање, се веќе потврдени.
– Пандемијата нѐ научи дека е неизбежно да се обединат општествата, владите и компаниите, да се адаптираат на новата реалност и да се дизајнираат политики фокусирани на градење еднаквост, инклузивност и одржливост на економиите. Она што следува е подобрување на инвестициската и бизнис-клима, отпорност на шоковите, осврт кон зелените инвестиции и дигитализацијата, зајакнување на здравствениот и едукативниот систем како основа за човечкиот капитал, зајакнување на националните институционални капацитети и истовремено одржување на фискална консолидација – нагласи Заев.
Како во сите држави во светот, така и економијата во земјава, како што подвлече Заев, беше погодена од пандемијата, а Владата цело време со сет мерки и проактивно се соочуваше одлучно со предизвиците што ги донесе ковид-19. Тој уште еднаш укажа на потребата од зајакнување на регионалната соработка, но и на потребата од подобрување на конкурентната способност на македонската економија. Се осврна на членството во НАТО и нашата јасна определба да бидеме дел од европското семејство.
– По една година, можеме да кажеме дека кризата одминува и економијата заздравува, што е потврда и на нашите анализи дека економијата е стабилна и ќе растe. Во вториот квартал годинава е регистриран позитивен раст на бруто-домашниот производ во износ од 13,1 проценти. За годинава проектираме раст од 4,1 отсто, со очекувања извозот да забележи раст од 10,6 отсто, бруто-инвестициите раст од 8 отсто – дополни премиерот.
Тој нагласи дека Владата креира поволен деловен амбиент и еднакви услови за домашните и за странските инвеститори.
– Новите инвестиции и резултатите се потврда за економската активност во технолошко-индустриските развојни зони, која е во постојан раст. Бројот на работни места во ТИРЗ е зголемен за осум отсто за една година, и тоа во јули 2021 во однос на истиот месец 2020 година – истакна премиерот.
Според него, извозот во првите седум месеци од годинава во зоните достигна 1,7 милијарда, што е за 56 отсто повеќе во однос на истиот период лани, односно над девет проценти во однос на 2019 и речиси 30 отсто повеќе од 2018 година.
Тој се осврна и на потребата од структурни промени низ „паметна специјализација“, подобрени вештини преку подобро образование, истражување и иновации, како и креирање нови индустриски вредносни вериги.
Паралелно со овие активности е и промоцијата на „зелен развој“ и транзиција. Тоа се, како што кажа премиерот, големите задачи што нѐ очекуваат во наредниот среднорочен и долгорочен период.
Министерот Бесими, пак, потсети дека минатата година се соочивме со најголем пад на БДП во последните три децении.
– Евидентиравме пад на БДП од 4,5 отсто во 2020 година и, според нашите процени, со фискален стимул од околу 11 проценти успеавме да го ублажиме за околу 4,2 процентни поена, инаку економскиот пад би бил -8,7 отсто. Беа разгледани мерки за здравствениот сектор, ранливите граѓани, заштитата на работните места и помагањето на бизнисите да ја преживеат кризата – објасни Бесими.
Тој посочи дека во 2021 година биле овозможени два дополнителни пакета со повеќе мерки, меѓу кои и такви со развојна компонента, вклучувајќи ги компаниите што работат добро и го зголемуваат бројот на вработени и инвестираат. Бесими дополни дека фокусот е ставен на фискална консолидација на среден рок преку намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг, како и нивно доведување во рамките на фискалните правила.
– Планот има цел да го финансира заздравувањето на економијата погодена од ковид-19 и да го поддржи забрзаниот и одржлив раст, додека ја одржува фискалната стабилност преку мобилизирање капитал од приватниот сектор, дополнување на средствата од буџетот и заемите – рече Бесими. П.О.