Кризата од ковид-19 дополнително ги зголемува ризиците од пораст на сивата
економија и последиците од кризата врз претпријатијата и лицата што се во сивата економија, во насока на преживување на фирмите и намалување на трошоците,
зголемен е ризикот од зголемена исплата на плати на рака и без формален договор
Сивата економија со години е актуелен и сѐ уште горлив проблем за стопанството и за државата. Обемот на сивата економија, според процените од истражувањата на одредени институции во земјава, пред пандемијата се движеше од 20 до 40 отсто, но прашањето е дали периодов, за време на кризата, се зголеми процентот? Прашањето се наметна во јавноста бидејќи одреден број работници останаа без работа, некои од нив земаа помали месечни плати, а со тоа се принудени да заработуваат на црно. Притоа, и одреден број работници прифатија да работат непријавени, без да им се плаќа здравствено и пензиско осигурување, само за да дојдат до работата.
Според различни процени и истражувања, сивата економија изнесува помеѓу 15 и 20 отсто од БДП во развиените економии и помеѓу 30 и 35 отсто од БДП во економиите во развој.
Од Стопанската комора на Македонија велат дека кај нас, директните и индиректните истражувања на сивата економија покажуваат нејзино учество помеѓу 20 и 40 отсто од БДП. Во делот на вработеноста, податоците на ДЗС покажуваат стапка на неформална вработеност од 18 отсто. Тоа се вработени што не се пријавени.
– Кризата од ковид-19 дополнително ги зголемува ризиците од пораст на сивата економија и последиците од кризата врз претпријатијата и лицата што се во сивата економија. Имено, во Македонија, како и во другите земји од регионот на Западен Балкан, учеството на претпријатија, самовработени и лица што работат а кои не се пријавени е повисоко отколку во земјите од ЕУ. Во услови на криза уште е потешко за овие лица да се определат мерки за државна помош, односно конвенционалните мерки за државна помош не може да ги опфатат овие лица и претпријатија – сметаат надлежните од СКМ.
Оттаму додаваат дека во насока на преживување на фирмите и намалување на трошоците, сѐ поприсутен е ризикот од зголемена исплата на плати на рака и без формален договор.
– Потенцијалните мерки за справување со сивата економија се класифицираат во две групи: репресивни и стимулативни. Во досегашната практика, во Македонија доминираат репресивните мерки, кои опфаќаат контроли и зголемени казни за претпријатијата и лицата што работат во сивата економија. Сепак, искуствата од понапредните земји покажуваат дека за успешно спречување на оваа појава, потребен е сеопфатен пакет на реформи што ќе обезбедат подобар баланс меѓу репресивните и стимулативните мерки – истакнуваат од СКМ.
Од Комората додаваат дека ова е особено потребно во услови на ковид-19, кога потпирањето само на репресивни мерки ќе резултира во дополнително зголемен број на банкротирани фирми и невработени лица.
– Мерките може да се движат од регулаторни и институционални реформи до даночни политики и администрација, како намалување на регулаторните и административните оптоварувања, преку драстично поедноставување на процедурите, намалување на бројот и комплексноста на регулативите. Потребна е и контрола на нелојалната конкуренција на е-трговијата во однос на микро и малите претпријатија – споменуваат од комората.
Оттаму додаваат дека е потребно и поедноставување на процедурите во делот на плаќање даноци, пријавување работници посебно за малите и микропретпријатијата, поголема координација на социјалните партнери: Владата, бизнис-секторот и синдикатите, во насока на промовирање на општествени норми и вредности во поддршка на борбата против сивата економија.
Економскиот аналитичар Здравко Савевски отвора и еден друг агол на феноменот „сива економија“.
– За време на пандемијава, Пазарниот инспекторат нема овластување на самото место да затвораа локали што не ги почитуваат протоколите околу пандемијата. Исто така, на целата превработеност во делови од јавната администрација недостига кадар во инспекторатите за тие да можат ефективно да ја вршат својата работа. На пример, во Трудовиот инспекторат има помалку вработени со години дури и од она што е предвидено со систематизацијата на работните места. Но сѐ додека законот се спроведува само врз селективен број ситни економски субјекти, а крупните се изземаат, ќе постои сосема оправдано чувство на обесправеност, дури и кога станува збор за евидентно кршење на законот – нагласува Савевски.