Први на удар од поскапувањето на бензините се транспортерите, бидејќи услугата што ја обезбедуваат е директно зависна од цената на горивата, така што се очекува зголемените трошоци за превоз да се одразат и врз целокупната економија
Цените на нафтата повторно се зголемија по објавените податоци за голем пад на резервите на сурова нафта во САД, што предизвика надеж за поголема побарувачка. Но упатените очекуваат во постковид-кризата цените на нафтата дополнително да растат, што ги поттикна стравувањата дека истите тие ќе резултираат со поскапувања и на други производи и услуги насекаде низ светот, па и во Македонија. Први на удар од поскапувањето на бензините се транспортерите, бидејќи услугата што ја обезбедуваат е директно зависна од цената на горивата, така што се очекува зголемените трошоци за превоз да се одразат и врз целокупната економија.
Според Регулаторна комисија за енергетика, и покрај силните турбуленции на пазарот, нашата држава има најповолни цени на нафтените деривати во споредба со регионот.
– Изминатиот период берзата за нафтените деривати се покажа како исклучително сензитивна на секоја информација во однос на враќање во нормала. Влијание имаше информацијата дека е пронајдена вакцина против ковид-19, потоа нејзината потврда и најавата за имунизација, како и новите мутации на вирусот, кои накратко и го одложија враќањето во нормала преку затворање на аеродромите и стопирање на авиосообраќајот, што подразбираше помала потрошувачка. Последната одлука на РКЕ со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати е резултат на зголемените берзански цени од изминатата недела – нагласуваат од РКЕ.
Оттаму велат дека растот на сите референтни цени на светските берзи следува по изјавата на министерот за енергетика на Саудиска Арабија, принцот Абдулаиз бин Салман, кој соопшти дека неговата земја ќе ги надмине договорените квоти на кратење, за да ги задржи сопствената економија и пазарот со нафта, по што од вторникот цената на нафтата „брент“ на берзите порасна за пет отсто и има вредност над 53 американски долари.
– Методологијата на РКЕ ја одразува реалната цена и ги штити потрошувачите од аспект што нашата методологија е тесно поврзана и со Законот за акциза, кој, пак, има предвидено механизам со кој како што се зголемуваат цените на берзата, така да се намалува акцизата. Со пристапот што е дефиниран во Методологијата за утврдување на највисоките малопродажни цени за одделни нафтени деривати, се овозможуваат стабилност и предвидливост при формирањето на малопродажните цени на нафтените деривати и горивата за транспорт, како и транспарентност во постапката на утврдување на малопродажните цени на нафтените деривати. Нашата држава има најповолни цени на нафтените деривати во споредба со регионот – објаснуваат од РКЕ.
Биљана Муратовска од транспортната асоцијација „Макам-транс“ објаснува дека намалената потрошувачка на горивата на светско ниво, поради ограничени движења на населението воопшто, доведе до намалување на цените на нафтата и нафтените деривати ова лето, што покажа дека претходните цени беа вештачки зголемени поради енормната побарувачка на горивата.
– Цените на горивата речиси во секоја држава значат и голем приход на фискални давачки во буџетите, што неминовно предизвикува интерес за зголемување на цените на горивата. Давачките на име ДДВ и акциза се приходи што ги плаќаат сите, а најмногу превозниците, кои за да ја вршат својата дејност мора да се движат. Една од „ антикризните“ мерки што беа спроведени во нашата држава беше и зголемување на акцизата на горивото, мерка што требаше да важи до крајот на годината, но, за жал, сѐ уште продолжува да се применува – истакна Муратовска.
Таа додава дека Владата на 37-та седница, на 8 јануари, прифати предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за акцизите, по скратена постапка. За да се продолжи со примена на новиот начин на пресметување на акцизата за одредени енергенти во зависност од движењето на малопродажната цена на соодветниот енергент на светските берзи, истовремено ќе се овозможи и понатаму да се користи и механизмот што овозможува постепено враќање на постојните износи на акциза во услови на нормализирање на цените на пазарот на нафтени деривати, а кои се веќе воспоставени со донесувањето на Уредбата со законска сила.
– Ако дојде до зголемување на цените на погонското гориво, ќе има влијание и на цените на стоките што се превезуваат, без разлика дали цената на превозот ќе порасне или не, затоа што трговците во калкулациите на цените пресметуваат и дел од влијанието на цената на горивото – споменува Муратовска.
Како репрезентативна асоцијација на превозни трговски друштва, тие до Владата доставиле барање за воведување право за поврат на дел од акцизата, право што го имаат превозниците од државите-членки на ЕУ и некои други држави што не се членки на Унијата, за да се избегне опасноста од инфлаторно влијание на цената на горивата врз цените на превозот, а со тоа и на секоја единица производ што е земен за превоз и обезбедување ликвидност на превозниците и изедначување, од аспект на конкурентност, со сите други превозници што имаат можност да враќаат дел од акцизата, со што би се овозможило зголемување на економските ефекти од извршените превози генерално.
– Зголемувањето на цените на нафтата, односно на сите нафтени деривати генерално на цела територија на Европа, за голем број превозници од нашата држава ќе биде уште еден негативен елемент во можноста за одржување на дневната ликвидност, а со тоа и губење на своето место во делот на европскиот транспортен пазар, со што, за жал, ќе се создадат можности и за затворање на превозни трговски друштва што спаѓаат во микроправни субјекти – напоменува Муратовска.
Според неа, помошта и поддршката на државата со правилно приспособување на законската норма се единствени што можат да ги сузбијат негативните ефекти ако дојде до енормно зголемување на цената на горивата, особено што 2021 година треба да е година за заживување и заздравување на целокупната економија на нашата држава, а превозот е алката што ги поврзува сите субјекти од економијата и дирекно влијае за формирање на поединечната цена за секој производ што се превезува или произведува.