Македонија има напредок во енергетските реформи и транспонирањето на законодавството на Енергетската заедница со Законот за енергетика, но доцни со подзаконските акти што треба да овозможат негова примена. Ова е оцената на директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Јанез Копач, изнесена на состанокот со членовите на собраниската комисија за економски прашања.
Во согласност со обврските од Законот за енергетика, при крај е изборот на универзален снабдувач со електрична енергија, како важна мерка за либерализација на пазарот и заштита на потрошувачите. Копач се надева дека постапката ќе се финализира до крајот на месецов.
Во делот на обновливите извори на енергија, како што информира тој, Македонија со 18 до 19 проценти во финалната потрошувачка нема да ја постигне поставената цел од 23 проценти. Поради тоа мора да напредува побрзо во нови капацитети за производство на обновлива енергија, а недостига и користење биогорива во транспортот.
– Македонија има наменето 42 милиона евра годишно за поддршка на обновливи извори на енергија, што е највисок износ во регионот, но најважна работа е да се воведат опции, кои се веќе во закон, а подзаконските акти треба да бидат усвоени во следните недели. Тоа требаше да се направи многу порано – посочи Копач.
Според него, Македонија не ја третирала соодветно енергетска ефикасност.
– Овој закон ќе ѝ овозможи на Македонија целосно да ја транспонира правната рамка за енергетската ефикасност на ЕУ – наведе Копач укажувајќи дека за тоа нема соодветна екипираност во надлежните оддели во Министерството за економија и Агенцијата за енергетска ефикасност.
Тој укажа дека во делот на животната средина проблематична е примената на Националниот план за намалување на емисиите на штетни гасови.
– Има недостиг од инвестиции на овој план и не сме убедени дека планот ќе биде следен стриктно – рече Копач, истакнувајќи дека голем проблем останува и загадувањето на воздухот.
Во ЕУ лани беше зголемена цената на струјата поради зголемените цени за субвенции за емитување јаглерод диоксид, поттик за истиснување на електроцентралите на јаглен по што, според Копач, треба да се размисли за наметнување данок за таквите емисии. Во ЕУ секој што поседува електроцентрала на јаглен треба да купи право да емитува јаглерод диоксид, во согласност со Директивата за шема за емисии на енергии, а цената по тон сега изнесува 22 евра.
– Според Договорот на ЕЗ тоа не е задолжително, но ќе биде кога ќе станете членка на ЕУ и не може да се избегне. Доколку сега Македонија има таква обврска и ако плаќа 20 евра за произведен тон во капацитетот во Битола, кој е со годишно производство од 3,1 милиони тони, тогаш цената на струјата за домаќинствата би требало да се зголеми за 12 проценти – појасни Копач.
Претседателот на комисијата за економски прашања и пратеник од ЛДП, Горан Милевски, упати критики за отсуството на надлежните министри за енергетската проблематика. Тој најави дека поради доцнењето на обврските од Законот за енергетика ќе организира надзорна расправа на која ќе бидат повикани вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за економија Крешник Бектеши, како и директорите на МЕПСО и на ЕЛЕМ, за да одговараат за потфрлањата на кои укажа Копач. Е.Р.