Народната банка има свој принцип на работа, им прави разни шокови на комерцијалните банки за да провери дали тие можат да одговорат на нив. Сите тестирања покажале дека банките можат да одговорат на разни шокови, дури и дека нивната ликвидност е на многу солидно ниво, објаснуваат упатените
И ПОКРАЈ ОБЈАВИТЕ ЗА „ЛОШИТЕ“ КРЕДИТИ И ПОТТИКНУВАЊЕТО НЕДОВЕРБА ВО БАНКАРСКИОТ СЕКТОР
Затворањето на Еуростандард банка минатата година предизвика бурни реакции и ја зголеми загриженоста во јавноста. Иако најголем дел од заштедите на граѓаните ќе бидат вратени преку Фондот за осигурување на депозитите, сепак, има група штедачи чии заштеди од по над 30 илјади евра не се опфатени во обесштетувањето. Револтирани поради загубите и поради тоа што мора да чекаат да помине стечајната постапка за преку неа да си ги повратат средства над осигурената сума, оштетените штедачи секојдневно објавуваат написи за фирми што од сега веќе затворената „Еуростандард банка“ земале високи кредити, но не ги враќале, притоа што се посочува и дека тие фирми не исполнувале услови за подигнување кредити.
Како влијаат ваквите написи врз банкарскиот сектор и дали секојдневните објави за делењето непокриени кредити можат негативно да се одразат врз секторот разговараме со двајца поранешни гувернери. Ги прашавме и дали ваквите написи би ги поттикнале граѓаните да го чуваат вишокот средства во домовите наместо во банките.
Пропаѓањето на една банка не води кон пропаѓање на други банки
– Секако дека разни шпекулативни приказни може да предизвикаат штета, особено кај граѓани што не се доволно упатени, кои не можат или не успеваат навремено да се информираат за сите детали или, пак, не го разбираат работењето на банките доволно, но сепак, сметам дека ризикот за големи штети е поминат. Можеби и самиот факт дека стануваше збор за мала банка, не беа засегнати голем број доверители поради затворањето, но и многу истакнати луѓе од областа дадоа свое објаснување дека банкарскиот систем е стабилен и дека пропаѓањето на една банка не води кон пропаѓање на други банки, придонесе да нема бурни реакции кај граѓаните – вели поранешниот гувернер Петар Гошев.
Тој додава дека првиот бран по затворањето на банката бил најризичен, но во овој случај, според него, не била предизвикана голема штета.
– Не верувам дека сегашните секојдневни објави за нереалните кредити дадени во таа банка можат да предизвикаат голема штета и да ги натераат граѓаните да ги вадат своите заштеди од другите банки. Од друга страна, граѓаните се свесни дека чувањето на парите во домовите е најнебезбедно, бидејќи може да си направат поголема штета, се внесуваат во ризик да бидат ограбени и да им биде предизвикана дополнителна штета. Вака во банка ќе добијат камата и парите им се на сигурно. Точно е дека разни шпекулативни или лажни вести може да нанесат штета во банкарскиот сектор, но во оваа ситуација, со објавување на одделни случаи што зеле непокриени кредити, сметам дека таквиот ризик е многу мал – дополнува Гошев.
Состојбите со „непокриените“ кредити во одделна банка не треба да се генерализираат
Професорот Томе Неновски од универзитетот „Американ колеџ“ истакнува дека работите не треба да се генерализираат, бидејќи работењето во една банка не значи дека се применува во целиот систем и нагласува дека на ниво на целиот сектор нема големи износи на непокриени кредити.
– Состојбите со „непокриените“ кредити во одделна банка не треба да се генерализираат за секоја банка или за целината на банкарскиот систем во земјата. Мислам дека на ниво на целиот банкарски систем нема големи износи на такви кредити. Навистина, кај одделни банки, па и кај целиот банкарски систем, има одреден број кредити што се подведуваат под карактеристиката и класификацијата како „лоши“ кредити, но за нив не би можело генерално да се каже дека се непокриени со соодветна гаранција, затоа што е можно некои економски субјекти, од разни причини, да западнале во ситуација да не можат редовно да ги отплатуваат кредитите, така што банките во претстојниот период би ги активирале расположливите гаранции за нивна наплата или, евентуално настанатите загуби заради ненаплатливост на некои од тие кредити, би ги покриле со нивните, и така високи добивки – објаснува Неновски.
Наедно професорот дополнува дека висината на ненаплатливите кредити не може да предизвика штета врз банкарскиот сектор.
– Ценам дека т.н. ненаплатливи кредити не се во некој загрижувачки износ и дека тие не се закана за депозитите на граѓаните, што значи дека, од тој аспект, нема некоја позначајна причина граѓаните да ги повлекуваат своите средства од банките – заклучува Неновски.
Важно е дали и како се управува со ризикот
Поранешниот гувернер Гошев, пак, дополнува дека банки се затвораат насекаде во светот, не само кај нас, и дека истото тоа се случува и во развиените земји.
– Пропаѓањето на една банка не значи дека целиот банкарски систем е нестабилен. Напротив секторот е стабилен, затворањето на една банка, која не работела по прописи, не значи дека секторот е нестабилен. Народната банка има индикатори што ги следи и има прописи што банките мора да ги исполнат за да работат одржливо. Ризик секогаш постои и во секоја бранша, но важно е како и дали се управува со ризикот. Во банкарскиот систем, ако мнозинството од банките одговараат на стрес-тестовите соодветно, значи дека системот е стабилен. НБ има свој принцип на работа, им прави разни шокови на комерцијалните банки за да провери дали тие можат да одговорат на нив. Сите тестирања покажале дека банките можат да одговорат на разни шокови, дури и нивната ликвидност е на многу солидно ниво – објаснува Гошев.
Кредитирањето и на населението и на компаниите бележи нагорна линија
Последните податоци на Народната банка покажуваат раст на вкупните депозити во месец февруари за 0,9 отсто на месечна основа, при што најголем дел од зголемувањето е поради растот на депозитите на „домаќинствата“.
– На годишна основа, вкупните депозити се зголемени за 7,1 отсто, при речиси еднаков раст на депозитите кај двата сектора, „домаќинства“ и корпоративен сектор – наведува НБ во последната анализа.
Истовремено НБ бележи нагорна линија и кај кредитирањето на населението и компаниите, при што тие бележат месечен раст од 0,4 проценти, додека на годишна основа 4,4 отсто раст.
Исто така, податоците што ги објавува НБ покажуваат дека вкупните депозити во декември лани достигнале 7 милијарди евра, од кои 4,6 милијарди се заштеди на граѓаните, а преостанатите се на компаниите. Една година претходно, односно во 2019 година граѓаните имале 4,4 милијарди евра заштеди.