Упатените укажуваат дека за одредени дефицитарни занимања потешко може да се обезбедат работници преку брзо приспособување на работната сила и додаваат дека е особено тешко со неколкумесечни обуки да се стекнат знаења и вештини за дејности во кои има голем недостиг од работници
Корона-кризата, која никако да заврши, постојано атакува врз работните места, поради што голем број работници во изминатиов период останаа без работа, а особено се погодени текстилните и туристичките работници. Последните податоци што ги објави Агенцијата за вработување на Македонија покажуваат дека во земјава без работа останале 16.817 лица, сепак, ова е бројот на лицата што биле одјавени од работното место, а се претпоставува дека има и голем број отпуштени што некаде работеле без договори за работа, но и лица што за првпат сакаат да се вклучат во работниот процес, но не се во можност да најдат работа.
– Со состојбата на 30.6.2021 година, евидентирани се 16.817 невработени лица по основа на прилив од работен однос за кои престанокот односно одјавата од задолжително социјално осигурување е регистрирана во периодот по 11.3.2020 година, односно во периодот на кризата предизвикана од ковид-19 – се наведува на веб-страницата на Агенцијата.
Какви се можностите со обуки да се приспособат лицата што останаа без работа да извршуваат нова дејност? Колкави се можностите лицата што останаа без работа да се обучат за некоја од дефицитарните дејности во земјава? Колку обуките може да помогнат за намалување на разидувањето меѓу побарувачката и понудата на пазарот на трудот? Сите овие се прашања на кои упатените одговараат дека и, покрај сите напори, за одредени дефицитарни занимања потешко може да дојде до брзо приспособување на работната сила и додаваат дека е особено тешко со неколкумесечни обуки да се стекнат знаења и вештини за дејности во кои има голем недостиг од работници.
За работењето во некои дејности се потребни долготрајни обуки и искуство
– Не е лесно со адаптација или разни кратки обуки да се пренасочат работници од една во друга дејност. Ако зборуваме, на пример, за текстилните работници, од каде што видовме дека беа отпуштени повеќе луѓе, тешко дека тие може да се адаптираат и да работат дејности што се дефицитарни. Прв проблем што оневозможува тие да се приспособат во нова дејност е што најголем дел од текстилните работници се жени, а голем недостиг од работници на пазарот се чувствуваа кај дејности за кои се потребни мајстори и кои пред сѐ можат да ги вршат мажи. Има дејности за кои, пак, се потребни долготрајни обуки и искуство, еве како пример ќе ги посочам браварите, каде што не е можно со три месеци обука да се изучи дејноста, туку, напротив, потребни се три години за изучување на струката, каде што се вклучени и обуки за безбедност при работа, а да не зборуваме за други дефицитарни занимања за кои може да требаат уште подолги обуки. Едноставно не е лесно и едноставно да се приспособат за неколку месеци на нови позиции – објаснува Раде Ненадиќ, сопственик на агенцијата за привремени вработувања „Партнер“.
Ненадиќ потенцира дека некои од проблемите што се карактеристични за текстилната индустрија, од каде што беа отпуштени голем број работници, лежат во начинот на производство, поточно во лон-производството, кое се сели во земји каде што има поевтина работна сила.
– Домашната текстилната индустрија не успеа да направи бренд, туку се потпре на лон-производство, кое сега во голема мера се сели во поевтините земји. Сега е доцна да се спасуваат домашните текстилни компании, бидејќи има многу поевтина работна сила на азискиот континент. Веројатно има можности овие работници да се приспособат и да работат друга дејност, која не бара специфични знаења, но во тие области нема недостиг од работници, па прашање е дали ќе успеат да најдат таква работа – додава Ненадиќ.
Проблемот е и возраста на тие што најчесто остануваат без работа
Професорот по економски науки Ванчо Узунов од универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ објаснува дека дополнителен проблем кај лицата што останале без работа поради корна-кризата претставува и нивната возраст. Тој укажува дека годините претставуваат проблем за нивна адаптација, особено за дејности што се барани.
– Проблемот со новите невработени граѓани што поради последиците на корона-кризата останаа без работа, нели не по нивна вина, е што голем дел се во поодмината возраст, кога е многу тешко да се пратат на обуки и да се очекува дека тие ќе можат да се адаптираат, да се приспособат на сосема нови работни вештини. Личност над 50 години не може да научи да работи на компјутер подобро од младите генерации, или, пак, за некои области за каде што е потребна поголема или подолга стручна подготовка. Факт е дека сега имаме поголема категорија граѓани што не по своја вина се надвор од пазарот на трудот, поради што ова ќе биде и понатаму грижа за поголем дел од државите, кои и не можат да се откажат од граѓаните без обиди да ги спасат нивните постојни работни места – објаснува професорот.
Компаниите што работат со загуби не може
секогаш да се спасуваат
Узунов посочи дека доколку се следи економската логика, треба да се поддржуваат компании што остваруваат позитивни резултати, за да можат тие да растат и да опфатат поголем број работници. Сепак, тој додава дека државите не можат да се откажат од поддршка и на послабите компании, токму за да се спасат работни места на граѓаните што тешко може да се адаптираат на нови места.
– Мое мислење е дека треба да се поддржуваат компаниите што имаат добри резултати, бидејќи имаат можност да работат уште подобро и да апсорбираат уште поголем дел од работната сила. За жал, компаниите што работат со загуби не може секогаш да се спасуваат. Сепак, државата не може така да пресече и да каже дека се откажува од тие компании од повеќе причини, затоа што повозрасните тешко можат да се адаптираат, затоа што нема голем избор на други компании или на други работни позиции во одредени населени места… – дополнува професорот.
Исчезнувањето на дел од ниско платените работни места не смее да ѝ се
припише исклучиво на пандемијата
Анализата изработена од Деспина Туманоска од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, на тема ефектот од ковид-19 врз несигурните работници во Македонија, покажала дека поради кризата најмногу се погодени слабо платените работници, но истовремено таа придонела за формализирање на дел од неформалните работни места.
– Ниско платените работници, работниците од неформалната економија, платените домашни работници и неплатените семејни работници биле меѓу најпогодените во поглед на загуби на работни места и на приходи. Исчезнувањето на голем дел од ниско платените работни места не смее да ѝ се припише исклучиво на пандемијата, туку и на порастот на платите предизвикан од две владини политики донесени пред кризата. Исчезнувањето на дел од неформалните работни места може да ѝ се припише на пандемијата, но не само како загуби на работни места. За ублажување на негативните последици од пандемијата, Владата усвои мерки за зачувување на работните места, како мерката за плата „14.500 денари по работник“, која спаси над 60 илјади работни места, од формалната економија. За да остварат право на субвенцијата, голем дел од неформалните работни места биле формализирани, што е постигнато со склучување нетипични работни договори, на определено време или со скратено работно време. Сепак, незанемарлив дел од изгубените работни места станале формални – пишува во анализата.
Од институтот препорачуваат креаторите на политиките да го искористат моментот и да ги претворат ваквите придобивки во подолгорочни. Оттаму посочуваат дека темелно треба да се разгледаат структурните промени што ќе го направат пазарот на трудот побезбеден, поправеден и поефективен во борбата против идни кризи и шокови. Со поефикасна кохерентност на политиките и партиципативен дијалог меѓу економските и социјалните засегнати страни треба особено да се погрижат за најзагрозените и несигурните работници, за да се избегне зголемување на нееднаквостите во иднина.