Корона-кризата значително го забави индустриското производство во Македонија. Последниот извештај на Државниот завод за статистика покажаа дека намалувањето во индустриското производство во април оваа година е 33,5 отсто во споредба со истиот месец минатата година. Податоците покажуваат дека сектор Рударство и вадење камен бележи опаѓање од 17 проценти, секторот Преработувачка индустрија пад од 40,5 отсто, а секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пад од 1,1 процент.
Намалувањето во преработувачка индустрија е резултат на намаленото производство на прехранбени производи, на пијалаци, тутунски производи, текстил, облека, неметални минерални производи, метали, фабрикувани метални производи, електрична опрема, машини, уреди и моторни возила, приколки и полуприколки.
Очекувањата на креаторите на политиките во земјава, но и на повеќето светски економски институции, беа дека во овој период веќе ќе започне стабилизацијата, и дека компаниите ќе започнат да се враќаат во своето секојдневие. Сепак, бидејќи дел од рестриктивните мерки низ Европа и понатаму останува, додека друг дел се олабавува, сѐ уште не се отстранети сите бариери за нормално функционирање на компаниите.
Одредени гранки ќе бидат погодени подолг период
Домашните економски експерти уште претходно укажуваа дека одредени гранки ќе бидат погодени подолг период и дека кризата би можела да се одолжи.
– Ние како стагнантна економија од периферијата на капитализмот, која (досега) не беше сериозно погодена од коронавирусот, сѐ уште не сме особено лошо погодени од кризата на економски план. Причината за тоа е и посегнувањето по краткорочно најбезболното решение – задолжувањето. Но висината на задолжувањето е толку голема што нас нѐ категоризира во високо задолжени земји, со импликации на среден и долг рок, кои досега, како ниско и средно задолжена земја, сме ги немале – констатира економистот Здравко Савевски.
Тој го гледа проблемот и во тоа што економскиот модел, кој се спроведува во Македонија 30 години, е доста ранлив на какво било нарушување на пазарот.
– Ова нарушување, иако краткорочно е избегнато да биде сериозно преку задолжување, во наредниот период ќе донесе економски проблеми. Тие ќе вклучуваат губење на работните места, особено во угостителството и во туризмот, каде што и така се вработени ниско платени работници. Ќе има прелевање на економската криза и од нашите трговски партнери, каде што ситуацијата со коронавирусот е многу посериозна отколку кај нас. Нашата економија е многу поинтегрирана меѓународно отколку што беше тоа за време на финансиската криза од 2008-та за да се мисли дека слично или минимално влијание ќе има прелевањето на кризата – објаснува Савевски.
Две причини за падот на индустријата
Според претседателот на Организација на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, падот во индустријата се должи на две причини. Едната е одлуката да седат дома работници што се родители на деца до десет години, а втората е да се заштитат хронично болните лица.
– Овие лица опфаќаат од 20 до 30 отсто од вработените во фабриките. Сепак, досега немавме целосно затворање на фабриките, барем во текстилно-кожарската индустрија. Никој не може да предвиди како ќе се одвива ситуацијата во иднина. Но падот на бројот на работниците во текстилно-кожарската индустрија се забележува и во претходните години, и тоа со намалување околу 5 проценти – укажува Димитров.
Инаку, во изминатиов период Владата пристапи кон задолжување како на домашниот така и на странските пазари, при што се обезбедени средства од повеќе финансиски институции. Притоа, упатените посочуваат дека голем дел од овие пари би требало да биде наменет за поддршка на реалниот сектор, наместо за пополнување на буџетската дупка и за непродуктивни трошења што биле планирани пред кризата.
– Република Северна Македонија ја издаде седмата еврообврзница во износ од 700 милиони евра. Рочноста на еврообврзницата е шест години, додека каматната стапка изнесува 3,675 отсто, што е втора најниска камата по еврообврзницата издадена во 2018 година. Со издавањето на еврообврзницата и заемот од Меѓународниот монетарен фонд, во износ од 176 милиони евра, како и заемите од Светска банка, во износ од 140 милиони евра, и од Европската Унија, од 160 милиони евра, кои се преговараат и се извесни, се затвора финансиската конструкција за потребите годинава, односно дефицитот проектиран на 6,8 проценти од БДП со ребалансот, обврските по основа на стари долгови од 705 милиони евра. Дополнително, се обезбедуваат и сигурносни средства за справување со евентуален повторен шок и, во зависност од развојот на настаните, за делумно финансирање на потребите за следната година – објаснија од Министерството за финансии по издавањето на еврообврзницата.
Македонија на меѓународниот пазар на капитал има излезено седум пати досега, вклучувајќи ја и последната еврообврзница. Првата еврообврзница е издадена во 2005 година, потоа во 2009, 2014, 2015, 2016, 2018 и сега во 2020 година. Најниска камата од 2,75 проценти има еврообврзницата од 2018 година, додека највисока онаа во 2009 година од 9,875 отсто, кога беше светската финансиска криза.