Ништо не правиме со 3,4 отсто раст на БДП што го проектира ммф
Разликата помеѓу нашиот раст на бруто-домашниот производ по човек и европскиот е драстична и неспоредлива и, наместо да се намалува, односно да ѝ се приближуваме на Унијата, за македонските граѓани со вака проектираниот раст јазот станува сѐ подлабок, а разликите поголеми
Последниот извештај на Меѓународниот монетарен фонд за проекциите за раст на светската и домашната економија беше повод за нови анализи и сублимати. Додека за претставниците на власта тој е потврда за остварените ветувања и раст на економијата, за опозициските претставници укажува на голем број нерегуларности и недостатоци што го кочат економскиот напредок.
Но политичко-партиските расправања, зачинети со многу политикантство за есенцијални прашања за националниот економски раст и развој, се најмалку битни. А што е, всушност, суштинската нишка по ова прашање, се консултиравме со експерти, кои ни направија едноставна и разбирлива слика.
Зошто ММФ тврди дека сѐ уште останува големиот јаз помеѓу нашата економија и економиите на ЕУ?
Имено, ММФ во својот извештај посочи дека оваа година очекува економијата во земјава да се зголеми за 3,4 проценти, но притоа беше истакнато дека големиот јаз помеѓу нашата економија и економиите на земјите-членки на Европската Унија и понатаму останува.
– Иако растот е солиден во изминатите две децении, не беше доволно да се намали големиот јаз во приходите на Северна Македонија со ЕУ. За да се забрза приближувањето, неопходно е да се продолжат реформите за подобрување на јавната администрација, владеење на правото и контрола на корупцијата. Ова треба да биде дополнето со напорите да се изгради физички капитал во однос на инфраструктурните празнини и да се зајакне човечкиот капитал за решавање недостатоци на вештини и неусогласености, вклучувајќи и преку стручно образование и обука и поголема употреба на активни политики за пазарот на трудот за подобрување на вештините. Зајакнувањето на ефикасноста и усогласеноста на администрацијата треба да биде приоритет, комбинирано со мерки што ја зголемуваат довербата на јавноста во институциите и даночниот морал – е наведено во соопштението на ММФ.
Дополнителната заменик-министерка тврди дека за 50 години ќе ја стигнеме ЕУ, математиките велат нешто друго
Во однос на извештајот на ММФ, дополнителната заменик-министерка за финансии Гордана Димитриеска Кочоска изјави дека ако економскиот раст продолжи со ваква динамика, земјава ќе го достигне сегашниот европски стандард за 50 години.
Сепак, познавачите со кои се консултиравме, со едноставна компаративна пресметка, тврдат дека со ваков раст, мислењето на дополнителната заменик-министерка за финансии е преоптимистично. Имено, математиките на експертите откриваат дека со споменатите стапки на раст на нашата економија, во споредба со минималните стапки на раст на земјите од ЕУ, нашата економија нема да може да го достигне стандардот на европските граѓани ниту за сто години.
И покрај фактот што проекцијата за раст на економијата кај нас е зголемена во споредба со претходните проекции на ММФ, кои беа за 0,3 проценти пониски, сепак, тој минорен раст не значи ништо за нашата економија и граѓаните не би можеле да почувствуваат никакви разлики во секојдневието.
На кој начин се продлабочува јазот помеѓу домашната економија и онаа на земјите од ЕУ?
Најпрвин, загрижува фактот дека јазот помеѓу ЕУ и Македонија од година на година повеќе се продлабочува и дека драстично е зголемен.
Но да ги погледнеме бројките повнимателно. Ако се следат вредностите на бруто-домашниот производ (БДП) по жител, јасно ќе се забележи дека разликата е огромна.
Бројките укажуваат дека просекот во Европската Унија за БДП по жител е околу 36 илјади евра, додека кај нас само 6 илјади евра по жител. Значи, разликата е 30 илјади евра по жител во корист на граѓаните на ЕУ.
Ако на овие бројки ги додадеме очекувањата за раст според ММФ (за Македонија тоа е 3,4 отсто, а за ЕУ 1,2 отсто), ќе се забележи дека наместо да му се приближуваме на европскиот стандард, ние уште повеќе се оддалечуваме!
Имено, на 6 илјади евра БДП по жител во Македонија, со раст на економијата од 3,4 проценти, следната година нашиот БДП по жител ќе достигне 6.204 евра. Додека БДП по жител во ЕУ од 36 илјади евра помножено со само 1,2 отсто раст ќе порасне на 36.432 евра.
Со вакви стапки на раст, разликата меѓу БДП по жител во Македонија и во ЕУ ќе биде уште поголема. На годишно ниво, и со 1,2 процент раст, Европската Унија ни бега уште повеќе, односно за 30.228 евра по жител, а претходно разликата беше 30.000 евра. Тоа само по себе покажува дека со сегашните стапки на раст на БДП во Македонија, од околу 3 проценти, само се продлабочува јазот со ЕУ, односно Македонија се оддалечува од Унијата.
Разликата меѓу нашиот раст на бруто-домашниот производ по човек и европскиот е драстична и неспоредлива и, наместо да се намалува, односно да ѝ се приближуваме на Унијата, за македонските граѓани таа станува сѐ понедостижна и јазот сѐ повеќе се продлабочува на штета на Македонија.
Токму поради овие причини домашните експерти редовно укажуваат дека на Македонија ѝ се потребни многу поголеми стапки на економски раст, дека со просечните 3 проценти вечно ќе заостануваме зад просекот на Европа и дека ако сакаме да напредуваме, мораме да одиме со раст од 10 и повеќе проценти. Експертите тврдат дека во реалната економија лежи одговорот.