Фото: Игор Бансколиев

Според домашните експерти, очекувањата за македонската економија, како мала и отворена, се дека светските тенденции не можат да нѐ одбегнат. Тие сметаат дека изгледите за 2022 година се доста мрачни и неизвесни, поради очекувањата за раст на цената на струјата, на нафтените деривати, како и раст на цените на храната

АНАЛИЗА

Појавата на ковид-19 и многубројните нови соеви што се шират во светот изминативе две години значително ги разнишаа воспоставените трговски врски и го закочија растот на светската економија. Начелно очекувањата на економистите се дека следната година се очекува постепено стабилизирање и враќање на патеките на раст, иако неизвесноста сѐ е уште присутна. Сепак, економистите на „Блумберг“ укажуваат на неколку опасности што би можеле да ја разнишаат светската економија. Во анализата насловена „Што би можело да тргне наопаку? Најголемите економски ризици за 2022 година“ се посочува дека и покрај позитивните очекувања за следната година, има и многу неизвесности.
Новите соеви на коронавирусот, меѓу кои и омикрон-варијантата, инфлацијата, можните затегнувања на политиките на Банката на федерални резерви на САД, падот на „Евергранд“ во Кина, состојбите во Тајван, пазарите на земјите во развој, можна криза на еврото, раст на цените на храната… се дел од ризиците, кои, според економистите, би можеле да го ограничат економскиот раст, иако посочуваат дека генерално се очекуваат позитивни тенденции следната година.
– Рано е за дефинитивна пресуда за омикрон-варијанта на ковид-19. Очигледно позаразна од претходните, но може да се покаже и помалку смртоносна. Тоа би му помогнало на светот да се врати во претпандемиско нормално, што значи трошење повеќе пари на услуги. Рестрикциите и претпазливоста поради ковид ги држеа луѓето надвор од спортските сали и рестораните, но ги охрабрија да купуваат повеќе работи. Ребалансот на трошоците би можел да го поттикне глобалниот раст на 5,1 проценти. Но може нема да ја имаме таа среќа. Позаразна и посмртоносна варијанта би ги влечела економиите надолу. Со само тримесечно враќање на ограничувањата како во 2021 година, некои земји како Обединетото Кралство веќе се придвижија во таа насока, може да се забави растот во 2022 година на 4,2 проценти – се наведува во анализата на истражувачите на „Блумберг“. Оттаму се потенцира дека во поцрно сценарио, побарувачката би била послаба, а проблемите со понудата би опстојувале, работниците ќе бидат надвор од пазарите на трудот…

Нови соеви, затегнати камати, тензии…

Од друга страна, во анализата се укажува и на заканата од инфлација, при што се посочува дека иако за оваа 2021 година се предвидуваше дека САД како најголема економија ќе ја завршат годината со инфлација од 2 проценти, таа сега е близу 7 отсто. Напоменуваат дека и следната година се очекува умерена инфлација, но од друга страна, аналитичарите посочуваат дека повторно може да има промашување.
– Омикрон е само една од потенцијалните причини. Платите растат брзо во САД и би можеле да се искачат повисоко. Тензиите меѓу Русија и Украина може да предизвикаат пораст на цените на гасот. Потоа климатските промени, кои носат повеќе непредвидливи временски настани, но и цените на храната може да продолжат да растат. Но не се сите ризици во иста насока. Нов бран на вирусот може да ги погоди патувањата и да ја намали цената на нафтата. Историјата ни покажа дека по затегнувањето на политиките на ФЕД се можни проблеми на пазарите. Дополнително се забележува раст на цените на домовите, што потсетува на кризата од 2007 година. Ако ФЕД ги затегне каматите следната 2022 година, може да дојде до рецесија на почетокот на 2023 година. Тоа може да значи и влошување на економиите на земјите во развој. Во 2013 и 2018 година најмногу настрадаа Аргентина, Јужна Африка и Турција. Додадете ги Бразил и Египет – наречете ги ЅВЕРОВИ – за да ја добиете листата на пет ризични економии во 2022 година. Саудиска Арабија, Русија и Тајван, со мал долг и силни салда на тековната сметка, изгледаат најмалку изложени на ризици – се потенцира во анализата на „Блумберг“.
Според домашните експерти, очекувањата за македонската економија, како мала и отворена, но и како земја што е увозно ориентирана, се дека економската криза може уште повеќе да се почувствува следната година.
– Изгледите на македонската економија за 2022 година се доста црни. Уште на самиот почеток од годината ќе настапи значителниот пораст на цената на струјата. Нафтените деривати најверојатно уште одреден период ќе го задржат сегашното високо ниво, а можно е и дополнително да пораснат. Цените на храната на светскиот пазар бележат рекордни нивоа, незабележани со децении. Сето ова ќе се одрази на општиот пораст на цените и на пад на животниот стандард. Исто така, не смее да се заборави и на пандемијата, при што влошувањето на ситуацијата може дополнително да ја втурне економијата во проблеми – вели економистот Здравко Савески.
Според него, за стабилизирање на економијата ќе бидат потребни разни мерки што ќе даваат брзи решенија, но ќе мора да се решаваат и посистемски прашања.
– За да ја стабилизира состојбата со економијата, власта ќе треба интервентно да реагира, онака како што направи со замрзнувањето на цените на основните прехранбени производи. Но ќе мора да се зафати со посистемски прашања, како падот на капацитетот за производство на енергија и стагнантната состојба со земјоделството и производството на храна. Веќе ги гледаме ефектите, како од намалувањето на енергетскиот капацитет и растечката енергетска зависност од светскиот пазар така и од зголемувањето на цените на храната, поради намалените приноси во светски рамки. Ова не се лесни прашања за адресирање, но ние едноставно доаѓаме до крајот од периодот кога тие можеа да се ставаат под тепих – потенцира Савески.

Цените на храната на највисоко ниво, сепак се можни позитивни тенденции

Од друга страна, во анализата на „Блумберг“ се потенцира дека во третиот квартал од 2021 година, кинеската економија стагнира, што, според нив, се должи на падот на „Евергранд“ и одразот во доменот недвижности, но и рестрикциите поради новите соеви на ковид и недостигот од енергија. Посочуваат дека енергетската криза се очекува да се стабилизира во 2022 година, но другите два проблема можеби нема.
– Стратегијата на Пекинг за нулта ковид може да значи рестрикции поради ширењето на омикрон-варијантата. Дополнително падот на секторот недвижности, кој опфаќа 25 отсто од кинеската економија, може дополнително да го намали растот – се наведува во анализата.
Дополнително, аналитичарите сметаат дека и политичките превирања во Европа може да го разнишаат планираниот раст на европската економија.
– Солидарноста меѓу лидерите што го поддржуваат европскиот проект и активизмот на Европската централна банка да ги држи трошоците за задолжување под контрола ѝ помогнаа на Европа да ја преброди кризата со ковид. Во годината што претстои и двете би можеле да избледат. Борбата за италијанското претседателство во јануари може да ја наруши кревката коалиција во Рим. Франција оди на гласање во април, а претседателот Емануел Макрон се соочува со предизвици од десницата. Доколку евроскептиците добијат моќ во клучните економии на блокот, тоа би можело да го наруши мирот на европските пазари на обврзници и да ја лиши ЕЦБ од политичката поддршка потребна за одговор – пишува „Блумберг“.
Дополнителен проблем, според нив, се и потрошените резерви на владите, кои одвоија значителни суми за поддршка на работниците и бизнисите во пандемијата, поради што сега се најавува затегнување на „ремените“, што, според аналитичарите, упатува на забавување на закрепнувањето.
– Гладот е историски двигател на социјалните немири. Комбинацијата на ефектите од ковид и лошите временски услови ги доведоа светските цени на храната блиску до рекордно високо ниво и би можеле да ги држат покачени следната година – се наведува во анализата на „Блумберг“.
Укажуваат дека е можна ескалација на односите меѓу Кина и Тајван, што може да привлече и други светски сили, а војна во најлош случај меѓу суперсилите би повлекла санкции, замрзнати врски, недостиг од полуспроводници на светскиот пазар, што, пак, ќе се одрази врз производство на многу производи, од паметни телефони до автомобили.
Сепак, тие нагласуваат дека не секој ризик би се реализирал, туку дека напротив, некои очекувања може да дадат позитивни ефекти.
– На глобално ниво, домаќинствата седат на трилиони долари заштеди, благодарение на стимулацијата на пандемијата и насилната штедливост за време на заклучувањето. Ако тоа се потроши побрзо од очекуваното, растот би се забрзал. Во Кина, инвестициите во зелена енергија и пристапни станови би можеле да ги зголемат инвестициите… Во 2021 година, во многу земји, закрепнувањето беше изненадувачки брзо. Тоа е корисен потсетник дека некои работи би можеле да тргнат на подобро следната година – заклучуваат од „Блумберг“.