Фото: Игор Бансколиев

Со системски мерки и активности од страна на државата за подобрување на конкурентноста, но и со зајакнување на правната сигурност преку стабилна законска регулатива, ефикасна администрација, ревидирање на сите непотребни давачки кон државата во вид на непотребни разни такси и надоместоци, коморите сметаат дека може генерално да се подобрат перформансите на националната економија. Но Македонија мора да влезе во длабоки структурни реформи со нови радикални економски политики, друг развоен модел на националната економија, преструктурирајќи ја реалната економија и ставајќи ја истата таа во кондиција да биде конкурентна на европските и на светските пазари. Само двоцифрена бројка на раст ќе ни овозможи во реално време и на реален начин да се доближиме до европските економии…

АНАЛИЗА КАКО ДО ПОУСПЕШНА ЕКОНОМИЈА (3)

Македонија мора да продолжи со структурни реформи, сѐ додека дефинитивно се најде на патот кон одржливиот развој, со конкурентно стопанство, компатибилно со стопанството на Европската Унија. Во тој контекст, зголемувањето на конкурентноста на македонските компании, несомнено е главниот предизвик и приоритет на економската политика, при што растот на конкурентноста на приватниот сектор треба да се бара во рамките на друг развоен модел на македонската економија. Со дефинирањето на стратегиските приоритети и нивна примена може да се постигне забрзан економски развој. Некои од стопанските комори во Македонија, за нашиот медиум посочија неколку мерки со кои може да се забрза економскиот раст во земјава. Тие наедно изнесоа и свои ставови кои области во следниов период се очекува да растат на светско ниво, а оттаму посочуваат и дека истите тие можат да придонесат за развој и на македонската економија. Како дел од овие значајни сектори ги издвојуваат здравството, информациската технологија, земјоделството, металната индустрија и машинството… Во продолжение прочитајте што предлагаат стопанските комори за забрзан напредок на македонската економија.


СКСМ: Поддршката на инвестициската активност на македонските компании

Од Стопанската комора на Северна Македонија велат дека економската политика содржи разновидни елементи, при што некои од нив имаат перманентно значење како приоритети за постигнување забрзан и долгорочно одржлив економски раст и развој. Тука приоритетно спаѓа предвидливоста на економскиот амбиент, вклучувајќи и во поглед на регулативата и даноците.
– Во услови кога македонската економија е мала и отворена економија, ориентацијата кон извоз не е прашање на избор, туку прашање на опстанок. Во тој контекст, неопходно е да се има предвид сѐ што влијае на конкурентноста на македонската економија и како дополнување на она што го прави самиот приватен сектор континуирано да се преземаат системски мерки и активности од страна на државата за подобрување на конкурентноста – објаснуваат надлежните од СКСМ.
Притоа, додаваат оттаму, клучно е да се има јасна претстава за посакуваната структура на македонската економија, за да можат економската политика и мерките да се насочат онаму каде што се креира најголема додадена вредност и најголем нето-извозен ефект за земјата.
– Во целиот процес исклучително е важно да има огромна поддршка на инвестициската активност на македонските компании. Тоа ќе овозможи обнова на опремата за производство, користење нови технологии и зголемување на продуктивноста и конкурентноста. Работните места што ќе се отворат врз основа на зголемена инвестициска активност се и најодржливи на долг рок – сметаат од СКСМ.


ССК: Да им се обезбеди на деловните субјекти правна сигурност преку стабилна законска регулатива и ефикасна администрација

Според Сојузот на стопански комори на Македонија, македонската економија, која и онака е кревка, соочена со глобалната криза, дополнително се најде пред уште поголеми тешкотии и предизвици.
– Негативниот БДП, економските текови во застој, пораст на инфлацијата, ценовните шокови, само ги дополнија веќе постојните предизвици на патот кон одржлив развој. Она на што треба силно да се посветиме е стабилизирање на домашната економија, а дури потоа раст на истата таа, пред сѐ преку континуираност и навременост на мерките за поддршка, како и предвидливост, стимулирање на домашните компании за ширење, како на домашен така и на странски пазар, и поддршка на иновативност и претприемништво – нагласуваат од сојузот.
Тие додаваат дека е потребно да се инвестира и во човечки капитал, преку преквалификација и доквалификација на кадри за индустриите каде што има недостиг, зашто ниту една компанија, независно од кој сектор е, не може да функционира без компетентен кадар.
– Едни од основните начела за постигнување економска стабилност, нешто што сојузот континуирано го истакнува, е да им се обезбеди на деловните субјекти правна сигурност преку стабилна законска регулатива, ефикасна администрација, ревидирање на сите непотребни давачки кон државата во вид на непотребни разни такси и надоместоци. Особено важна е борбата против сива економија, која многукратно ги оштетува и регистрираните бизниси и државниот буџет – потенцираат од ССМ.
Како што велат тие, доколку креаторите на државните политики сериозно се насочат кон реализирање на сето ова што се потенцира, претпријатијата ќе ги постигнат потребната конкурентност и компатибилност на пазарот, и ќе почнеме да генерираме повисок раст.


МАСИТ: ИКТ-секторот расте по сите основи

ИКТ-индустријата и покрај пандемијата изминатата година успеа да оствари раст на извозот, со што се зголемија и приливите во овој сектор. Претставниците на стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ посочуваат дека во овој сектор има големи потенцијали и дека со искористување на истите тие може позитивно да се влијае на животниот стандард на граѓаните во земјава
– Како секторска комора што ги претставува ИКТ-компаниите во нашата држава, особено сме горди на нашите членки, кои имаат потенцијал да генерираат силен економски раст што се чувствува во целото општество воопшто. ИКТ-индустријата имаше раст по сите параметри изминатата 2020 година (остварени приходи, број на вработени, извоз) дури и во услови на пандемија и сериозна економска криза и е значаен придонесувач во државниот буџет од аспект на платени даноци и придонеси – вели Петар Лазовски, правен советник во стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ.
Тој дополнува дека ИКТ-секторот во нашата економија во 2020 година генерирал над 230 милиони евра од извоз, а дополнително со данокот што го платиле компаниите, како резултат на профитот што го оствариле, 12 и пол милиони евра се слеале во државниот буџет, што, според Лазовски, е сериозен финансиски импакт во буџетот на државата.
– Со стратегиско вложување од државата во ИКТ-индустријата, таа би придонела за зголемување на девизните приливи и државата од суровинско извозна може да се претвори во извозник на производи и услуги со висока додадена вредност. Со стимулација на ИКТ-секторот се стимулира и развојот на сите други сектори, што е неизбежен фактор за просперитет на секоја економија во развој. Од друга страна, висината на давачките кон државата по однос на плата на директен начин влијае на цената на работната сила, која е пресудна за постигнување конкурентност на фирмите на интернационално ниво и глобалната конкуренција, клучен предуслов за успешно деловно работење. Неконкурентноста на македонските фирми може да доведе до затворање на бизнисите, дислокација во соседни држави, а со тоа и миграција на работната сила. Оптоварувањето на цената на работната сила со фискални давачки влијае обратнопропорционално на генералната мисија за задржување на вработените – укажува Лазовски.
Од МАСИТ посочуваат дека со намалување на трошоците за даноци, во доменот на персоналниот данок, и дел од придонесите, се ослободуваат финансиски средства што работодавачите можат да ги инвестираат во нови вработувања, поголеми плати или научноистражувачки активности, со што, според нив, ќе се стимулира целата економија по сите основи, конкретно преку подобрување на животниот стандард на граѓаните, односно вработените.


МАТТО: И со следење на светските трендови до поголем економски раст

Корона-пандемијата донесе промена во сите области на општественото живеење. Оттука има промени на сите нивоа, почнувајќи од синџирите за снабдување, па сѐ до дефиницијата на клиенти, укажува претседателот на Стопанската комора на Македонија – Турција (МАТТО), Ајдован Адемоски, и дополнува дека секоја област на општественото живеење во услови на ваква пандемија се преиспитува себеси, се преструктурира и се реорганизира.
– Во оваа состојба неколку сектори се издвојуваат како значајни прозорци за можности: здравство, информациска технологија, земјоделство, метална индустрија и машинство. Највпечатливата промена во секторската распределба споредено со состојбата пред пет години е во измената на бројот на компании во одредени области. На пример, бројот на компании во областа на производство на прехранбени производи е зголемен за 10 проценти, додека, пак, бројот на компании во групата рударство и вадење камен е намален за 20 проценти. Овие сектори реализираа повеќе од половина од индустрискиот промет во 2020 година.
Што велат трендовите на светско ниво? Глобално приоритетни сектори се: хемија, лекови и медицински помагала, електромеханичка опрема, автомобилски и железнички системи, додека приоритетни области на развој се: земјоделството, одбранбената индустрија и туризмот. Со добра волја и организираност може да се постигне развој на значајните сектори и области и во Македонија. Но за да има резултати, мора да сфатиме дека клучни се инвестициите во квалитет, а не во квантитет, иако истиот тој мора да се постигне според потребите и можностите – укажува претседателот на МАТТО.

Според нивните анализи, Македонија треба да инвестира во области што од квантитет преминуваат во квалитет.
– Квалитетот што ќе го додадеме на нашите квантитети ќе биде факторот што ќе нѐ извлече од стапицата на ниски и средни приходи. Она што нам ни е потребно е раст од 6 проценти во неколку последователни квартали. Но друго е прашањето колку може да го постигнеме тоа. Кривата на економски раст се движи во нагорна линија, иако сѐ уште не се чувствува, но факт е дека веќе сме во тренд на раст – додава Адемоски.
Од МАТТО укажуваат дека придобивките од економскиот раст ќе се почувствуваат во сите сектори, невработеноста континуирано ќе се намалува, ќе се зголеми извозот, инвестициите ќе добијат тренд на раст и ќе се зголеми прометот на компаниите. Дополнуваат дека само на тој начин економскиот раст ќе допре до сите сегменти на општеството.
– Следниот период е исклучително важен и потребно е да се преземат активности во насока на справување со ризиците што ги донесе глобалната пандемија. Прво акцентот треба да се стави на подобрување на конкурентноста на микро, малите и средните претпријатија, кои имаат потенцијал за раст и за отворање работни места. Потоа, потребни се кредити за развој и пристап до финансии, ова особено за компании што сакаат да ги прошират своите дејности и да ги зголемат можностите на пазарот. Владата мора постојано да работи на подобрување на деловната политика и климата за инвестирање со тоа што ќе обезбеди пред сѐ правна сигурност. Дополнително, потребен е поттик за енергетска ефикасност, односно за вложување во обновливи извори на енергија – заклучуваат од МАТТО.

Катерина Михајлова
Петранка Огнаноска