Фото: Маја Јаневска-Илиева

Кои развојни стапки се потребни за буџетот да биде отскок за раст на БДП? На оваа тема разговаравме со економисти, кои даваат свои ставови и насоки што треба да се промени во буџетот за да добиеме повисок економски раст

АНАЛИЗА: БУЏЕТОТ КАКО ОТСКОЧНА ШТИЦА ЗА ЕКОНОМИЈАТА

Со предлог-буџетот за 2022 година, вкупните приходи се планирани на 238,9 милијарди денари и се за 7,4 проценти повисоки од годинава. Вкупните расходи се планирани во износ од 272,4 милијарди денари, што е за 1,4 отсто повеќе oд 2021 година. Дефицитот се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 отсто од БДП и е понизок за 2,2 процентни поени во однос на проценетиот дефицит во 2021 година. Во предлог-буџетот за 2022 година за капитални инвестиции се предвидени 37,8 милијарди денари, за околу 27 проценти повеќе во однос на 2021 година. Државниот буџет секоја година расте, но се зголемува и државниот долг. Владата планира економски раст од 4,6 отсто. Но дали е доволно развоен буџетот за да генерира толкав раст идната година со оглед на тоа што ќе се зголемуваат расходите? Дали воопшто предвидените капитални инвестициите ќе се реализираат и плановите ќе го постигнат посакуваниот ефект? Кои развојни стапки се потребни за буџетот да биде отскок за раст на БДП? Токму на оваа тема разговаравме со економисти кои дадоа свои ставови и насоки што треба да се промени во буџетот за да добиеме повисок економски раст.
Претседателот на Бизнис-конфедерација на Македонија, Миле Бошков, вели дека развојната компонента на буџетот е застапена и ветувачка, но сепак постои сомнеж во реализацијата, особено по новата политичка поставеност и однос помеѓу централната и локалната власт.

– Повеќе и реално се плашиме за „политичка нереализација“ отколку од капацитет и за реализација на развојни проекти. Прашањето е од кои пари односно приходи ќе се дополнува буџетскиот дефицит и од кои приходи ќе се дополнува/сервисира јавниот долг, тоа многу повеќе нѐ загрижува нас во БКМ – истакнува Бошков.
Според него, потребни се повеќе пари за поттикнување на инвестициите во јавниот и приватниот сектор, и тоа особено базирани врз сериозни и одржливи бизнис-планови.
– Повеќе средства во поттикнувањето на претприемништвото и отпочнувањето бизнис, поттикнување вработување и самовработување, вложување во образованието директно и индиректно, инфраструктурно поврзување и паметно геостратегиско планирање се инструменти што можат да генерираат раст на БДП – потенцира Бошков.
Од институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“ велат дека првпат предлог-буџетот за 2022 година е ставен во среднорочна перспектива, во контекст на три клучни планови: План за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст, План за јавни инвестиции и План за забрзан економски раст.
– Ваквиот тип планирање е значаен исчекор кон постигнување на поставените цели за повисок раст на среден рок и фискална консолидација. Сепак, предлог-буџетот не ја демонстрира кохерентноста на овие три плана, во смисла на нивно финансирање во 2022 година и на среден рок, и со квантитативно мерење на нивниот придонес кон постигнување на целите. Ова остава впечаток дека тие се само планови во буквална смисла на зборот, со висок ризик од значајни отстапувања и задоцнувања при нивната реализација – споменуваат од „Фајненс тинк“.

Како што велат оттаму, буџетот за 2022 година е дизајниран пред два клучни настани што се случија – прогласувањето и продлабочувањето на енергетската криза во земјава и нагорната корекција на Народната банка во поглед на инфлаторните движења во тековната и идната година.
– Вкупните неизвесности од продолжениот ефект од пандемијата, енергетската криза, која ќе влијае врз потенцијалот за инвестиции од фирмите и за потрошувачка кај граѓаните, заедно со притисоците врз цените, ја прават проекцијата за реален раст на БДП од 4,6 отсто во 2022 година, оптимистичка. Неостварувањето на проектираната реална стапка на раст ќе го поткопа планираниот обем на даночни приходи, што како ризик е идентификуван во буџетскиот документ. Сепак, во вакви околности, напорите за фискална консолидација и сведување на буџетскиот дефицит во разумни рамки се потребни – напоменуваат од „Фајненс тинк“.
Според нив, по турбулентните 2020 и 2021 година, структурата на буџетот се нормализира на претпандемиското ниво со значајно надувување на капиталните расходи.
– Најголемата категорија во буџетот, социјални трансфери, бележи реален пад поради ценовниот ефект, иако расте во номинален износ. Сепак, расходната страна не ги рефлектира заложбите во буџетскиот документ за намалување на непродуктивните трошења, посебно во две ставки, кои се пропулзивни на непродуктивно трошење: „стоки и услуги“ и „субвенции и трансфери“. Во реални износи, овие ставки се слични на нивото од пред пандемијата, а нивната структура останува „црна кутија“ и покрај повеќегодишните укажувања на експертската јавност за поголема транспарентност во овој сегмент – посочуваат од институтот.

Надлежните од „Фајненс тинк“ истакнуваат дека во структурата на капиталните расходи сите ставки бележат раст, освен расходите за купување мебел и вложувања и нефинансиски средства.
– Ефектот од капиталните инвестиции врз економијата не зависи само од тоа на кој начин ќе се испланираат туку и на кој начин ќе се потрошат. Со оглед на неизвесноста од пандемиската и енергетската криза, очекуваме значајно надолно коригирање на „развојните“ ставки со првиот ребаланс – напоменуваат од институтот.
Тие додаваат дека капацитетот за реализација на капиталните инвестиции останува ограничен. Капиталните инвестиции во БДП достигнаа максимум и опаѓаат во последните години, што го потврдува ограничениот капацитет на апсорпција на капиталните инвестиции.
– Дополнително, уделот на капиталните инвестиции во БДП се движи од 2,5 отсто до 3,7 отсто кога реализацијата достигнува максимум од речиси 85 отсто. Оттука, дури и при оптимистичко планирање, процентот на реализација на капиталните инвестиции ќе биде помал како што уделот на капитални инвестиции во БДП го достигнува својот максимум.
Потребна е идентификација на ограничувањата на капацитетот за трошење на планираните капитални расходи, за да се зголеми реализацијата и ефектот врз економскиот раст. И покрај многубројните укажувања на експертската јавност, Владата не понуди анализа на пречките што оневозможуваат целосна реализација на капиталните расходи, ниту евентуален акциски план за надминување на овие ограничувања – потенцираат од „Фајненс тинк“.

Според нив, неопходно е Министерството за финансии да понуди подлабинска анализа за ефикасноста на механизмот за поттикнување на извршувањето на капиталните расходи, наместо само да го декларира неговото постоење. Исто така, потребна е подетална анализа и идентификација на проблемите со кои се соочуваат одделните институции при реализацијата на капиталните инвестиции.
Универзитетскиот професор Трајко Славески смета дека се сомнителни како приходната така и расходната страна на буџетот, а огромниот буџетски дефицит ќе влијае на зголемување на јавниот долг и неговото учество во бруто-домашниот производ (БДП), додека, пак, капиталните инвестиции, вели тој, се нереално проектирани бидејќи досега се покажале дека не се реализирани.
– Грешката во проектирањето на буџетот за 2022 година е направена што се тргнало од нереални податоци, односно на предвидениот раст за годинава од 4,1 отсто, кој со оглед на досегашните статистички податоци и она што ја очекува економијата до крајот на годината нема да биде во толкав износ. Високофреквентните показатели за третиот квартал од оваа тековна година упатуваат дека растот во втората половина од 2021 година, најверојатно, ќе биде низок или можеби негативен. Во септември 2021 година има пад на индустриското производство и изнесува – 8 отсто, додека градежништвото во јули и во август забележува двоцифрен пад. Автомобилската индустрија се соочува со сериозни проблеми во синџирите на снабдување. Сето ова упатува дека растот во 2021 година, најверојатно ќе биде значително понизок од предвидениот – појасни Славески.
Тој вели дека многу е мала веројатноста и предвидениот раст на економијата од 4,6 отсто во следната година да се оствари. Причини за тоа има и на внатрeшен план, но и на надворешен.
– Министерството за финансии во буџетот за 2022 година предлага буџетски дефицит од 33 милијарди денари. Наместо да се предложи фискална консолидација и постепено враќање на буџетскиот дефицит на претпандемиските нивоа, во буџетот за 2022 година предлагаат огромен буџетски дефицит со образложение дека капиталните расходи ќе бидат повисоки од буџетскиот дефицит. Со ваквиот буџетски дефицит ќе продолжи растот на јавниот долг, кој и во моментов е над критичното ниво од близу 60 отсто од БДП – нагласува Славески.