Kвалитетните производи и услуги од Северна Македонија се добредојдени во Кина за влез на кинескиот пазар и Кина се надева дека Северна Македонија ќе продолжи да обезбедува отворено, фер, правично и недискриминирачко деловно опкружување за кинеските инвеститори, вели кинескиот амбасадор во земјава Џанг Ѕуо

ИНТЕРВЈУ: Џанг Ѕуо, амбасадор на НР Кина

Во постепидемиската ера односите меѓу Кина и Северна Македонија ќе постигнуваат постојан раст, со поблиски контакти меѓу луѓето, попрактични размени и соработка во различни области, истакнува Џанг Ѕуо, амбасадор на НР Кина во нашата земја во интервјуто за „Нова Македонија“. Како што вели тој, Кина е подготвена да работи со Македонија за да ги искористи значајните можности што ги дава проектот „Еден појас, еден пат“ и стабилно да ја промовира практичната соработка во различни области, како што се трговијата, инфраструктурата, земјоделството, културата, образованието и здравствената заштита.

Во време кога светот се бори со пандемијата на ковид-19 како ги оценувате економската и политичката соработка помеѓу Народна Република Кина и нашата земја?
– Пандемијата на ковид-19 предизвика глобална криза и светот влезе во период на превирања и промени. Во меѓувреме, очекувањата на луѓето од сите земји за соработка и одлуки што носат добивка за сите вклучени страни се интензивираа. И Кина и Р Северна Македонија се посветени на мултилатерализам и, особено откако започна пандемијата, двете земји покажаа заемно разбирање и соработка, зајакнувајќи ја основата за заемна доверба и продлабочувајќи го пријателството помеѓу нашите два народа. Кина и Северна Македонија ја продолжија својата традиција на контакти на високо ниво. Во февруари оваа година, претседателот Ши Јинпинг и премиерот Зоран Заев присуствуваа на успешен видеосамит на водачите на Кина-ЦЕЕЦ и постигнаа важен консензус за заедничка соработка во справување со предизвиците на епидемијата и за промовирање на економското закрепнување.
Практичната соработка на Кина со Северна Македонија го поддржа овој тренд, со билатерална трговија што порасна за 7,3 отсто во 2020 година. И Кина се искачи од позицијата на седми најголем трговски партнер на Северна Македонија на четвртата позиција и остана најголем трговски партнер на Северна Македонија надвор од Европа 10-та година. Двете страни исто така потпишаа договори за помош за здравствени и социјални услуги и втора фаза од мрежата за образование.
Кина е подготвена да работи со Северна Македонија за спроведување консензус меѓу нашите лидери, одржување комуникација и координација во билатералната и мултилатералната сцена, да се придржува кон меѓусебно почитување и секогаш да се третираме едни со други како еднакви и да промовира соработка за да постигнеме повеќе резултати во корист на нашите два народа.

Гледано глобално, Народна Република Кина беше една од ретките економии што забележа раст во 2020 година и покрај предизвиците што ги постави пандемијата на коронавирусот. Какви мерки помогнаа во закрепнувањето на економијата и какви се вашите очекувања во иднина?
– Во 2020 година, соочени со невидени ризици и предизвици во светот, претседателот Ши Јинпинг лично управуваше и го водеше кинескиот народ да се бори против ковид-19, поддржувајќи ја надмоќта на луѓето и животот. Постигнати се големи стратегиски резултати во превенцијата и контролата на епидемијата. Кина стана единствената голема економија со позитивен раст во светот во 2020 година, извојувајќи сеопфатна победа во борбата против сиромаштијата и постигнувајќи убедливи резултати во решеноста да се изгради умерено просперитетно општество во сите аспекти. Како најголема земја во развој, особено е извонредно што можевме да одржиме стабилна состојба на вработување и покрај огромното влијание. Нето-годишниот приход на сиромашните луѓе според евиденцијата по жител се зголеми од 2.982 кинески јуани во 2015 година на 10.740 кинески јуани во 2020 година, постигнувајќи ги целите за намалување на сиромаштијата поврзани со Агендата за одржлив развој на ООН за 2030 година, 10 години пред предвидениот рок.
За Кина, 2021 година е значајна година. Двете сесии неодамна завршија со усвојување на 14-от Петгодишен план и долгорочните цели во текот на 2035 година, изготвувајќи план за идниот развој на Кина и започнувајќи ново патување за изградба на модерна социјалистичка земја. Оваа година се одбележува јубилеј од 100 години од основањето на Комунистичката партија на Кина и почетокот на 14-от Петгодишен план (2021-2025), во кој ќе напредуваме кон втората стогодишна цел врз основа на елиминирање на апсолутната сиромаштија и градење умерено просперитетно општество.
Првиот чекор е да се постигне основната модернизација до 2035 година преку спроведување на 14-от Петгодишен план, а вториот чекор е да се изгради модерна социјалистичка земја до 2049 година, на стогодишнината од основањето на Народна Република Кина, во основа реализирајќи заеднички просперитет за сите луѓе. Ова значи дека Кина влезе во нова фаза на развој и ние целосно ќе го имплементираме новиот концепт за развој, ќе ја забрзаме изградбата на нова развојна парадигма со домашен промет како столб и домашна и меѓународна трговија што се зајакнуваат една со друга и непоколебливо ќе промовираме висококвалитетен развој, така што кинескиот народ може да ужива во посреќен и поудобен живот.
Кинеската комунистичка партија (КПК), преминувајќи од стогодишнината како партија на стогодишнина како владејачка партија, отсекогаш се придржувала кон концептот за развој насочен кон народот. Основната цел на развојот на Кина е да му се овозможи на кинескиот народ да води добар живот, а Кина сѐ уште е земја во развој и треба да помине долг пат за да постигне модернизација. Развојот на Кина е важен придонес за мирот и стабилноста во светот, просперитетот и развојот. Кина ќе спроведе високо ниво на отворање кон надворешниот свет и подобро ќе учествува во меѓународната економска соработка, што ќе донесе повеќе можности за сите земји да ги споделат плодовите на развојот на Кина. Се верува дека ова ќе придонесе за подобро усогласување меѓу пазарите во Кина и пазарите на земјите од Централна и од Источна Европа, вклучувајќи ја и Северна Македонија, и ќе помогне во закрепнувањето на економијата и одржливиот развој на земјите од Централна и од Источна Европа.

Нашата земја и Народна Република Кина имаат воспоставено успешна соработка на различни проекти. Дали оваа соработка ќе продолжи и во иднина и дали можеме да очекуваме нови проекти кога ќе заврши пандемијата за да се унапредат размената на луѓе и трговските врски?
– И двете земји се наоѓаат во важна фаза на развој, соочени со широки перспективи и големи можности, со долгогодишно традиционално пријателство и добра основа за заемно корисна соработка. Пред епидемијата, многу кинески претприемачи планираа да ја посетат Северна Македонија за да направат истражување на пазарот, што укажува на тоа дека кинеските инвеститори се оптимисти за предностите на македонската локација и деловното опкружување. Кина е подготвена да работи со Северна Македонија за да ги искористи значајните можности што ги даваат „Еден појас, еден пат“ и соработката на Кина и земјите од Централна и од Источна Европа и стабилно да ја промовира практичната соработка во различни области, како што се економијата и трговијата, инфраструктурата, земјоделството, културата, образованието и здравствената заштита.
Kвалитетните производи и услуги од Северна Македонија се добредојдени во Кина за влез на кинескиот пазар и Кина се надева дека Северна Македонија ќе продолжи да обезбедува отворено, фер, правично и недискриминирачко деловно опкружување за кинеските инвеститори. Кина го поддржува Центарот за координација Кина-ЦЕЕЦ за културна соработка во Северна Македонија да игра активна улога во продлабочувањето на билатералните и мултилатералните практични размени во различни области на културата на сите нивоа.
Очекувам повеќе кинески туристи да дојдат во Северна Македонија по епидемијата и пријатели од Северна Македонија се добредојдени да ја посетат Кина.
Верувам дека во постепидемиската ера односите меѓу Кина и Северна Македонија ќе одржат постојан раст, со поблиски контакти меѓу луѓето, попрактични размени и соработка во различни области и заедничко унапредување на соработката Кина-ЦЕЕЦ за постигнување повеќе практични резултати.


Со нарачката на вакцините покажавте високо ниво на доверба во Кина

Имунизацијата на македонските граѓани требаше да започне со вакцината „Синофарм“. Која е причината за доцнењето на дистрибуцијата, кога и колку вакцини треба да пристигнат во нашата земја?
– Од избувнувањето на епидемијата, Кина и Северна Македонија работеа заедно за да ги надминат тешкотиите и да соработуваат во борбата против епидемијата. Кинеската влада обезбеди две групи итна опрема за лична заштита за Северна Македонија минатиот април и јули. Министерството за надворешни работи и Националната здравствена комисија на Кина двапати одржаа видеоконференции за споделување информации и искуство со Северна Македонија за борба против епидемијата заедно со другите земји од Централна и од Источна Европа. Локалните самоуправи како Нанчанг, Јинченг, како и кинеското граѓанско општество и претпријатијата, донираа антиепидемиски материјали и преку разни канали го споделија своето искуство во борбата против епидемијата со Северна Македонија.

Кинеската амбасада во Северна Македонија исто така се потруди да обезбеди итна помош за државните оддели што беа во првите борбени редови и за ранливите групи во борбата против епидемијата.
Одлуката од страната на Северна Македонија да набави вакцини од Кина го покажува нејзиното високо ниво на доверба во Кина. Кина ѝ придава големо значење на потребата на страната на Северна Македонија за вакцини и ги поддржува релевантните претпријатија во комуникацијата со Владата на Северна Македонија за набавка на вакцини. Кина е подготвена да продолжи да работи заедно со страната на Северна Македонија за продлабочување на соработката за вакцините и да ѝ помогне на Северна Македонија во борбата против епидемијата.
Веруваме дека по тестот со епидемијата на векот, односот помеѓу Кина и Северна Македонија ќе се зајакне и традиционалното пријателство ќе се продлабочи.