Eвропскиот весник „Политико“ пишува дека поради новите ограничувања воведени за спречување на коронавирусите во Германија, возачите алармираат дека се третирани крајно нехумано. И домашните транспортери укажуваат дека времето на чекање на граница е значително зголемено

ПРЕВОЗНИЦИТЕ ПОВТОРНО НА УДАР ПОРАДИ ЗАСИЛЕНИТЕ МЕРКИ ПРОТИВ КОВИД-19

Километарските колони со камиони повторно се редовна слика пред граничните премини кај дел од европските земји и покрај ветувањата дека нема да има прекин на транспортот на стоки. Долгите колони пред границите почнаа да се создаваат со воведувањето дополнителни контроли и поради задолжителните тестови за камионџиите, во обид да се задржат новите мутации на ковид-19. На оваа проблематика укажуваат возачи од различни земји-членки на Унијата, поради што темата беше дискутирана и на видеоконференцијата меѓу лидерите на Европската Унија. Со тешкотии за влез во Германија се соочуваат и домашните превозници, кои укажуваат дека мора да имаат негативен тест не постар од 36 часа и дека се создаваат огромни колони за влез во Германија, со што им се зголемуваат трошоците.
– Превозниците во овој период се соочуваат со огромни застои, пред сѐ, за влез во Германија и принудени се да чекаат во долги колони на граничните премини помеѓу Чешка и Германија за да направат тест не постар од 36 часа. Поради овие причини се зголемува времето на превоз и трошоците што ги имаат за конкретен превоз, но сепак, не можат да ги зголемат цените на превозот затоа што постои опасност да не бидат ангажираат од страна на организаторите на превоз, односно од корисниците на превозот – вели Билјана Муратовска, генерална секретарка во асоцијацијата на превозници „Макам – транс“.

Како што пишува европскиот весник „Политико“, поради новите ограничувања воведени за спречување на коронавирусите во Германија, возачите алармираат дека се третирани како говеда.
Во текстот е посочено дека претставниците на транспортната индустрија и креаторите на политиките токму на оваа тема дискутирале на видеоконференцијата што се одржа меѓу лидерите на ЕУ. Поради новите ограничувања на границите наметнати од неколку земји, транспортерите се ставени во хаотична ситуација, пишува „Политико“.
Една година по првите потврдени случаи на коронавирусот во Европа, што ги натераа земјите да ги затворат своите граници, возачите на камиони повторно го носат најголемиот товар поради ограничувањата за патување, овој пат во обид да се запре увозот на мутации на свежи вируси. „Политико“ истакнува дека овие рестрикции се воведуваат и покрај повеќемесечните ветувања од Брисел за заштита на слободното движење.
– Минатата година нѐ третираа како херои, сега нè третираат како говеда. Ова е ноќна мора – рече Константин Костаче, романски возач на камион, за воведените гранични протоколи, додека се подготвуваше да испрати товар во Германија од Болоња, Италија.
Претходно Германија ги обележи Чешка, Словачка и регионот Тирол во Австрија како ризични „области на мутација на вируси“. Беше посочено дека возачите на камиони што влегуваат од тие области мора да имаат доказ за неодамнешниот негативен тест за коронавирус. Чешките и тиролските власти навремено воведоа слични ограничувања на нивната страна од границите.

Германија е една од седумте земји, вклучувајќи ги и Холандија и Франција, кои бараат негативни тестови од транспортерите, иако има „значителни разлики“, кажа Метју Болдвин, заменик-генерален директор на Одделот за мобилност на Комисијата пред членовите на Европскиот парламент.
– Иако многу од тие контроли не предизвикаа големи нарушувања, сепак германските пречки „токму во срцето на Европската Унија“ го оптоваруваат ветувањето дека ќе има „зелени ленти“ со кои граничните чекања ќе бидат под 15 минути – рече Болдвин и дополни дека секој ден од минатата недела на границите се забележуваат долги редови на камиони.
Тој појасни дека резултатите од тестирањата укажуваат дека камионџиите не претставуваат голем ризик за пренесување на ковид-19, бидејќи само малкумина испаднале позитивни на тестирањето извршено во Ирска, Велика Британија и во Италија.

Од 17.000 теста меѓу камионџиите спроведени од чешките власти, помалку од 34 испаднале позитивни.
„Политико“ посочи дека италијанските власти побрзале да постават објекти за брзо тестирање во близината на австриската граница, но камионите сѐ уште се задржуваат со часови.
– Полицијата не нѐ прашува дали сѐ е во ред, дали ни требаат вода, храна. Ние сме како овци, рамо до рамо со нив – вели Костаче, додавајќи дека се плашел да не се зарази додека чекал за тестирање меѓу толпата возачи.
Комисијата на ЕУ во понеделникот испрати писма до шест земји, вклучувајќи ги и Германија и Белгија, со барање да ги ублажат ограничувањата. Комесарот за правда Дидие Рејндерс истакна дека претерале со мерките, а комесарот за транспорт Адина Волеан оти ограничувањата го доведуваат во опасност здравјето на транспортните работници.
Мерките на Германија се во спротивност со патничките упатства на кои земјите од ЕУ се согласија месецов. Упатството вели дека од вработените во транспорт не треба да се бараат тестови и дека треба да се повлечат ограничувачките мерки.
„Политико“ пишува дека германските ограничувања се огромен удар врз Брисел, поради директно спротивставување на принципот на зелени ленти за слободно движење на стока, што Комисијата го воведе за време на првиот бран на пандемијата. Ветувањето за зелени ленти беше една од најважните работи што ЕУ и Комисијата ги направија за да се справат со непосредното влијание на пандемијата, истакна австриската европратеничка Барбара Талер.

И покрај ваквата загриженост, портпарол на германското министерство за внатрешни работи потврди дека мерките ќе бидат продолжени барем до 3 март. Рестрикциите создаваат голем притисок на внатрешниот пазар, призна германскиот министер за Европа, Михаел Рот, но додаде дека здравјето на граѓаните е приоритет.
– Тоа беше тешка одлука, особено по болното искуство со повторното воведување на граничните проверки во пролетта минатата година, но без тестови, тоа нема да успее – вели Рот.
Лидерите се загрижени дека мутираните верзии брзо ќе се шират и дека можеби помалку ќе реагираат на вакцините, па додаваат дека без контролите може да биде полошо од ова што го гледаме денес. Болдвин рече дека Комисијата се служи со сите мерки за да ги олесни ограничувањата, но земјите ја задржуваат контролата над своите национални граници и нема моќ да го смени сето тоа.
Групата за патнички транспорт ИРУ ѝ напиша на германската канцеларка Ангела Меркел молба да се откаже од барањата за тестирање на камионџиите.
Некои земји се залагаат за заобиколување, вклучувајќи ослободувања за транзитен сообраќај и продолжување на важноста на тестовите на 72 часа или подолго, наместо на германското ограничување од 48 часа. Тие исто така бараат тестови да се спроведат во самите возила или во нивната близина за да се избегнат групирања.

Петранка Огнаноска
Катерина Михајлова