Кина и САД се во состојба да ги надминат несогласувањата и да ги обноват своите добри односи, ако работат заедно во духот на взаемно почитување, изјави денеска во Пекинг кинескиот премиер Ли Кечијанг пред група американски политичари.
– Продлабочниот и стабилен развој на кинеско-американските односи служи на заедничките интереси и на основните интереси на народите на двете земји – рече Ли пред неколкумина сенатори републиканци и еден член на Претставничкиот дом.
Тој изрази надеж дека Вашингтон и Пекинг „ќе се сретнат на сред пат” и ќе пројават „мудрост да ги надминат пречките и да работат заедно во духот на взаемно почитување и рамноправност”. Кинескиот премиер додаде дека двете земји дури би можеле да ја продлабочат нивната соработка.
Кина и САД се во состојба на трговска војна, откако двете земји воведоа царини за увоз на голем број стоки. Претседателот на САД Доналд Трамп одамна се заканува дека ќе воведе давачки во вкупна вредност од 500 милијарди долари на целиот кинески увоз, ако Пекинг не ја промени својата политика во областите на интелектуалната сопственост, трансферот на технологија, субвенционирање на индустријата и пристапот до внатрешниот пазар.
Сенаторот од Тенеси, Ламар Александер му порача на Ли дека американската делегација дојде за да оддаде почит „кон една голема земја и еден голем народ”.
– Вашата земја и нашата земја се конкуренти, а не непријатели. И ние веруваме дека со меѓусебно почитување може да продолжиме заедно да напредуваме – изјави Александер.