За понатамошен развој и поголем раст на бројот на туристите во земјава неопходно е угостителите да обезбедат врвна услуга, што побргу да се завршат почнатите инфраструктурни проекти низ целата земја и тоа не само изградба на автопатишта туку и повеќе регионални патни правци. Неопходно е донесување детални урбанистички планови, за да се знае каде што може да се гради, за да се има убаво испланиран простор, а не само згради туку уредено крајбрежје или уредено планинско место со што ќе се привлечат уште повеќе туристи
Нова стратегија за развој на туризмот, план и програма за поддршка на туризмот, но и изградба на соодветна патна инфраструктура низ целата држава, создавање урбанистички планови за развој на туристичките места, организирање на јавниот превоз во туристичките места се само некои од неопходните чекори за развој на туризмот во земјава.
Во изминативе години се забележува раст на посетите, особено на странските туристи во земјава, но, сепак, упатените велат дека има широк простор и потенцијал за уште поголем раст и за поголемо учество на туризмот во бруто-домашниот производ.
– Факт е дека имаме раст на посетите од странски туристи, и тоа од некои 10-15 проценти. Годинава дополнително имаме и повеќе склучени договори со туроператорите, кои се обврзуваат да пополнат 70 проценти од капацитетите, а, според најавите, тие ќе исполнат и 80-90 отсто од планираното. Ова значи дека добро се продаваме кај странците, а мора да истакнам дека имаме раст и кај домашните гости, но не толку голем – вели Крсте Блажевски претседател на Асоцијација на хотели, ресторани, кафетерии и автокампови (ХОТАМ).
Според Државниот завод за статистика (ДСЗ), бројот на туристите во 2017 година изнесува 998.841, од кои 36,9 процени се домашни туристи, а 63,1 отсто се странски туристи. Во споредба со претходната година, се забележува зголемување на учеството на странските туристи за околу 3,6 проценти во вкупниот број туристи.
Во анализата „Македонија низ бројки, 2017“ од ДЗС наведуваат дека бројот на ноќевањата во 2017 година изнесува 2.775.152, од кои околу 53,3 проценти се од домашните туристи, а околу 46,7 отсто од странските туристи. Во споредба со претходната година, бројот на ноќевањата на странските туристи во вкупниот број ноќевања е зголемен за 3,8 проценти.
Првиот човек на ХОТАМ додава дека иако статистички се гледаат сите посети во земјата, сепак, вели, битни се и посетите од комерцијална намена, како бизнис-средби или конференции, за кои се неопходни резервација во хотел, и хотелско сместување, што значи повторно парите влегуваат во угостителскиот сектор.
Според ДЗС, најмногу туристи во Македонија во 2017 година дошле од Турција, Србија, Бугарија, Грција, Холандија, Германија, Полска, Албанија, Косово, Хрватска…
– Најмногу посети имаме од Холандија, и тие резервираат подолг период, од мај до средината на октомври. Додека Полјаците, кои, исто така, ги има во поголем број, доаѓаат од јуни до август, или од јули до септември – истакнува Блажевски.
Растот на туристи во Македонија, според експертот за туризам, Зоран Николовски, се должи на неколкугодишните развојни програми и напори за привлекување туристи. Тој посочува дека раст има во сите типови посети на земјава, не само кај класичниот туризам, туку и кај алтернативниот, но и во бизнис-посетите, а, според него, овој раст ќе продолжи и во следните две до три години.
– Сѐ што се работело изминатиот период придонесе за раст на посетите. Но, и за понатаму да се зголемуваа посетеноста потребно е кревање на јавната свест, кај сите, не само кај инволвираните во туризмот, туку кај сите граѓани, но и нова стратегија за понатамошен развој на туризмот – додава Николовски.
Блажевски, пак, додава дека за понатамошен развој и поголема посетеност компаниите и угостителите треба да обезбедат врвна услуга, а дека државата треба да обезбеди инфраструктура, бидејќи странските туристи не сакаат да седат само на едно место, туку многумина сакаат да прошетаат низ целата држава.
– За да можат да видат повеќе места со изнајмени автомобили, на туристите им се неопходни квалитетни патишта, и тоа не само изградба на автопатишта туку и повеќе средени регионални патни правци. Државата може да му помогне на туризмот и со организирање разни манифестации, меѓународни конгреси, симпозиуми, потоа со развој на медицинскиот туризам, со помош или поволни кредити за објектите за медицински туризам, кои треба да се вклучат во привлекувањето туристи и тоа во текот на целата година – истакнува Блажевски.
Според него, неопходно е донесување детални урбанистички планови, за да се знае каде што може да се гради, за да се има убаво испланиран простор, а не само згради, туку уредено крајбрежје или уредено планинско место со што ќе се привлечат уште повеќе туристи.