Договорот од Преспа е корисен и за двете земји и со помош на европските програми ќе донесе и економски придобивки, вели алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос на денешниот брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина.
– Овој Договор со Северна Македонија, сметаме дека е национално корисен за нас и заемно корисен и за двете земји. Во областа на моите надлежности, економската дипломатија, веќе разговараме како би можеле да имаме програми за поддршка на инфраструктурите и на границите. Регионот на Преспа е навистина преубав, го немав посетено во минатото. Размислуваме итно да искористиме капитали од програмата Интерег за да можеме да имаме еден опиплив резултат, дека решението има резултат во пракса и на економско ниво – рече Катругалос.
Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, додаде дека во иднина двете земји ќе треба да ги разгледаат прашањата што се однесуваат на економските страни на Договорот, како што е случајот со производите.
Катругалос, кој е надлежен за економска дипломатија и европски прашања, изрази надеж дека со текот на времето ќе бидат видливи и економските придобивки за двете земји.
– Милам дека како што поминува времето, особено во Северна Грција ќе се покажат не само стратешките и геополитичките придобивките од Договорот, што обезбедуваат стабилоност на Балканот, ова е секако е важно за нас, туку и економските придобивки што ќе ги има Северна Грција од развојот на соработката со Северна Македонија, а исто така и обратно, придобивките што ќе ги има оваа земја од соработката со нас – рече Катругалос во одговор на прашањето на дописничката на МИА од Атина, во однос на придобивките од Договорот.