Забавувањето на реализацијата на клучни капитални инвестиции на Македонија (првенствено автопатишта) е главна причина за големата подреализација во првата половина од 2018 година, покажуваат анализите на „Фајненс тинк“
Реализираните капитални инвестиции се на алармантно ниско ниво, кои водат до други опасности за економијата. Во првата половина од 2018 година, реализацијата на капиталните инвестиции на државата изнесува 16,6 отсто од буџетираните капитални инвестиции. Со тоа, капиталните инвестиции и понатаму забележуваат значајна подреализација.
Според институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, тенденцијата на подреализација на капиталните инвестиции е присутна во последната деценија. Во однос на последниот ребаланс на буџетот во секоја од набљудуваните години, додаваат оттаму, реализацијата на капиталните инвестиции секогаш се движела помеѓу 80 и 90 отсто, додека во однос на првично планираната сума помеѓу 50 и 60 отсто.
– Забавувањето на реализацијата на клучни капитални инвестиции на државата (првенствено автопатишта) е главната причина за големата подреализација во првата половина од 2018 година. Ова забавување има клучна рефлексија врз вкупниот економски пораст во Македонија, со оглед дека капиталните инвестиции на државата се важна детерминанта на заживувањето на економската активност – нагласуваат од „Фајненс тинк“.
Тие велат дека подреализацијата на износот во првата половина од 2018 година е под износот на подреализациите од претходните години.
– Со предвидената динамика на реализација и имајќи ги предвид претходните искуства за мало забрзување на реализацијата на капиталните инвестиции кон крајот на годината, износот на искористување на капиталните инвестиции ќе достигне до 40 отсто од првичниот буџет. Оттука, неминовно е дека ќе дојде до потребата да се реализира претходната практика на ребаланс на буџетот за пренамена на средствата, кои е очигледно дека ќе останат неискористени до крајот на годината – објаснуваат од „Фајненс тинк“.
Оттаму сметаат дека Министерството за финансии треба да ја информира јавноста што е клучна слабост во реализацијата на капиталните инвестиции и да се заложи за нивна што поголема реализација до крајот на годината.
– Јавноста треба да биде информирана за што ќе бидат реалоцирани вишокот средства со извесниот ребаланс на буџетот и како тие ќе придонесат за динамизирање на економскиот пораст – појаснуваат од институтот.
Економистите велат дека првата половина од годината секогаш е со помала реализација на капиталните расходи, но дека оваа година податоците укажуваат на алармантно ниско ниво, кое не се должи на немање пари во буџетот, бидејќи приходите се задоволителни, туку се должи буквално на слабата реализација на инвестициите.
– Треба да го ревидира методот на проектирање на капиталните расходи во буџетот. Циклусот на планирање на капиталните инвестиции (повеќегодишен) е многу подолг од циклусот на планирање на тековните трошења (едногодишен), што е во полза на намалување на грешката при проектирање. Потребно е да се напушти политиката на свесно првично проектирање повисоки износи на капитални расходи и нивно следствено кратење со ребаланси на буџетот во текот на календарската година, што беше одлика на водењето на фискалната политика порано – истакнуваат од „Фајненс тинк“.
Како што велат оттаму, Македонија нема капацитет да ги финансира сите продуктивни инвестиции одеднаш, па потребен е општествен консензус околу нивната приоритизација.
– Ваква дебата треба да потекне од самото Министерство за финансии, со соодветна студија за тоа какви и кои капитални инвестиции ѝ се потребни на Македонија и со вклучување на сите засегнати страни, првенствено бизнис-заедницата, како и академската и граѓанската заедница – сметаат од институтот.
Според нив, ребалансот на буџетот ќе овозможи нивелирање на буџетските проекции, натфрлање на собирањето на данокот од добивка и увозните давачки и потфрлање кај персоналниот данок од доход и ДДВ.
Професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, вели дека е потребна капитална инфраструктура, а сѐ друго треба да се остави за време кога ќе има поинтензивна економска динамика, засега со овој годишен економски пораст од 2 отсто не може да се направи тоа.
– Подобро зголемен дефицит од оправдани и продуктивни јавни расходи, кои не само што ќе поттикнат пораст туку ќе поттикнат и пораст на потенцијалот, отколку државата да има намален дефицит на штета на капиталните и продуктивните инвестиции – нагласува Беџети.
Според податоците од Министерството за финансии за капитални расходи, државата годинава во шесте месеци потрошила само 65,3 милиони евра, што е точно 16,6 отсто од предвидените пари за годинава. Имено, за оваа намена во годинешниот буџет се предвидени 392 милиони евра.
Инаку, вкупните приходи се реализирани околу 47 проценти од вкупно предвидените, а расходите се реализирани речиси 45 отсто.