Социјалниот дел од буџетот пораснал за 70 отсто, а капиталните инвестиции пораснале за 14 отсто последните 10 години, тука има голем дисбаланс и како држава треба да ни бидат приоритет капиталните инвестиции, бидејќи тие се крвотокот, слика на секоја влада

ВЕЌЕ ЦЕЛА ДЕЦЕНИЈА НЕ СЕ ОСТВАРУВААТ БУЏЕТСКИТЕ ПРОЕКЦИИ ШТО СЕ КЛУЧНИ ЗА РАЗВОЈ НА ЕКОНОМИЈАТА

Амбициозните планови за капиталните инвестиции веќе десетици години се повторуваат, но без успех за реализација. Иако инвестициите за капиталните проекти значат живот за македонската економија, сепак нивното потфрлање за сметка на социјалните и на други непродуктивни трошења стана хроничен проблем.
Оваа година, за повеќе од шест месеци се реализирани само една третина од капиталните проекти. Заклучно со јули, за изградба на училишта, за гасификација, патишта, градинки, за пруги, потрошени се 133 милиони евра. Со ребалансот на буџетот, кој е во собраниска процедура, Владата ги зголеми средствата за оваа намена на околу 500 милиони евра. Но прашањето е дали воопшто е изводливо да се потрошат над 350 милиони евра за помалку од половина година или повторно ќе бидеме со испланирани, а нереализирани проекти, како и претходните години.
За слабата реализација, бизнис-секторот прво вината ја гледа во работата на Собранието, недоволните капацитети и неспособноста на административците да одговорат на предизвикот, но и во немањето комуникација меѓу Владата и реалниот сектор. Од Владата, пак, велат дека генерално се задоволни како тече динамиката на реализацијата.
Според претседателот на Бизнис-конфедерација на Македонија, Миле Бошков, имајќи предвид како функционира приватниот сектор и тешкотиите во реализацијата на инвестициите, навистина е сомнително дека е изводлива замислата за реализацијата на сите капитални инвестиции.

– Капиталните инвестиции треба да ги подобрат услугите кон граѓаните и да генерираат поврат на средства, на тој начин се подобрува квалитетот на животот во општеството. За жал, тие не се спроведуваат поради „загубарската неодговорност“ во инвестициите и спроведувањето, а, пак, да не говорам за одржливоста и пазарната логика и принцип на поврат на инвестициите – вели Бошков.
Тој смета дека е потребна одржлива стратегија, но за да се спроведе таа стратегија треба да се знае и предвиди резултатот при подготовката на истата таа. Кај нас постојано се менуваат плановите и иницијативите што не содејствуваат со стратегиите, така што најпрво треба да се зголемат свеста и одговорноста при реализација на капитални инвестиции.
– Мора да се најде начин да се стегне ременот, да се штеди и разумно да се троши. Ние како држава само ги зголемуваме дефицитот и јавниот долг, наместо да ги намалуваме, а парите се трошат и пренаменуваат главно за непродуктивни работи, наместо да се потрошат на капиталните инвестиции – посочува Бошков.
Универзитетскиот професор Борче Треновски споменува дека постои дисбаланс помеѓу социјалниот дел од буџетот и капиталните инвестиции.
– Социјалниот дел од буџетот пораснал за 70 отсто, а капиталните инвестиции пораснале за 14 отсто последните 10 години, тука има голем дисбаланс и како држава треба да ни бидат приоритет капиталните инвестиции, бидејќи тие се крвотокот, слика на секоја влада – објаснува Треновски.
Според него, капиталните инвестиции ги тестираат политичката култура, разбирање и волја да ги надминат теснополитичките интереси во корист на граѓаните и да овозможат реализирање на вистинските капитални проекти без разлика на субјективната политичка сопственост врз истите тие.
Како што велат упатените, лошото планирање на парите за капитални инвестиции и лошата техничка реализација се едни од причините зошто се потрошени само малку пари од планираните за крупни проекти.

Од Стопанската комора на Македонија додаваат дека треба да се преземат сите активности за максимизирање на реализацијата на капиталните инвестиции во земјава, со максимално вклучување на домашните компании.
– Треба да се форсираат јавните инфраструктурни трошења, кои ќе имаат ефект врз државата, на пример како патот Кичево – Охрид, патот Росоман – Прилеп, гасната инфраструктура и слично. Никому во државава не му е јасно зошто не се градат патиштата за кои има проекти, отпочнати се и за кои има кредити на располагање – сметаат од Стопанската комора на Македонија.
Бизнис-секторот бара од власта да покаже поголема храброст во реализацијата на капиталните проекти, а помалку да троши за работи што генерираат долгови, а не носат додадена вредност, да не страдаат капиталните проекти за сметка на социјалните и непродуктивни трошоци.