Најголем дел од времето што превозниците го поминуваат во чекање на граничните премини отпаѓа на процедурите за фитосанитарна и ветеринарна контрола, што ги задржува на границите околу три часа, но и подолго од еден ден, покажуваат резултатите од мониторингот на товарните возила на граничните премини Ќафасан и Табановце, што го спровеле тимови на Стопанската комора на Македонија.
Оттаму апелираа што поскоро да се реализира најавата за заеднички гранични контроли со Србија и со Албанија за да се намалат времето на чекање и транспортните трошоци, кои влијаат на конкурентноста на производите. Бараат да се интензивира потпишувањето на потребните билатерални договори и очекуваат заеднички контроли најдоцна од 1 октомври годинава.
– Покрај тоа што бизнисот ги презема сите неопходни мерки во делот на рационализација на своите процеси за производство, за да се создадат конкурентни производи, неминовна е потребата да се вклучат државите од регионот да го помогнат процесот, да го олеснат транзитот и да го скратат времето ако сакаме економиите од регионот да создадат конкурентни производи наменети за странските пазари – нагласи Анета Трајковска, оперативна директорка во Стопанската комора на Македонија.
Таа наведе примери за проблемите со кои се соочуваат превозниците, посочувајќи дека од македонска страна ветеринарните и фитосанитарните контроли работат од седум до 19 часот секој ден, но дека според укажувањата на превозниците, во Србија таквите контроли не функционираат во викендите.
– Иако на ГП „Табановце“ од македонска страна е воведена втора, т.н зелена лента за камионските превозници со приоритет, и постапката е релативно брза, кога камионите ќе се упатат на српската страна се пренасочуваат на една лента и настанува тесно грло и зголемено чекање. Дополнително таа постапка се усложнува што веќе последниот месец од српска страна и при влез и излез се поставуваат уреди за следење на сите товарни возила, кои влегуваат или ја напуштаат Србија, така што и тој процес доведува до зголемување на времето на чекање на граничните премини – објаснува Трајковска.
Мониторингот покажал дека застој на преминот Ќафасан предизвикуваат и скенирањата на возилата на албанска страна затоа што тамошните служби чекаат да се соберат повеќе камиони и откако ќе заврши царинската процедура ги пуштаат одеднаш на македонска страна.
– Во одреден дел од денот буквално нема ниту еден камион, а потоа наеднаш доаѓаат шест-седум. Затоа е и иницијативата на СКМ да се спроведуваат заеднички контроли со што би се преполовило сегашното време за процедурите – вели Анета Димовска, советничка во комората.
Со фитосанитарната и ветеринарната контрола, како што појаснува таа, проблем се создава и кај нас.
– Доколку одреден камион пристигне во текот на ноќта на Ќафасан нотиравме и дека не постои постојано присутно лице за ветеринарна контрола, а превозниците треба претходно да се најават за да дојдат надлежни лица за таква контрола. Всушност, превозниците што превезуваат ваква стока и чекаат некогаш повеќе од еден ден условно речено ги создаваат метежите на граничните премини – дополни Димовска.
Стопанската комора на Македонија смета дека треба да се направи и дополнителна компаративна анализа за времетраењето на процедурите на граничните премини во државава, Србија, Албанија, Косово, БиХ и во Црна Гора.
Поттик за спроведениот мониторниг биле податоците што ги објави минатата година Светска банка, а според кои товарните возила губат 80 проценти од времето чекајќи на граничните премини, а преостанатите 20 проценти им се во движење на автопатиштата. Чекањето, особено во балканските држави, според тие податоци, ја намалува вредноста на извозот за еден процент, а кај земјоделските производи намалувањето може да достигне и до седум проценти. Е.Р.