Фирмите со нула вработени се редовна појава, особено во земјите каде што тие лесно се отвораат, но треба да се разликуваат тие што навистина функционираат само со управител од оние што, користејќи ги дупките во законите, не регистрираат вработени за да избегнат плаќање давачки кон државата, како и фирмите што целосно се нефункционални, но поради одредени административни пречки и ненамирени обврски, не се избришани од регистрите, објаснуваат експертите
Од вкупно 73.061 активна фирма за минатата година, 6.036 фирми се со нула вработени иако остварувале годишен промет. Најголемиот број фирми без ниту еден вработен се мали фирми, но има и компании што иако остваруваат значителен обрт и деловна актива, поради што се категоризираат и како големи, функционираат само со управител. Според Државниот завод за статистика, тие фирми се најмногу од секторите трговија на големо и на мало и консултантски услуги. Оваа година поради пандемијата, бројот на фирми без вработени се намалил во споредба со 2019 година кога имало 7.565 фирми, додека, пак, во 2018 година тој број изнесувал 8.221.
Според експертите, фирмите со нула вработени се редовна појава, особено во земјите каде што тие лесно се отвораат, но треба да се разликуваат тие што навистина функционираат само со управител од оние што, користејќи ги дупките во законите, не регистрираат вработени за да избегнат плаќање давачки кон државата, како и фирмите што целосно се нефункционални, но поради одредени административни пречки и ненамирени обврски, не се избришани од регистрите.
Така, управителка на фирма за авторски договори во Скопје, на пример, вели дека сама си отворила фирма, и наедно е и управителка и единствената што работи таму. Таа додава дека засега има работа колку за неа, па затоа и не го шири бизнисот и не вработува други луѓе. Од друга страна, пак, некои компании намерно ги држат вработените како хонорарци, за да ги скратат трошоците при што управителите се единствените што се водат како вработени.
Економскиот аналитичар Здравко Савески вели дека дури 10 отсто од фирмите се фактички непостојни. Проблемот, како што смета тој, е во тоа што нивните управители не можат да ги затворат, поради комплицираната процедура што државата ја наложува во таквите случаи.
– Поради тоа, тие фирми продолжуваат долго време да фигурираат само на хартија. Ова посочува на друг, посериозен проблем – краткиот животен век на многу фирми. Огромен процент од фирмите во Македонија, над 90 отсто, се фирми што имаат до 10 вработени. Многу од нив луѓето ги отвориле откако останале без работа (мали дуќанчиња) или имале нешто повеќе пари, па решиле да ги вложат и да си обезбедат подобра егзистенција – објаснува Савески.
Како што додава тој, ваквите фирми многу брзо ги уништува конкуренцијата, тие влегуваат во долгови и се добиваат фирми што, поради долгови, не можат да бидат затворени, па фигурираат во статистиката како фирми со нула вработени.
– Ова бара и преиспитување на мерката од активните политики за вработување на Агенцијата за вработување, кредитирање за отворање свој бизнис, како начин за вработување на невработените лица. Треба да се види, на терен, колку преку оваа мерки невработените лица обезбедиле трајно решение за својата егзистенција или отвориле фирма со краток животен век, која донела заглавување во долгови и, статистички, дополнителен број фирми со нула вработени – објаснува Савески.
Некои бизнисмени сметаат дека кога би се вовел закон каде што сопственикот, имателот, директорот или компанијата мора да имаат вработени, тогаш тоа би влијаело и на намалување на нелојалната конкуренција кај малите, големите и средните компании.
Од бизнис-секторот велат дека во светот не е невообичаено да има фирми без вработени и истовремено тие да заработуваат милиони, особено ако станува збор за фирми ќерки на некои поголеми корпорации. Но постојат сомнежи дека некои од нив прават измами или затајуваат даноци, па затоа и немаат вработени бидејќи ги плаќаат на рака.
– Во трговијата на мало, ако се работи во две смени, заради почитување на Законот за работни односи, треба да има најмалку двајца вработени или, пак, во градежништвото заради Законот за безбедност и здравје при работа. Додека, пак, ако трговецот работи само една смена, тогаш и не мора да има вработен – вели даночниот експерт Павле Гацов.
Тој додава дека заради создавањето поволни услови за отворање бизниси, Македонија овозможува отворање фирми без да поседуваат деловен простор, односно без да имаат докази за користење деловен простор под закуп и без да имаат вработени лица.
– Тоа е така за да им се овозможи да застанат на нозе, па потоа да започнат да вработуваат. Компаниите се основаат во согласност со Законот за трговските друштва, а вработувањето се врши со почитување на одредбите на Законот за работните односи. Овие два закона имплицитно не наложуваат компаниите да имаат вработени лица, но посебни одделни прописи ја налагаат обврската за вработување – потенцира Гацов.
Тој споменува дека во овие фирми треба да се следат сите исплати, особено оние што се однесуваат на користење консултантски услуги од странство и да се зајакнат контролите во случај на сомнеж за одбегнување на плаќањето данок.