Економското закрепнување во светот, но и во Македонија сѐ уште е попречено од пандемијата и нејзините последици, а клучни фактори на ризик се инфлаторните притисоци. Македонската економија ја засегаат прашањата околу можната енергетска криза, бранот поскапувања на прехранбените производи и услуги, како сето тоа ќе се одрази на растот на економијата, но и врз граѓаните, дали реално може да очекуваме толкав раст оваа година и дали ценовните притисоци нема да влијаат на стабилизацијата на економијата
Ценовните притисоци и стабилизацијата на економијата
Светската банка ја зголеми прогнозата за растот на БДП на земјава за годинава од 3,6 отсто на 4,6 отсто. Причини за подобрената прогноза се растот од 5,2 отсто во првото полугодие, зголемената приватна потрошувачка, напливот од инвестиции и зголемената владина побарувачка во второто тримесечје.
Економското закрепнување во светот, но и во Македонија сѐ уште е попречено од пандемијата и нејзините последици, а клучни фактори на ризик се инфлаторните притисоци. Македонската економија ја засегаат прашањата околу можната енергетска криза, бранот поскапувања на прехранбените производи и услуги, како сето тоа ќе се одрази на растот на економијата, но и врз граѓаните, дали реално може да очекуваме толкав раст оваа година и дали ценовните притисоци нема да влијаат на стабилизацијата на економијата.
Според Благица Петрески, директорката на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, нивната прогноза уште од почетокот на годината за растот на БДП е 4,1 отсто и таа во септември била задржана, односно ниту намалена ниту зголемена.
– Имено, закрепнувањето на економијата се одвива со солидно темпо, што на ниската основа од -4,5 отсто од 2020 година ќе продуцира задоволителна стапка во 2021 година. Секако, предизвици постојат, првенствено тоа е траењето на корона-кризата и четвртиот делта-бран низ кој сѐ уште поминуваме, а којшто наметна рестриктивни мерки на страната на потрошувачите, поточно сегментот потрошувачи којшто не е вакциниран и чие движење низ трговијата и услугите на мало е отежнато – вели Петрески.
Втор предизвик во моментов, додава таа, се притисоците кај цените, првенствено оние што граѓаните лесно ги забележуваат, на малопродажни производи по маркетите и зелените пазари, но и притисоци врз цените што се јавуваат во синџирите на додадена вредност, поради отежнато снабдување со делови што главно се произведуваат во далечните азиски земји, како и притисоци врз цените на енергентите поради притисокот во Европа за побрза транзиција кон зелената агенда.
– Во моментов, нашата процена е дека најголем дел од ценовните притисоци се од привремен карактер и тие ќе се намалат и ќе исчезнат до првата половина од 2022 година. Токму поради привремениот карактер, се очекува економските политики – пред сѐ, монетарната и фискалната, да не се затегнуваат, токму за да не наштетат на посткризното заздравување и со тоа проектираниот раст да може да биде испорачан – истакнува Петрески.
Според Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, планираниот раст на нашата економија од 4,6 отсто во 2021 година е остварливо, но не треба да се смета како „големо достигнување“ затоа што тој раст само го компензира падот од 4,5 отсто што го имавме во 2020 година што го предизвика корона-кризата.
– Во секој случај, сметам дека ова е добро затоа што во 2022 веќе се отвораат шанси за „реален“ раст со кој конечно ќе ја надминеме 2019 година. Сепак, енергетската криза може да предизвика одредени проблеми, но се надевам дека тие нема да го нарушат планираниот раст за оваа година. Позитивно е што во земјите од Европската Унија се враќа оптимизмот кај потрошувачите по застојот и големиот пад на потрошувачката за време на здравствената и економска криза – објаснува Димитров.
Што се однесува до инфлацијата, тој споменува дека таа е очекувана и е одраз на случувањата во 2019 и 2020 година, кога сите влади во светот мораа да издвојат огромни суми за спас на економијата, а оваа потрошувачка немаше покритие со зголемен обем на производи и услуги.
– Инфлацијата не би требало негативно да влијае на порастот на БДП, бидејќи во некои периоди мала и контролирана инфлација може позитивно да влијае на економскиот раст на земјата – вели Димитров.
Шефицата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, истакна дека развиените економии ќе се вратат на нивоата пред пандемијата до следната година, додека на повеќето во развој и на оние во развој ќе им требаат години за да го сторат тоа.
– Клучниот фактор на ризик се инфлаторните притисоци, кои треба да ослабнат во повеќето земји следната година, со исклучок на некои економии во развој. Засега, централните банки не мора да ја заоструваат монетарната политика, туку треба да бидат подготвени да преземат акција на краток рок, доколку закрепнувањето се забрза посилно од очекуваното или ако ризикот од инфлација стане вистинска закана – потенцира Георгиева.