Најчести причини на младите да заминат, пред сѐ, се институционалната неефикасност, недовербата во институциите, неефикасното владеење на правото, слабиот здравствен систем, несоодветното вработување и плата во споредба со образованието, отсуството на вредности, отсуството на професионално унапредување и обука, тврдат аналитичарите
Одливот на високообразовани луѓе од Македонија станува сериозен проблем. Заминувањето на високообразовани граѓани во странство резултира со недостиг од образован и квалификуван кадар во фирмите во земјава. Според процените на Светската банка, во 2010 година околу 29 отсто од високообразованите луѓе заминале да живеат и да работат во странство, а пак во 2019 година стапката изнесува речиси 40 отсто или повеќе од една третина од високообразовниот кадар.
Според Стопанската комора на Македонија, незапирлив е трендот на одлив на високообразован кадар од земјава, но велат дека овој тренд постои и во Европа и на глобален план.
– Причините се од различна природа, најчесто се смета дека се од финансиска природа или од квалитетот на животот во нашата земја. Несоодветни плати во однос на искуството и образованието има, но има професии како оние во ИТ-секторот, со кои младите можат веднаш по дипломирањето да се вработат и да имаат солидна плата, а тие сепак се решаваат да заминат од нашата земја – велат од СКМ.
Кога зборуваме за квалитетот на животот, додаваат од комората, најчести причини на младите да заминат, пред сѐ, се институционалната неефикасност, недовербата во институциите, неефикасното владеење на правото, слабиот здравствен систем, несоодветното вработување и плата во споредба со образованието, отсуството на вредности, отсуството на професионалното унапредување и обука.
– Од друга страна, пак, реалноста е дека во секој град има факултет и бројот на млади со високообразовни квалификации е голем, па не може да бидат апсорбирани од реалниот сектор, бидејќи на реалниот сектор му се потребни лица и со пониско ниво на квалификации за непречено течење на работните процеси – објаснуваат од комората.
Оттаму истакнуваат дека одливот на високообразовани луѓе станува сериозен проблем што го менува пазарот на работна сила во земјава.
– Се јавува неусогласеност помеѓу понудата и побарувачката на квалификации што резултира со недостиг од високообразован и квалификуван кадар во компаниите и фирмите во земјава и многу ги чини и земјата и реалниот сектор. Тие мора дополнително да вложуваат во дообуки и преквалификации на лицата што ги вработуваат или на веќе вработените лица – истакнуваат од СКМ.
Според нив, празнините во понудата и побарувачката можат да се пополнат доколку се понудат квалификации што се потребни на пазарот на трудот, атрактивни студии за сметка на помалку привлечните, поттик за соработка со странски истражувачи и практична обука на студентите во компании и фирми за да ги почувствуваат духот на компанијата, организациската поставеност и да стекнат стручни вештини покрај теоретското знаење. Дополнително работодавците ќе можат да ги препознаат како свој иден кадар и по дипломирањето да ги вработат.
– Од круцијално значење за развојот на нашето стопанство и економија е да се работи на решавање на проблемот и да се најдат начини висококвалификувани кадри да останат и да работат во земјава. Ние имавме национална стратегија за намалување на одливот на високообразован кадар и за вмрежување и соработка 2013-2020, но и покрај вложените ресурси за изработка на ваков значаен стратегиски документ за намалување на одливот на високообразовани и стручни кадри, стратегијата не заживеа во практиката.
Сепак, доколку ја зголемиме атрактивноста на нашата земја како место за работа и за ангажман на млади високообразовани лица со тоа што правниот систем ќе ја врши својата функција, ќе имаме ефикасна администрација, зајакнување на здравствениот систем што ќе се фокусира повеќе на превенцијата, а помалку на лекувањето, повисоки плати, вработувањето да се реализира според соодветното образование и вредности, отсуство на непотизам, може да придонесеме за враќање на младите од идејата за да ја напуштат земјава – нагласуваат надлежните од комората.
Тие велат дека дополнително може да се работи на поддршка на приватниот сектор да ангажира млади со високо образование, да се работи на враќање на интелектуалната младина со ангажирање на македонските емигранти во македонските институции и поддршка на нивниот иновативен начин на работење, грантови за наши иселеници да инвестираат во бизниси во Македонија, поддршка на истражувачи со македонско потекло, како и отворање научни зони во кои ќе инвестираат нашите иселеници.
Горан Рафајловски од „Рафајловски консалтинг“ вели дека е неопходна сериозна економска програма изработена врз основа на попис, која ќе покаже што ни недостига.
– Ние како бизнис-заедница веќе со години бараме да се направи економска програма, да знаеме што навистина поседуваме, каков кадар имаме и кон што се стремиме. Проблемот не е лесно решлив, ова е навистина сериозна тема на која ѝ е потребен сериозен пристап – објаснува Рафајловски.
Тој истакнува дека на нашиот пазар недостигаат образовани среднисти, како електричари или работници во дрвната индустрија, а од друга страна имаме голем број млади што завршуваат општествени науки и нема каде да се вработат и си одат од државава. Друг проблем, како што вели тој, е што веќе со години Владата е најголемиот работодавец, што е лошо за развојот на економијата.