Во земјите-членки на Европската Унија невработеноста е директно поврзана со нивото на образованието, покажала анализа на „Евростат“, според која, во 28-те членки на Унијата невработеноста е помала кај високообразованите граѓани, додека, пак, е повисока кај оние со понизок степен на образование. Иако за Македонија нема толку директни показатели, поточно анализа колку од невработените се со ниско или со високо образование, сепак, одредени статистики укажуваат дека образованието не е во директна корелација со вработувањето.
Имено, во соопштението на Државниот завод за статистика, насловено „Активно население во Република Македонија – резултати од анкетата за работна сила“, може да се забележи дека има висок процент на невработени високообразовани граѓани, така што во вториот квартал на 2018 година високообразовани и невработени биле 39.925 граѓани, што е за нијанса помалку од бројот на невработените лица со основно образование, кој изнесувал 40.381.
Упатените во проблематиката честопати укажуваат дека во последниве години на нашиот пазар недостигаат работници од различни профили, чии знаења и вештини се стекнуваат со средна стручна спрема.
– Кај нас доминира мислењето меѓу младите дека ако завршат факултет полесно и побрзо ќе се вработат, што не е точно. Има многу млади што завршуваат гимназии и факултет, и потоа не прифаќаат да го работат тоа што се нуди на пазарот, туку чекаат да се отвори позиција според струката. Поради тоа остануваат невработени, ако треба и подолго време, но не прифаќаат да работат за ниски плати – вели Раде Ненадиќ од агенцијата за привремени вработувања „Партнер“.
Тој додава дека има млади лица што ја напуштаат државата, но работа во странство претежно успеваат да најдат оние со високо техничко образование, додека лицата со стекнато образование од областите на општествени науки не би можеле да најдат работа во струка во развиените земји.
– Германија важи за земја што привлекува најмногу работници, бара занаетчии, инженери, лекари, медицински сестри… Кај нас има многу луѓе што за да се иселат ќе прифатат да работат што било во другите земји, но тука не прифаќаат секакви работи, туку остануваат невработени. Особено неприфатливо за нив е да работат во некоја од трудоинтензивните дејности, каде што платите се навистина ниски – додава Ненадиќ.
Инаку, состојбата што на ниво на Европската Унија ја констатирал „Евростат“ има тренд на засилување.
– Стапките на невработеност значително се разликуваат според нивото на постигнување образование, со тенденција да бидат повисоки за лицата со пониско ниво на образование споредено со оние со високо, односно терцијарно ниво на образование. На ниво на ЕУ-28, стапката на невработеност на лицата што имаат ниско ниво на образование се зголеми од 10,1 отсто во 2002 година на 12,5 проценти во 2018 година, додека се намали кај оние што имаат високо ниво на образование од 4,3 на 3,9 отсто – се вели во анализата на „Евростат“.
Јазот во стапките на невработеност помеѓу оние што стекнале високо ниво на образование и оние што стекнале најниско средно образование, се проширил од 2002 до 2018 година во ЕУ-28, кога од 5,8 процентни поени пораснал на 8,6 процентни поени.
Одделно, во членките на ЕУ, јазот бил особено изразен во 2018 година во Словачка (24,8 п.п.), Литванија (16,4 п.п.) и во Латвија (13,3 п.п.), додека јазот беше најтесен во Кипар и во Португалија, каде што изнесувал по само 2,2 процентни поени.
Со сосема поинаква ситуација од онаа во ЕУ, како пример се посочува Турција, една од земјите-кандидати за членството. Во Турција, во 2016, 2017 и 2018 година стапката на невработеност на лицата со високо образование беше малку повисока од стапката на невработеност на лицата со ниско ниво на образование.