Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници пристапи во Сојузот на стопански комори (ССК). Договорот го потпишаа претседателот на Туристичко-угостителската комора при ССК, Владимир Граматиков, и претседателот на МАТВП, Димитар Кавраков, информираа од комората.
По потпишувањето на договорот, Граматиков истакна дека заедно ќе дејствуваат кон застапување на интересите на асоцијацијата во сферата на нејзиното работење, пред институции и организации, на национално, регионално и на интернационално ниво.
– Нѐ чека многу тежок период, состојбата во секторот туризам и угостителство, кој движи и други сродни дејности е загрижувачка.
Предизвиците се големи за сите нас, но веруваме дека со заедничка соработка и со обединет туристички сектор, со соодветна институционална поддршка и добра стратегија ќе успееме да ја надминеме кризата предизвикана од пандемијата. Последиците може да се ублажат со сеопфатни мерки за поддршка за да се помогне за одржување на ликвидноста на претпријатијата и нивно опстојување. Дополнително, неопходна е меѓународна промоција на земјата, адаптирање на моделот на субвенционирање спрема потребите на пазарот и поддршка на авиосообраќајот како главен двигател на туризмот – истакна Граматиков и додаде дека не смее да дозволиме згаснување на дејности, кои се особено важни и високоценети во напредните земји.
Претседателот на МАТВП, Кавраков, рече дека туристичките водичи веќе трет месец како не ја остваруваат својата дејност, а не се опфатени во пакетот економски мерки за поддршка на стопанството.
– Од почетокот на пандемијата на ковид-19, туристичкиот сектор во земјава претрпува големи загуби поради затворањето на границите и откажувањето на аранжманите од страна на странските туроператори. За таа цел, Владата донесе пакет мерки во туристичкиот сектор во кој беа вклучени хотелите, угостителски објекти и туристички агенции, но, за жал, не и туристичките водичи. Во моментот како резултат на пандемијата туристичките водичи трпат големи финансиски загуби поради откажаните аранжмани, немаат никаква поддршка, а уредно плаќаат даноци кон државата за дејноста што ја остваруваат. Во заштита на интересите на колегите покрај сите писмени барања, институционално доставени до Министерството за економија и до Владата, кои се однесуваат на финансиска поддршка, засега немаме одговор – истакна Кавраков.