Доколку најавеното затворање на економиите е краткорочно, како што е најавено засега, тоа нема да има големи последици врз македонската економија. Во спротивно, ако продолжат рестрикциите во текот на повеќе месеци, последици ќе има и за европската и за македонската економија
Празничното затворање на голем број европски држави, меѓу кои и на главните трговски партнери на Македонија, како и најавените построги мерки за заштита на јавното здравје во земјава, повторно во прв план го исфрлија прашањето за издржливоста на економијата. Тоа е нагласено особено во делот на потрошувачката и извозот на производите наменети за малопродажбата, која, според логиката на нештата, најмногу би требало да биде погодена од најавените мерки.
Како што вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија, секое затворање на малопродажните објекти, угостителството или други економски оператори значи пад на економијата.
– Овој период е многу значаен, бидејќи за време на божиќните и новогодишните празници во минатите години се правеше најголемиот промет во текот на годината. Луѓето купуваа подароци, славеа, се дружеа и повеќе патуваа. Затоа сигурно ќе има ефект врз нашите нарачки во овој период. Дали и кога ќе се надмине ситуацијата, ќе зависи од тоа кога операторите повторно ќе почнат со работа и кога здравствената криза, предизвикана од ковид-19, ќе се намали – смета Димитров.
Тој додава дека притоа е многу важно кај граѓаните да се вратат оптимизмот и желбата да ја зголемат потрошувачката, во спротивно последиците ќе се чувствуваат подолг период.
– Како што е најавено, затворањето ќе трае до 20 јануари, во овој период ќе поминат и нашите празници, па по овој период да се надеваме дека состојбата, како со здравствената криза, така и со падот на економијата, ќе почне да се подобруваа – објаснува Димитров.
Инаку, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека вкупната вредност на извозот на стоки од нашата држава во периодот јануари – октомври 2020 година бележи пад од 12,8 отсто во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари – октомври 2020 година е за 11,5 проценти помала во споредба со истиот период од претходната година.
Економските експерти велат дека од големо значење е закрепнувањето на економската состојба кај нашите најголеми надворешнотрговски партнери, пред сѐ Германија, но во моментов загрижува фактот што се затвора најмоќната европска економија и се заканува да го продлабочи падот во трговската размена со нашата држава ако продолжат рестрикциите и по празниците. Иако затворањето засега е краткорочно, колку може ова негативно да дејствува врз економијата, сепак земјите од ЕУ се главен трговски партнер, со учество од речиси 70 отсто од вкупната надворешна трговија на македонската економија, а учеството на Германија во извозот на Македонија е околу 50 отсто.
Според Стопанската комора на Македонија, за да се оценат последиците од новите мерки во некои европски земји, битни се два аспекта, како времетраењето на мерките и структурата на извозот.
– Доколку најавеното затворање на економиите е краткорочно т.е едномесечно, како што е најавено засега, тоа нема да има големи последици врз македонската економија. Во спротивно, ако продолжат рестрикциите во текот на повеќе месеци, европската економија ќе има поголеми последици, а со тоа и македонската економија, поради влијанието врз извозот – објаснуваат од СКМ.
Оттаму додаваат дека најголем дел од македонскиот извоз кон Германија не се производи за широка потрошувачка, која е најпогодена од рестрикциите, освен во делот на текстилната индустрија. Најголем дел од извозот кон Германија се машини и транспортни уреди, 927 милиони евра во првите десет месеци од 2020 година, или 43 отсто од извозот кон Германија, и хемиски и сродни производи 883 милиони евра, или 41 отсто, на кои рестрикциите нема да имаат влијание.
– Но извозот на готовите производи, околу 255 милиони евра, или 11,8 отсто од вкупниот извоз секако ќе биде под удар на новите рестриктивни мерки. Според тоа, новите рестриктивни мерки во европските земји ќе имаат умерено влијание врз македонската економија, најмногу во делот на извозот на готови производи за потрошувачка – велат од СКМ.
Според нив, компаниите што извезуваат суровини, полупроизводи и делови што се вградуваат во готови производи во земјите од ЕУ врз основа на долгорочни договори за соработка нема да имаат значаен негативен ефект, доколку не дојде до продолжување на рестриктивните мерки на подолг временски период.