Домаќинствата со повисок приход имаат тенденција да ги вложат парите во недвижнини и бизниси токму од таа причина што каматните стапки се ниски и неповолни за штедење. Од друга страна, пак, нашата земја се соочува и со висока стапка на сиромаштија, а тоа е дополнителен значаен фактор што влијае на нивото на штедни влогови
Во македонските банки граѓаните имаат депозити во износ од 4,082 милијарди евра, за една година депозитите на населението забележале пораст од 8,69 отсто. Но и покрај порастот на штедните влогови, Македонија сѐ уште е под просекот на Европската Унија. Прашањето е дали причината за тоа се ниските каматни стапки за штедење, кои и во последниве неколку години значително се намалија, поради што опаѓа и заработката на штедачите, или, пак, фактор е и стапката на сиромаштија на вработените лица, која изнесува 9 отсто за 2017 година
Од Народна банка на Република Македонија велат дека ги повикаат банкарите на пазарот да понудат нови иновативни депозити што ќе бидат прифатливи.
– Со оваа мерка ќе се мотивираат штедачите да ги оставаат парите кај банките и со тоа ќе пораснат и штедните влогови, но и нивниот капитал – сметаат од НБРМ.
Според упатените, во Македонија има и вработени што се сиромашни и не можат да ги задоволат основните потреби, а уште помалку да штедат.
Стапката на сиромашни вработени лица е 9 отсто, објави Државниот завод за статистика за 2017 година. Исто било и во 2016 година, додека во 2015 година, стапката на сиромашни вработени лица изнесувала 8,9 отсто. Пред пет-шест години Македонија имала уште поголем број вработени а, сепак, сиромашни граѓани.
Ива Трајковска, економска аналитичарка од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ вели дека штедните влогови имаат значаен придонес за финансиската стабилност во една економија, како и за нејзиниот економски пораст.
– Поттикнувањето и мотивирањето на граѓаните да ги штедат своите пари во банките овозможува поголема ликвидност на банкарскиот систем, а со тоа и повеќе расположливи кредити за инвестирање – смета Трајковска.
Таа нагласува дека довербата во банкарскиот систем е навистина голема во Македонија, а тоа се потврдува и со зголеменото ниво на штедни влогови во изминатиот период.
– Нови иновативни депозити секако би влијаеле позитивно на економијата, но сепак треба да се внимава на поставување на оптималното ниво на каматни стапки, за да не се занемарат и алтернативните начини на штедење. Сепак одлуката за штедење зависи од повеќе фактори – објаснува Трајковска.
Таа истакнува дека домаќинствата со повисок приход имаат тенденција парите да ги вложат во недвижнини и бизниси, токму од таа причина што каматните стапки се ниски и неповолни за штедење.
– Од друга страна, пак, нашата земја се соочува и со висока стапка на сиромаштија, во 2017 година стапката на сиромашни лица во Македонија изнесуваше 22,2 отсто по социјални трансфери, а тоа е дополнителен значаен фактор што влијае на нивото на штедни влогови – нагласува Трајковска.
Како што вели таа, дополнително, кога се зборува за штедење, треба да се земат предвид и менталитетот и степенот на развиеност на културата за штедење во земјата. Една од причините поради кои граѓаните и понатаму штедат во банки, и покрај малата заработка, е фактот што немаат каде на друго место да ги вложат средствата, а не се сите подготвени да се вклучат со тргување со хартии од вредност, велат упатените.
– Факт е дека имаме намалувaње на каматите на депозитите, но тие го следат падот и на каматите на кредитите. Ако се разгледа низ годините висината на каматите на кредитите и на депозитите, ќе се забележи дека разликата меѓу нив секогаш е слична. Точно е дека поради големиот пад на каматите на депозитите се намалува и стимулот кај граѓаните за депонирање на средствата во банка, односно за штедење, бидејќи заработката е многу мала. Намалената заработка е причина граѓаните да се вртат кон друг тип инвестирање, поточно кон купување акции и хартии од вредност, но има и такви што вложуваат и во недвижнини. Сепак, искуството покажува дека мал дел граѓани ќе се решат на таква инвестиција, бидејќи ја сметаат за поризична – вели професорот и поранешен гувернер Љубе Трпевски.